КАТЕРИНА ШЕКЕРОВСКА - Утрински / 30.11.2007
Декември, по традиција, во последниве неколку години беше месецот кој со нетрпение го очекуваше македонската јавност. Тогаш, некаде при крајот, кога ситно се бројат деновите од старата и се чека новата година, Тоше Проески секоја година го одржуваше својот традиционален хуманитарен концерт под мотото „Со музика за живот“. Нему најмногу му се радуваа дечињата без родители, младите со посебни потреби, повозрасните и сите оние што имаат потреба од дополнителна нега, зашто како новогодишен подарок, покрај донацијата, задолжително добиваа и карта за концерт на својот миленик. Проески никогаш не ги забораваше - редовно ги поздравуваше во првите редови, со дел од нив ќе запееше и на бина, ги гушкаше, милуваше... Тој сакаше да помага, да развесели сечие секојдневје, да утеши и да стивне нечија болка. Оваа година Тоше прерано се поздрави со сите, па и со своите штитеници. Порано го направи величествениот хуманитарен концерт заедно со УСАИД под мотото „Образованието е одговорност на сите“ на Градскиот стадион, каде што (како никогаш досега) собра околу 30.000 публика и 106.000 долари. Целиот приход е наменет за реновирање на дотраените основни училишта и за подобрување на условите во кои се едуцираат децата низ целата држава. „Ова беше најголемиот хуманитарен концерт одржан во Македонија досега и ова е најголемата сума пари собрана од публиката за училиштата“, изјави Кит Прентон, директор на проектот на УСАИД за основно образование. „Бидете сигурни дека ние ќе направиме се' за училиштата и учениците да имаат директна корист од овие средства, онака како што сакаше и Тоше“. А Тоше токму со дел од собраните средства помогна и во реновирање на сопственото основно училиште „Никола Карев“ во Крушево. Не ја криеше радоста што неговите сограѓани ќе учат во многу подобри услови од него. Во август 2004 година официјално стана национален амбасадор за децата на УНИЦЕФ Тоше Проески често знаеше да појде и да види до каде се реконструкциите, поправките, како се децата... Тој честопати ја посетуваше Детската клиника во Скопје, каде што со негови донации се реновираше еден од одделите кои беа во дотраена состојба. Шеташе низ болничките ходници, бараше начин како дополнително да помогне, ги бакнуваше болните дечиња. Срцето му се кинеше кога ги гледаше болни, но насмевката што ја изнудуваше на нивните лица со својата појава го радуваше и му влеваше надеж – дека, сепак, постои надеж. Тоше, сосема со право, беше хуманист број еден, особено кога станува збор за естрадата. Колку ли само пати донирал средства во Домот за деца без родители „11 октомври“, колку ли само пати на сите тие дечиња им го разубавил денот со своето (ненајавено) присуство, колку ли само со својата посета ја израдува малата Душица Павловска, која беше ранета во војната во 2001 година... „Моите родители, мајка ми и татко ми, тие ми ја вкоренија хуманоста“, често изјавуваше Тоше, кој никогаш не ги заборави своите корења. Велеше „блажена е душата што дава“, а неговата хуманост беше чиста како солза, немаше скриени цели, намери... Тоше не сакаше публицитет, не сакаше да се фотографира во моментите кога помагаше некому, па токму тоа е и причината зошто јавноста не знае за најголемиот дел од добрите и хумани дела што ги направил тој. По неговата смрт секој ден слушаме понекоја нова приказна од луѓе на кои Тоше им помогнал. Меѓу нив е и младиот Тоше Илиев од Кочани, кому Проески му помогнал да собере средства за да оди на операција на мозокот во странство. Денес, малиот Тоше е здрав и жив и има 15 години. Покрај ангелскиот глас и безбројте отпеани хитови, Тоше дефинитивно ќе остане запаметен како еден од најголемите хуманитарци што воопшто сме ги имале. Зад себе има голем број хуманитарни концерти, учествуваше во акции за помош на децата со посебни потреби, им помагаше на сиромашните, им држеше часови по пеење на оние кои не можеа да си ги дозволат тоа... За своите хумани дела беше награден со статуета „Мајка Тереза“, а УНИЦЕФ во 2004 година го прогласи за амбасадор на добрата волја. Нивната соработка почна во 2003 година на проектот „Сакам да знам“, кога направи телевизиски спот за промоција на заштитата од сида меѓу младите. Во август 2004 година официјално стана национален амбасадор за децата на УНИЦЕФ, потоа ја сними песната „За овој свет“, каде што пееше со детски хор на ученици од училиштето за деца со нарушен вид „Димитар Влахов“. Како национален детски амбасадор секојдневно работеше за децата и за нивните права. На 29 јули 2004 Тоше одржа хуманитарен концерт во Мостар, а истата година настапи и по покана на Тони Цетински на хуманитарниот концерт „Најдоброто од нас“ во Умаг, заедно со Ненад Баx, Нина Бадриќ, Тони Цетински... Ги обожаваше децата: Тоше во клиниката за детски болести Беше еден од најголемите донатори и заштитно лице на кампањата „Пријатели на Клиниката за детски болести“, која со песна и со спот во 2004 година ја најави лично тој, донираше средства во Институтот за белодробни заболувања од Скопје, во Домот за деца со специјални потреби „Маца Овчарова“ од Велес и во специјалниот завод во Демир Капија, глумеше и келнер во едно скопско кафуле во рамки на хуманитарната акција „Славните ве служат, славните ве дружат“... Меѓу последните проекти беше и дуетот со Антонија Шола, со која пееше „Волим осмијех твој“, како дел од проектот на хрватското Министерство за здравство во состав на кампањата „За здрави заби“. Оваа песна беше заштитна химна на големата хуманитарна кампања со која се поттикнува едукацијата на најмладите за грижа за забите... И покрај огромната популарност, Тоше остана скромно, непосредно, драго, културно и фино воспитано момче. Тој е одличен пример за младите - студент, спортист, верник, кој се трудеше да прави добри дела и да им помага на луѓето. Тоше ја финансираше и изградбата на манастирот „Св. Преображение“ во Крушево, која има посебна приказна... „Потекнувам од Крушево, од доста сиромашно семејство, кое во времето кога сум се родил едвај врзувало крај со крај, како што сега прават многу семејства во Македонија“, ни раскажа Тоше во едно од своите интервјуа. „Во нашето семејство со тек на времето се случи некој пресврт - уште пред 13 години дознав дека татко ми и неговите другари нашле темели од некој стар манастир. Постар пријател на татко ми, кој сега е починат, сонувал како некој го води на место каде што порано имало манастир. И навистина се случило тоа - на посоченото место од сонот татко ми и другарите ги нашле темелите кои биле длабоко закопани. И оттогаш почнала неговата изградба, тешко се собирале средства, но некако по 13 години успеале да го направат манастирот, без вода и струја, а тоа беше најтешкиот дел. И мислам дека од моментот кога татко ми почна да ја гради таа црква со другарите, се промени целата ситуација во моето семејство, пред се', егзистенционална. Самото споменување на тоа ме потресува до ден-денешен, а татко ми секој ден е таму и се грижи за сите тие работи. Признавам и чувствувам дека мојот живот, а и на целото семејство, се промени откако почна да се прави манастирот. И никогаш нема да заборавам ниту на Македонија, ниту на Крушево, ниту на манастирот, зашто целата моја слава, здравје и среќни ситуации кои ми се случуваат секојдневно му ги должам токму на тој празник - Св. Преображение“, раскажуваше Проески.