Поп-ѕвездата ќе препее дури петнаесет антологиски теми, кои ќе бидат отсвирени од симфониски оркестар, а на новите аранжмани веќе интензивно работат Илија Пејовски и Саша Николовски-Ѓумар. Засега во игра се народните песни „Зајди, зајди“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Јовано, Јованке“, „Јано“ и „Море сокол пие“. - Идејата е моја и на мојата менаџерка Љиљана. Примарната цел на овој проект е преку мене тие музички бисери масовно да и се приближат на помладата популација - ни изјави Тоше. Најавата за овој вонреден негов носач на звук ќе се случи на претстојната „Златна бубамара на популарноста“, кога Проески во живо ќе отпее една од композициите што ќе се бидат на цедето.