* Во македонската јавност си позната како текстописец на Тоше Проески. Како се одвива вашата соработка? - Морам да потенцирам дека тоа е најзначајната соработка во мојот живот. Проект во кој едноставно уживам и го работам со сето срце. Одличо ни оди и засега сме немале некои проблеми. Кога ќе ме прашаат зошто е Тоше толку успешен, им велам дека тоа е поради фактот што има целосна доверба во мене и во другите соработници. Секој од нас го знае својот дел и го работи најдобро што може. Ако нешто не му се допаѓа ќе ми го каже тоа и јас го менувам веднаш. Многу е лесно да се работи со него. Веројатно затоа што се препознавме по сензибилитетот.
* Дали сте доволно блиски да ти се довери за некоја негова случка за потоа да можеш да ја пренесеш преку текстовите. - Често за себе велам дека сум своевиден медиум, зашто туѓите искуства ги пренесувам доста добро во своите текстови. Сите мои стихови содржат вистинска приказна. Во нив ги пренесувам искуствата на моите блиски луѓе. Неодамна му кажав на Тоше дека во песните на неговиот нов албум ќе има многу приказни од реалноста, а ќе има нешто и од неговиот живот.
* Пејачката кариера ја почна пред четири години и досега имаш значајни настапи на „Дора“ и на Радискиот фестивал, а веќе остави свој печат на хрватската музичка сцена со песните „Анѓеле“, „Нек ти буде боље без мене“ и „Елдорадо“. Дали пеењето ќе ти биде приоритет во иднина? - Првенствено на себе гледам како на автор на текстови. Тоа ми е најважно. Затоа ми е драго што досега секоја од песните со мој текст доста добро заживеала. Не сум личност која на нешто очајнички се надева. Туку, едноставно, го земам тоа што ќе ми дојде. Ја сакам и мојата професија како пејачка, но посакувам успехот во неа да дојде спонтано.
* Планираш ли соло-албум? Дали на него, покрај Миро Буљан, човекот со кого напиша многу хитови, ќе биде застапен и друг автор? - Да, веќе се работи на него. Требаше да биде готов месецов, но неговата промоција ја одложивме за наесен. Премногу сум зафатена со кампањата за грижа за забите, чиј заштитен знак е темата „Волим осмјех твој“, за која го напишав текстот и ја пеам во дует со Тоше, како и со продажбата на тој сингл. Не сакав мојот албум да му попречи во продажбата на синглот. Како автор на темите ќе се појави Миро Буљан, но и Мирослав Рус. Тој ќе биде еден од позначајните автори на проектот. Верувам дека ќе има многу убави песни.
* Актерската кариера ја почна со ликот на Тина во хрватската хит-серија „Забранета љубов“. Има ли доста сличности меѓу вас две? - Во миговите додека ја снимав серијата се случи некако да се испреплетат мојот живот и тој на Тина. Таа е пејачка и има своја дискографска куќа - „Адриатика рекордс“. На тој начин и моите песни влегоа во оваа сапуница. Разликата е во тоа што Тина е помлад лик, а јас имам 28 години и не сум толку млада.
* И покрај тоа, изгледаш многу убаво, а во анкетите во неколку списанија те прогласуваат за една од најубавите Хрватка. - Тоа се самостојни акции на медиумите. Искрено, не ме привлекуваат такви избори и никогаш не би се појавила на таков натпревар.
* Дали многу ти се промени животот по „Забранета љубов“? - Серијата се емитува двапати дневно, а во сабота одат и по пет епизоди. Ја сфаќам како некој развој во кариерата во одредена ситуација. Многу добро ја носам популарноста. Сепак, најсреќна сум што сум опкружена со истите луѓе и пријатели како и пред снимањето на серијата.
Соња Алексоска Неделковска
Дневник / 13.06.2007