„Ова што се случуваше во изминатите 40 дена меѓу сите генерации на Балканот, па и пошироко, е потврда за тоа кој беше и особено каков беше Тоше. Од моментот кога се слушна трагичната вест и во сите овие 40 дена во солзи и воздишки по Тоше е цела Македонија“, рече во беседата, поглаварот г.г Стефан. Тој истакна дека смртта на Тоше внесе неизмерна тага и жал во душите на илјадници почитувачи на неговиот глас и на неговите добрини.
„За жал требаше да се случи тоа што се случи за да разбереме кого сме имале, а Тоше беше редок и исклучителен човек, кој ги освои луѓето и со гласот и со својата човечност“, рече поглаварот на Македонската црква. Почит на трагично загинатиот Тоше Проески денеска му оддадоа членови на неговото семејство, роднини и илјадници граѓани од цела Македонија, како и голем број на негови обожаватели од странство. Големото име на македонската и балканската поп музика и хуманист Тоше Проески загина на 16 октомври во сообраќајна несреќа во Хрватска. На неговиот гроб изминатиот период постојано пристигнуваа обожаватели од целиот Балкан, а на радијата и телевизиите постојано се емитуваат песните на Тоше. Семејството на пејачот, во консултации со Македонската православна црква, ќе одлучи за идното решение за вечното почивалиште на мега ѕвездата. Не стивнуваат и идеите повеќе објекти ширум земјата да го носат неговото име, за што конечниот збор ќе го има одборот што е задолжен за заштита на ликот на Тоше Проески