ИНТЕРВЈУ Диџеј Ерик Фокс , близок пријател на Тоше, отворено и со емоции говори за последните денови на својот бате / Катерина Шекеровска
„Бате, многу сум разочаран од некои луѓе“, му се доверил Тоше Проески на својот близок пријател диџеј Ерик Фокс непосредно пред смртта. „Не сакаше да ми каже за кого точно станува збор... Едноставно беше тажен. Пробав да го расположам, а тој само се поднасмеа и ми рече: ’Знам дека се' ќе се среди, ама сега ми е тешко, ќе треба да помине извесно време…‘“ Ерик Фокс (Кирил Зарлинов) вели дека често го сонува Тоше, ама во целата тага наоѓа утеха кога ќе го изгушка на сон… „Последниот пат го прашав: ’Зошто, батенце, замина?‘ А тој ми одговори: ’Така требаше да биде... Не жалете ме, бидејќи мене ми е убаво овде и тажен сум кога ве гледам како плачете за мене…“ Кога беше вашата прва средба, запознавање со Тоше? Првите наши контакти беа за време на снимањето на песната „Излажи ме“, кога Копров ме викна да преслушам некои песни и да пробам да направам некој ремикс од нив, бидејќи многу му се допадна ремиксот на „Не зори зоро“ од Владо Јаневски. Тогаш знаев за Тоше, меѓутоа немав некакво посебно мислење за него, бидејќи не го познавав доволно. Уште со првиот контакт ме плени со неговата насмевка и харизма, а посебно со добрината што зрачеше од него… Со оглед на вашата блискост, што е она што го загрижуваше, а и го радуваше во последните месеци од неговиот живот? Последната недела кога се видовме беше вторник. Ми се јави и ме викна на гости да се видиме, некаде околу 23 часот. Работеше на една песна која многу му се допаѓаше, го правевме заедно аранжманот, па ме викна да го слушнам новото демо што го направил. Тогаш видов дека беше многу разочаран, никогаш го немав видено таков, како цел свет да му тежеше на глава. Го прашав: „Тоше, што се случува со тебе?“, а тој онака замислено ми рече: „Бате, многу сум разочаран од некои луѓе…“ Никогаш не сакаше да ми каже за кого точно станува збор... Едноставно беше тажен. Пробав да го расположам и му велев дека не треба да се нервира, дека се' ќе се среди и не треба да се разочарува. Тогаш тој се поднасмеа и ми рече: „Знам, ама сега ми е тешко, ќе треба да помине извесно време…“ На последната ТВ-снимка во емисијата „Вртелешка“ Тоше изгледаше многу изморено, исцрпено, иако беше штотуку вратен од двомесечен летен одмор. Која беше причината за неговата исцрпеност? Да, на „Вртелешка“ сите забележаа дека беше изморен, имаше преголеми обврски што не сакаше да ги запостави, бидејќи многу му беше битен англискиот албум, а тој беше професионалец докрај, даваше се' од себе кога стануваше збор за музиката. Се однесуваше ли како ѕвезда, особено ако се има предвид неговата огромна популарност? Никогаш во животот не се однесуваше како ѕвезда, затоа сите и го сакавме, за разлика од некои други наши „ѕвездички“ кои глумат лудило на македонската естрада и мислат дека да се биде пејач е начин да се заведе некоја девојка повеќе и да се биде во шема, а не да се живее со музиката и за неа како што живееше Тоше. Дали си ги слушнал песните од англискиот албум? Какво е твоето мислење за она што допрва го очекуваше Тоше во однос на светската кариера? Имав можност да слушнам неколку песни од англискиот албум што тој ми ги пушташе во автомобил и секогаш бараше мислење од мене. Според она што сум го слушнал, можам да кажам дека сигурно ќе има многу хитови на албумот и дека нема земја што не би посакала да има пејач, а, пред се', човек како него… Сигурен сум дека ако беше жив, ќе ги фрлеше во сенка сите најголеми музички имиња од светот кои не се ни близу до неговите музички квалитети. Имате многу заеднички спомени, случки, одмор. Што е она што најмногу те фасцинираше кај Тоше? Можеш ли да се сетиш на некоја интересна анегдота? Секако, како најубав спомен ми остана одморот во Грција во Фурка – Калитеја. Тоше сакаше да одиме некаде блиску, ама каде што ќе може да се релаксира и одмори. Еднаш кога одевме на плажа тој остана последен и рече дека доаѓа за две минути, ама не дојде. Се вратив по него, а таму имаше што да видам… Над 20 дечиња стоеја пред врата и му бараа автограми. Тие беа од Грција и никако не можеа да го разберат, но тој на сите им даде автограми и се сликаше со нив… Највпечатлив момент беше додека бевме на плажа и на радио свиреше песната од Блу - „Sorry seems to be the hardest word“. Кога ја слушна, почна и тој да ја пее онака спонтано… За миг цела плажа застана да го слуша, сите беа занемени од неговиот глас, иако таму никој не го познаваше, а на крајот доби и аплауз. Неодамна твоето име молскавично го заобиколи Балканот, благодарение на интервјуто за еден хрватски весник во кое, на изненадување на многумина, откриваш дека Благица, всушност, е вистинската љубов на Тоше, а не Андријана. Имаше многу реакции по излегувањето на текстот, а со демант се јави и ти самиот. Всушност, што се случуваше за време на интервјуто? Навистина никогаш не би сакал да коментирам нешто за приватниот живот на Тоше, тоа е многу неблагодарно спрема него и не знам до кога луѓето ќе трачарат која била неговата љубов, дали оваа или онаа или некоја трета... Вистината со која беше до последниот ден ја знаат најдобро неговите најблиски пријатели од Крушево, а како што велеше, барем во љубовта тогаш беше среќен... Ми се згади од лагите во „24 часа“, бидејќи ниеден збор таму не е кажан од мене, комплетно се' е измислено од новинарката, најверојатно, заради поголем тираж. Жално е тоа што во весниците се изнапишаа толку лаги и глупости во кои беа навредени и Андријана и Благица што понекогаш се прашувам дали некои новинари воопшто имаат малку совест… Барем трошка од тоа што Тоше го имаше во себе. Или борбата за голем тираж е поголема од се'!? Во какви односи си со Будимир? Вистина ли е дека по објавувањето на текстот за Благица во „24 часа“ ти се налутила? Со Андријана Будимир сум во одлични односи и среќен сум што познавам толку прекрасна личност, бидејќи таа премногу го сакаше Тоше, а и тој неа. Едноставно, можеби си одговараа во карактерот, и двајцата беа темпераментни, нескротливи авантуристи полни со љубов кои сакаа да им помагаат на сите луѓе... Во моментот кога стивна целата работа околу интервјуто во „24 часа“, одново ја изненади јавноста со тоа што јавно ја пушти демо-снимката на песната „Без тебе“ на Тоше, која веќе ја има и на Интернет... Зошто Ерик пушти необјавена песна во етерот? Песната ја најдов сосем случајно на цеде дома и е една од неколкуте песни што ги снимавме заедно кај мене. Тоа беше песна што ја снимавме пред две години и бидејќи на Тоше му беше роденден, сакав да пуштам дел од песната како изненадување за слушателите, зашто сум сигурен дека тој нема да ми се налути иако не е меѓу нас… Она што беше кажано некаде дека сум сакал да го подигнам рејтингот на емисијата е чиста глупост од некои новопечени новинарчиња… Мојата емисија „Love Songs“ на Антена 5 постои десет години, за неа имам добиено и награда, со неа се раѓала и растела една цела генерација... Му се извинив на семејството, затоа што можеби бев премногу потиснат од емоции и најискрено не се срамам… Плачев додека свиреше на радио. Тоа можеби и го почувствуваа слушателите, но не ми беше важно. Се видов и со авторот на песната „Без тебе“, Александар Ѓорѓевиќ, кој е одличен композитор и кој целосно ме сфати зошто го направив тоа. Во една пригода ми кажа дека често го сонуваш Тоше... Да, не знам зошто, ама во целата тага наоѓам утеха кога ќе го сонувам и кога ќе го изгушкам на сон… Последниот пат го прашав: „Зошто, батенце, замина?“ А тој ми одговори: „Така требаше да биде... Не жалете ме, бидејќи мене ми е убаво овде и тажен сум кога ве гледам како плачете за мене…“ Дали навистина постои нешто повеќе од овој живот? Честопати се прашувам и се надевам дека има нешто што ние не го разбираме, ама сепак постои… Се надевам дека сите луѓе ја сфатија неговата порака и дека никогаш нема да го заборават. Можеш ли да ни откриеш барем една од желбите на Тоше кои, за жал, останаа нереализирани? За што сонуваше тој? Мислам дека најголема желба на Тоше беше да излезе англискиот албум и да го изгради манастирот во Крушево. Толку многу зборуваше за тоа и често го посетуваше… Би сакал сите да најдеме сили и барем сега да му ја оствариме желбата, тоа е една мала работа со која ќе покажеме колку го сакавме сите. Тој направи толку многу за нас и уште ќе правеше… Жално е тоа што знаеме за малку хуманитарни концерти и работи, има многу за кои никогаш нема ни да дознаеме, а тој ги направил сакајќи да подари среќа и љубов некому... Тој не го правеше тоа за да пишуваат весниците и да се слика за слава како што прават сега некои наши „хуманитарчиња“… Се' уште ми доаѓаат солзи кога слушам негови песни, којзнае - можеби цел живот ќе биде така, a јас секој ден „го молам небото да ми те врати...“ Почивај во мир и пеј заедно со ангелите небесни... Никогаш нема да те заборавам... Утрински / 03.04.2008 Тоше Проески, специјално за "Магазин +
" Драги мои, ќе бидам искрен и ќе признам дека се навикнав со вас да ги делам сите работи што ми се случуваат , и приватно и професионално, и одвај чекам да дојде петок за да си помуабетиме", а потоа и да ги слушнам вашите коментари. Пишувањето за Магазин +" е нешто како мој дневник. Многу сум уморен. И кога ќе ви кажам дека неделата што е зад нас ми беше напорна и бурна, веројатно нема да ви откријам ништо ново. Бев во Холандија заедно со браќата Масевски, ја направивме промоцијата на спотот и песната во Александар палас", а во средата се врати и Лилја од Истанбул, каде што се одржа ждрепката за редоследот по кој ќе настапуваат евровизиските учесници. Задоволен сум и ми се допаѓа петнаесетката", тоа е позиција која ја посакува секој пејач, средина каде што увото е изострено за вистинските звуци.. Ќе биде навистина интересно, зашто по мене настапува и мојот пријател Жељко Јоксимовиќ, а кон крајот се и Словенците, Хрватите, Босанците... Југославија во мало. Во Холандија си поминав прекрасно, работев со луѓе кои се огромни професионалци, а истовремено толку обични и нормални луѓе... Ми беше огромна чест да снимам во студио каде што снимал Стинг, Роберт Палмер, Мик Џегер, Мајкл Џексон... Можев да ги насетам овие големи имиња во секое ќоше од студиото... По двата дена престој во Амстердам (интересен град каде што велосипедите го имаат главниот збор) се вратив во Скопје и веднаш заминав за Крушево. Ретки се моментите кога сме заедно со семејството, со мајка ми Доминика, татко ми Никола, сестрата, зетот, внучето, шарпланинците..., но затоа, пак, се толку драгоцени, вистинско богатство кое многу ми недостига... А овој пат навистина ги изненадив - отидов во Крушево со новиот мотор! Убаво е да се возиш по тие тесни сокачиња во кои е втиснато моето детство, живот, првата љубов... Убаво е да се биде во Крушево во пролет. Сў почнува да се раздвижува, да се раззеленува. Убавина. Сето тоа ми недостасува многу... Честопати кога сум дома, одам во блискиот манастир. Е, тоа место има навистина интересна приказна во себе: еден другар на татко ми го сонувал местото, каде што подоцна нашле темели од стар манастир и оттогаш почнала неговата изградба, тешко се собирале средства, но, некако, по 13 години успеале да го направат манастирот. И мислам дека од моментот кога татко ми почна да ја гради црквата со другарите, се промени целата ситуација во моето семејство, пред сў, егзистенционална. Самото споменување на тоа ме потресува до ден-денешен, а татко ми е секој ден таму и се грижи за сите тие работи. Никогаш нема да заборавам ниту на Македонија, ниту на Крушево, ниту на манастирот, зашто целата моја слава, здравје и среќни ситуации што ми се случуваат секојдневно, ги должам токму на тој празник - Св. Преображение. Постојано мислам на Бога и благодарен сум му што ми дава сила да ги надминам сите тешкотии и препреки во мојот живот. Ја спомнав промоцијата на спотот во Александар палас. Многу драги луѓе, пријатели, новинари, соработници... Имаше многу позитивна енергија, а тоа уште еднаш ми покажа дека сето ова што го работам не е за џабе. Напротив, тоа што го добивам од публиката како повратна реакција, ме исполнува сосема, а ќе бидам уште посреќен кога на 12 мај, во Истанбул, ќе се спомене моето име, а до него ќе стои Македонија. Тоа ќе ми биде најубавото чувство, зашто се ежам од странци кои не знаат каде е и не слушнале за Македонија! Ве сака, Тоше Утрински / 26.03.2004 ПО НАТПИСИТЕ ВО СРПСКИТЕ МЕДИУМИ ДЕКА НЕ СЕ ПОКРИЕНИ ТРОШОЦИТЕ ЗА КОНЦЕРТОТ ВО БЕЛГРАДСКА "АРЕНА"
Менаџерката на мегаsвездата Тоше Проески, Љиљана Петровиќ ги демантира гласините во српските медиуми дека наводно му должи на соорганизаторот Гане Пецикоза 30.000 евра поради наводни трошоци на концертот на Тоше во Белградска арена. Менаџерката на мегаsвездата Тоше Проески, Љиљана Петровиќ ги демантира гласините во српските медиуми дека наводно му должи на соорганизаторот Гане Пецикоза 30.000 евра поради наводни трошоци на концертот на Тоше во Белградска арена. - Пецикоза сакаше да не измами. Покажа сметки кои не беа реални. Затоа јас пратив мои супервизори кои заклучија дека должиме само 12.000 евра кои тој си ги доби, а не 30.000 кои тој ги бараше . Тоа беа сметки за сместувањето на гостинката од Италија Џана Нанини и за диригентот Валоне. Ништо не должиме и се што пишува во српските медиуми е чиста лага", ни рече во телефонскиот разговор Љиља . Српските медиуми пишуваат дека Тоше Проески за концертот во белградска "Арена" не заработил ништо, дури морал да плати дванаесет илјади евра! Менаџерот Гане Пецикоза, соорганизатор на концертот, барал од Тоше Проески дури 30.000 евра поради наводните трошоци на организацијата, кои подоцна испаднале 12.000 евра. Како што понатаму пишуваат медиумите, Пецикоза тврдел дека било нормално Тоше и Љиља да имаат губитоци, оти Проески продал само 6. 012 карти, а 3. 500 ги дал гратис, што е смешно за " Арена" која прима 17.330 луѓе. Поп sвездата Тоше Проески на денот на вљубените направи одличен концерт во белградската "Арена", петта по големина сала во Европа и собра околу 20 илјади негови фанови. Вест / 20.03.2007 Ликот на ѕвезденото момче,на големата поп ѕвезда Тоше Проески отпечатен на новата поштенска марка од денеска ќе патува во целиот свет. Како што патуваше Тоше каде што се слушаше неговата песна, и каде што се чувствуваше неговата душа. Ликот на ѕвезденото момче,на големата поп ѕвезда Тоше Проески отпечатен на новата поштенска марка од денеска ќе патува во целиот свет. Како што патуваше Тоше каде што се слушаше неговата песна, и каде што се чувствуваше неговата душа. Во споменикот Илинден пред неговото семејство,неговите пријатели и обожаватели,пред владините и црковни претставници, симболично со поштенската труба и композицијата Игри без граници македонски пошти го најави промовирањето на овој проект. Идејата е од членот на раководниот тим Коце Самоиловски. Веднаш потоа прифатена од менаџментот и Бирото за филателија.
Беа изработени повеќе предлог решенија. Во согласност со семејството и владиното координативно тело за заштита на ликот на Тоше избрано е најдоброто. Од скопскиот фоторепортер Дарко Мариатов. Македонски пошти отпечатија милон поштенски марки. и,уште толку пликови за писма и флаери. Марката има вредност од 12 денари. Промовирањето на новата поштенска марка беше повод Општинската организација на Црвениот крст од Крушево и Републичкиот Заводот за трансфузија на Гумење да организираат доброволна крводарителска акција.Во знак на нивниот член,крводарителот Проески. И,родителите на Тоше, мајка му Домника,долгогодишен крводарител и татко му Никола,денеска се вклучија во акцијата. Во нивниот дом,во собата на Тоше со неговата слика и како што велат неговата над природна сила,дарија крв. Во текот на акцијата собрани се 50 на единици. Вакви акции ќе бидат организирани и во иднина. Канал5 / 15.12.2007 Промовирана поштенска марка со Тоше А1 / 15.12.2007 Поштенска марка со ликот на Тоше денеска беше промовирана во споменикот Македониум во Крушево. Марката за првпат во историјата на Македонија е испечатена во милион примероци и ќе има номинална вредност од 12 денари. Во употреба ќе биде пуштена уште денеска. Автор на марката е Дарко Мораитов, а за дизајнот биле консултирани родителите на Тоше. „Средствата добиени од издавањето на оваа поштенска марка ќе бидат донирани за хуманитарни цели“, изјави Садула Изаири, директор на „Македонски пошти“. Во склоп на манифестацијата и чест на Тоше и неговата хуманост, кој и самиот беше крводарител, се спроведе и крводарителска акција. Во домот на Тоше крв дадоа и неговите родители. Таткото на Тоше упати порака - да даде Господ на никого да не му затребаат овие донирани количини на крв. Во акцијата се приклучија и неговите другари. „Крводарител сум, досега имам дадено крв 25 пати. Сега имам можност да дадам крв во чест на Тоше“, рече Сотир Ицоски, другар на Тоше. „Тој беше хуман човек и ние другарите сега одиме по неговите стапки“, вели Перо Чавкар, другар на Тоше. Од семејството Проески соопштија дека одлучиле гробот на Тоше да не се преместува. „Се одлучи гробот на биде на истото место каде е сега, а во близина на гробот да има црквиче што ќе го носи името Преображение, како што е името на манастирот што го градевме крушевчани заедно со Тоше“, изјави Анастас Проески, чичко на Тоше. Спомен собата за Тоше најверојатно ќе се гради во близина на местото Гумење, но според чичкото Анастас, требало уште малку да се средат некои имотно-правни односи со земјиштето. ЗБОГУМ, ТОШЕ...
Секогаш насмеан и добро расположен, пленеше со енергијата и својата добрина. Тоше за својот живот, сосема несвесно, беше еден од најдобрите амбасадори на Македонија во регионот и пошироко. Покрај обожавањето од својата публика, Тоше со својата ведрина, позитивен став за животот, несебичното помагање, вербата во Македонија заслужи и голема почит од сите. Тоше со своите песни и хумани дела успеа да го направи она што одамна на некој не му успеало. Тој успеа да ги обедини сите луѓе во Македонија, и млади и стари, и богати и сиромашни, политички определени и неопределени. Успеа да ги урне јазичните, национални и верски бариери во регионот и со својот, квалитет, преданост и страст да ја заслужи почитта од луѓето од целиот регион, кој во изминатата декада беше преполн со поделби и конфликти. Има една поговорка “Се можеш да игнорираш, но не и добрината”. Ова можеби е најкратко објаснување зошто сите го сакаа и зошто сите тагуваа кога тој си замина. Зошто сите чувствуваме голема празнина, како да сме изгубиле дел од себе? Едноставно, зошто Тоше беше во себе ги обединуваше вербата во бога, чесносна и искрената љубов кон луѓето. И не се срамеше тоа да го каже јавно. Тоше ни покажа што е победнички дух. Што толку многу ни фалеше во изминативе години. Со своите победи низ целиот регион ни покажа на сите дека е можно да победиме, да пробиваме нови пазари, да ја претставуваме Македонија онаква како што заслужува. Затоа и ќе остане пример со кој уште многу долго ќе се идентификуваат многу луѓе, негови колеги, бизнисмени.. Сите те сакаме... Последен поздрав Од редакција “Капитал” Капитал / 24.10.2007 IN MEMORIAM ТОДОР ТОШЕ ПРОЕСКИ (1981-2007) За вистинските вредности
Парите не сакам да бидат пресудни во моментот кога ќе треба да бидам со жената на мојот живот. Јас сум свесен дека вистинските вредности сѐ помалку се ценат. Не знам зошто сум бунтовник без причина, но од друга страна така сум воспитан, знам кои се вистинските вредности и дур сум жив ќе ги ценам и единствено ќе ми бидат важни. За модните критики Стилистот не е пресуден за успехот и тоа се покажа во мојата кариера. Сакам да се облекувам така како што најдобро се чувствувам. Мислам дека на уметниците им е дозволено малку повеќе од тоа што некој „фешн гуру“ го замислил во моментот. Не сум човек кој ја гради кариерата на изгледот. Со текот на времето самиот си изградив стил. Сепак, музиката ми е најважна. За темпото на работа Максимално е и многу е тешко да се издржи. Шминкање, вадење шминка.. Пакување, распакување.. Преку глава ми е. Кога би можел да се телепортирам од концерт на концерт би бил најсвежиот човек на светот. Сакам да се тргнам настрана, но не можам. Машинеријата ме зеде во бубањ, како што велат старите. Нема враќање назад. За голема среќа многу ме радува што на сите тие концерти можам да се дружам со луѓето со кои енергетски се ревитализирам. За пријателите Секој слободен момент го користам во Крушево за дружење со старите пријатели. Тоа многу ме спушта на земја. Кругот на пријатели не ми е мал. Се трудам колку можам да ги негувам. Можеби не верувам во новостекнати пријателства поради неколку трауми кои ми се случија во животот во врска со тоа. За политичките партии Не пеам за партиите, тоа се проколнати пари.. Подобро парите што мислеле да ми ги дадат, да ги поделат на сиромашните. Соработката со македонската мегаѕвезда ми е најзначајна во животот и уживам во неа - вели популарната пејачка од Хрватска Антонија Шола се занимава со три професии, кои и се еднакво важни - текстописец, актерка и пејачка. Во Хрватска ја ужива популарноста поради улогата во хит-серијата „Забранета љубов“. Во Македонија, пак, е позната како текстописец на песните на Тоше Проески на хрватски јазик, но и преку хит-темата „Волим осмјех твој“, што ја пее во дует со нашиот успешен изведувач. Пееше во финалната вечер на Радискиот фестивал посветена на поп и рок-музиката, каде што се претстави со темата „Зовем да ти чујем глас“. И покрај големата популарност што ја уживаше кај хвараните, Антонија остави впечаток на скромна девојка подготвена на комуникација како со обожавателите така и со претставниците на седмата сила.
* Во македонската јавност си позната како текстописец на Тоше Проески. Како се одвива вашата соработка? - Морам да потенцирам дека тоа е најзначајната соработка во мојот живот. Проект во кој едноставно уживам и го работам со сето срце. Одличо ни оди и засега сме немале некои проблеми. Кога ќе ме прашаат зошто е Тоше толку успешен, им велам дека тоа е поради фактот што има целосна доверба во мене и во другите соработници. Секој од нас го знае својот дел и го работи најдобро што може. Ако нешто не му се допаѓа ќе ми го каже тоа и јас го менувам веднаш. Многу е лесно да се работи со него. Веројатно затоа што се препознавме по сензибилитетот. * Дали сте доволно блиски да ти се довери за некоја негова случка за потоа да можеш да ја пренесеш преку текстовите. - Често за себе велам дека сум своевиден медиум, зашто туѓите искуства ги пренесувам доста добро во своите текстови. Сите мои стихови содржат вистинска приказна. Во нив ги пренесувам искуствата на моите блиски луѓе. Неодамна му кажав на Тоше дека во песните на неговиот нов албум ќе има многу приказни од реалноста, а ќе има нешто и од неговиот живот. * Пејачката кариера ја почна пред четири години и досега имаш значајни настапи на „Дора“ и на Радискиот фестивал, а веќе остави свој печат на хрватската музичка сцена со песните „Анѓеле“, „Нек ти буде боље без мене“ и „Елдорадо“. Дали пеењето ќе ти биде приоритет во иднина? - Првенствено на себе гледам како на автор на текстови. Тоа ми е најважно. Затоа ми е драго што досега секоја од песните со мој текст доста добро заживеала. Не сум личност која на нешто очајнички се надева. Туку, едноставно, го земам тоа што ќе ми дојде. Ја сакам и мојата професија како пејачка, но посакувам успехот во неа да дојде спонтано. * Планираш ли соло-албум? Дали на него, покрај Миро Буљан, човекот со кого напиша многу хитови, ќе биде застапен и друг автор? - Да, веќе се работи на него. Требаше да биде готов месецов, но неговата промоција ја одложивме за наесен. Премногу сум зафатена со кампањата за грижа за забите, чиј заштитен знак е темата „Волим осмјех твој“, за која го напишав текстот и ја пеам во дует со Тоше, како и со продажбата на тој сингл. Не сакав мојот албум да му попречи во продажбата на синглот. Како автор на темите ќе се појави Миро Буљан, но и Мирослав Рус. Тој ќе биде еден од позначајните автори на проектот. Верувам дека ќе има многу убави песни. * Актерската кариера ја почна со ликот на Тина во хрватската хит-серија „Забранета љубов“. Има ли доста сличности меѓу вас две? - Во миговите додека ја снимав серијата се случи некако да се испреплетат мојот живот и тој на Тина. Таа е пејачка и има своја дискографска куќа - „Адриатика рекордс“. На тој начин и моите песни влегоа во оваа сапуница. Разликата е во тоа што Тина е помлад лик, а јас имам 28 години и не сум толку млада. * И покрај тоа, изгледаш многу убаво, а во анкетите во неколку списанија те прогласуваат за една од најубавите Хрватка. - Тоа се самостојни акции на медиумите. Искрено, не ме привлекуваат такви избори и никогаш не би се појавила на таков натпревар. * Дали многу ти се промени животот по „Забранета љубов“? - Серијата се емитува двапати дневно, а во сабота одат и по пет епизоди. Ја сфаќам како некој развој во кариерата во одредена ситуација. Многу добро ја носам популарноста. Сепак, најсреќна сум што сум опкружена со истите луѓе и пријатели како и пред снимањето на серијата. Соња Алексоска Неделковска Дневник / 13.06.2007 Една од моментно најпопуларните хрватски пејачки, Антонија Шола, беше и најфотографираната пејачка на годинешниот "Радиски фестивал" на островот Хвар во Хрватска. Атрактивната Шола цело време беше во друштво со Тоше Проески и со своето момче Лука. За новиот албум на Тоше, таа ги напиша песните "Срце није камен", "Вежи ме за себе" и дуетот "Волим осмјех твој", кој моментно е хит број еден во Хрватска.
* Како е да се соработува со Тоше? - Фантастично. Тоше е голем професионалец и, искрено, многу се радувам што го запознав. Многу е пријатен за дружење. Јас и тој сме многу слични. Тоше ми е омилен пејач. * Кога ќе те видиме во Македонија? - Ба сакалa да дојдам кај вас. Јас и Тоше имаме некој планови за понатамошна соработка, кои се надевам дека ќе се остварат. Ако се биде како што треба, ете ме мене во Македонија, само сега е се уште рано да се зборува за тоа. * До каде сте со снимањето на спотот за дуетот "Волим осмјех твој"? - Моментно го снимаме во Загреб и во Пакоштенe кај Задар. Супер си поминуваме и едвај чекам публиката да го види тоа што го сработивме. Фото и текст: З. Василевски Вест / 13.06.2007 Концертот на Тоше Проески на Градскиот стадион што беше закажан за утревечер, се одложува за 23 јуни, во 20, 30 часот. Причината е прогнозата за студеното време и врнежите што се најавени во наредниот период, објасни менаџерката Љиљана Петровиќ на вч Концертот на Тоше Проески на Градскиот стадион што беше закажан за утревечер, се одложува за 23 јуни, во 20, 30 часот. Причината е прогнозата за студеното време и врнежите што се најавени во наредниот период, објасни менаџерката Љиљана Петровиќ на вчерашната прес конференција во хотелот "Холидеј ин". Купените билети важат за 23 јуни. Останатите билети по цена од 300 денари ќе останат во продажба. Петровиќ но најави концертот како голем спектакл, заокружување на балканската турнеја на Тоше. Специјална гостинка ќе биде белградската етно музичарка Биља Крстиќ, со која Тоше во дует ја препеа традиционалната македонска песна "Јовано, Јованке". - Албумот со преработки на македонските народни песни е речиси готов, рече Петровиќ, па затоа на Тоше ќе му гостуваат уште неколку етно музичари од балканските простори, и симфонискиот оркестар "Алеа". Осветлувањето, озвучаувањето и сцената ја прави "Аворд" продукција заедно со луѓе од Белград, истата екипа што работи на концертот на Цеца во Белград, на 17 јуни. Овој концерт ќе биде различен од она што сме го работеле до сега", вели менаџерката на Тоше. Проески го искористи пресот уште еднаш да ги негира информациите дека ќе пее на било чија партиска предизборна кампања. "Таквите пари не ми требаат, вели Тоше. Поважни ми се мојот збор и мојата чест отколку парите". |
Archives
September 2021
|