Секогаш насмеан и добро расположен, пленеше со енергијата и својата добрина. Тоше за својот живот, сосема несвесно, беше еден од најдобрите амбасадори на Македонија во регионот и пошироко. Покрај обожавањето од својата публика, Тоше со својата ведрина, позитивен став за животот, несебичното помагање, вербата во Македонија заслужи и голема почит од сите. Тоше со своите песни и хумани дела успеа да го направи она што одамна на некој не му успеало. Тој успеа да ги обедини сите луѓе во Македонија, и млади и стари, и богати и сиромашни, политички определени и неопределени. Успеа да ги урне јазичните, национални и верски бариери во регионот и со својот, квалитет, преданост и страст да ја заслужи почитта од луѓето од целиот регион, кој во изминатата декада беше преполн со поделби и конфликти. Има една поговорка “Се можеш да игнорираш, но не и добрината”. Ова можеби е најкратко објаснување зошто сите го сакаа и зошто сите тагуваа кога тој си замина. Зошто сите чувствуваме голема празнина, како да сме изгубиле дел од себе? Едноставно, зошто Тоше беше во себе ги обединуваше вербата во бога, чесносна и искрената љубов кон луѓето. И не се срамеше тоа да го каже јавно. Тоше ни покажа што е победнички дух. Што толку многу ни фалеше во изминативе години. Со своите победи низ целиот регион ни покажа на сите дека е можно да победиме, да пробиваме нови пазари, да ја претставуваме Македонија онаква како што заслужува. Затоа и ќе остане пример со кој уште многу долго ќе се идентификуваат многу луѓе, негови колеги, бизнисмени.. Сите те сакаме... Последен поздрав Од редакција “Капитал”
Капитал / 24.10.2007
IN MEMORIAM ТОДОР ТОШЕ ПРОЕСКИ (1981-2007)