15.9.2007.
За Андријана Будимир, која на настанот се дружеше и со родителите на Тоше, „Игри без граници“ е најдобриот албум на Проески Во убава интимна атмосфера, со одличен настап во живо, нашата мегаѕвезда Тоше Проески го промовира седмиот албум, „Игри без граници“, завчеравечер во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Големо внимание привлече девојката на Тоше, ракометарката Андријана Будимир, а од познатите личности присуствуваа Кристина Арнаудова, Марко Новески, Влатко Илиевски, Ламбе Алабаковска, Елена Ристеска, Дарко Димитров и Калиопи. Бидејќи обезбедување на вратата пушташе само со покани, во салата немаше турканици, па Тоше слободно се движеше, дружеше и се фотографираше со гостите. Со бендот „Блу фанки индивидуалс“, кој го следи на секој негов настап, изведе во живо нумери од новиот материјал. Расположен како и секогаш, со многу позитивна енергија, ги поздрави присутните и своите родители, кои исто така беа на промоцијата. - Многу брзо ми дојдоа промоциите на двата албума и се' уште ми се мешаат текстовите на српската и македонската верзија, но ќе се снајдам. „Игри без граници“ не е само мој проект, тој е и на мојот бенд, на мојата менаџерка Лилјана, на сите луѓе од „Аворд продукција“ и на авторите што ги создадоа песните. Презадоволен сум оти вложивме многу енергија и љубов. Го продуцира еден од најдобрите продуценти во регионов, Никша Братош. Го работеше речиси истиот тим од минатиот албум, но, според мене, ова е најдоброто од нас - изјави Тоше. На „Игри без граници“ има девет нови песни, како автори се потпишуваат Миро Буљан, Антонија Шола, Никша Братош и Мирослав Рус. Препевите на македонски јазик ги направи Весна Малинова, а Владо Јаневски го направи препевот за нумерата „Среќна ли си ти“. Како бонус-композиции се добро познатите „Вежи ме за себе“, „Срце није камен“, дуетот со Антонија Шола „Волим осмјех твој“ и преработките на „Несаница“, „Остала си увјек иста“ и „Feeling Good“. Издавач на албумот е „Аворд продукција“. Андријана Будимир и Тоше веројатно се' уште не се подготвени и официјално да се појават како љубовна двојка бидејќи воопшто не застанаа еден до друг, а дојдоа и заминаа одвоено. Атрактивната ракометарка освен со своите пријатели, беше во друштво и со родителите на Тоше. Вешто ги избегнуваше медиумите и не сакаше да зборува за нашата ѕвезда тврдејќи дека е дојдена како негова пријателка. Сепак, призна дека „Игри без граници“ е нејзиниот омилен албум. Будимир изјави дека ќе одмара од ракометот бидејќи имала две сериозни повреди на рамото и на ногата. - Немам веќе 21 година, па се' да е лесно. Иако ништо не се знае, засега нема да продолжам со ракометот. Ќе работам во една хуманитарна организација, а ќе бидам почесто во Македонија бидејќи се запишав на Универзитетот ФОН - на економскиот факултет. За Тоше не ме прашувајте ништо, можам да зборувам само за неговата музика. Ова е дефинитивно најдобриот негов албум, но српската верзија повеќе ми се допаѓа. Омилена песна ми е „Игри без граници“, бидејќи е многу емотивна, текстот и музиката се прекрасни - вели Андријана. На крајот на промоцијата, Тоше ја потсети публиката за својот хуманитарен концерт, кој на 5 октомври ќе се одржи на Градскиот стадион во Скопје. Како гости ќе се појават Адријан Гаџа, хрватската пејачка и актерка Антонија Шола, која ги пишува и текстовите за песните на Тоше, црногорскиот пејач Бојан Маровиќ, како и годинашните евровизиски претставнички на Словенија и на Босна и Херцеговина, Аленка Готар, односно Марија Шестиќ. Тоше стана одбојкар на „Нико Доага“ Новина кај Тоше Проески е тоа што од неодамна е регистриран во екипата на крушевскиот одбојкарски второлигаш „Нико Доага“. Тимот завчера гостуваше на пријателска средба во Прилеп со прволигашот „11 Октомври“. Проески не настапи поради замор од турнејата во Хрватска, а дуелот го проследи од трибината. - Сериозно сметаме на Тоше. Очекуваме негов придонес кон остварување на амбициите за пласман во Првата лига. Универзалец е, може да игра на повеќе позиции, а има висина од 185 сантиметри, доволна за одбојкар -сметаат во стручниот штаб на „Нико Доага“.
15.9.2007.
0 Comments
|
Archives
September 2021
|