Ристо Самарџиев
Дневник / 01.11.2007
Трагедија.. немерна трагедија, пред се' за семејството на Тоше Проески, за неговите роднини, и потоа за сите нас, па за сите оние што го сакаа и го имаа за свој, а живеат кој знае каде надвор од Македонија . Се' уште не можам да поверувам и да си признаам дека вакво нешто се случило. Зарем може нешто да е поголем губиток и поголема трагедија од тоа кога една земја ќе го загуби она со што се гордее, поистоветува, пее, се радува ... вака останува што? Останува тагата, да продолжиме да ги пееме неговите песни и да се гордееме дека бил наш. Но, дали ќе успееме во тоа? Не успеавме да го сочуваме Тоше и прашањето е сега дали ќе успееме да го сочуваме сето она што тој го направи за да се гордееме? Дали ќе успееме да го сочуваме неговото име и неговите вредности? Се обидувам да се сетам на некој лик од нашата историја, блиска или подалечна, кој сме успеале да го почитуваме онака како што треба и како што заслужил, а имаме многу што вложиле многу, помали и поголеми, живи и на оној свет, стотици, илјадници. Но, за жал, ќе се сетиме на два - тројца кои малку помалку од другите биле жигосувани, анатемисани, урнисани и што уште не. Ќе успееме ли Тоше да го сочуваме од тој наш синдром на уништување на добриот корен? Кој знае? Околу нас веднаш излегоа на површина тие што и по неговото заминување се' уште сакаат да гребат и да загребуваат од неговата слава, неговото име и од неговите пари.. Зарем не им беше доволно додека беше меѓу живите, па и сега продолжуваат. Вакви и онакви конструкции, вакви и онакви сензационалистички наслови, вакви и онакви приказни и случувања, а зад сето тоа само една цел - читаност, гледаност, сензација, пари. Време е тие ситни и сиромашни души да се освестат и да почнат да размислуваат на поинаков начин. Време е да престанат да урнисуваат се' што е вредно, а под паролата - добро е само ако е лошо или необично. Ако е и така, пронајдете ги лошите и покажете ги со прст. Така ќе им дадете малку повеќе шанса на чистите да останат чисти. Можеби токму Тоше ќе го донесе тоа, па и на овој начин, Тошка ќе направи уште едно големо нешто за ова парче земја. Можеби токму неговата немерна жртва ќе направи повеќе да се вреднуваме, повеќе да се чуваме, повеќе да се почитуваме.. Затоа да се обидеме. Знам дека Тоше и понатаму ќе полни сали, стадиони и страници. Тоа уште толку ќе ја покаже неговата големина. Да ја покажеме и ние нашата и да ја препознаеме вистинската намера при тие концерти и случувања во кои ќе биде користено и неговото име.. Сите тие работи мора да бидат со голема почит, внимание и достоинство кон големото дете.. кон големиот син. Почивај во мир, мајсторе, и нека ти е вечна слава.
Ристо Самарџиев Дневник / 01.11.2007
0 Comments
Leave a Reply. |
Archives
September 2021
|