Утре се навршуваат 40 дена од смртта на поп-иконата Проески, кој веќе стана мит ,
Валентина Тодоровска
Крушево - Од вечниот дом на Тоше, од гробиштата на Гумење, убаво се гледаат две важни нешта што постојано го инспирираа. Долу е распослано Крушево. Родниот град на Тоше му беше скут во кој секогаш можеше да биде дете. Асоцијација за безгрижност, неговата несоница и копнеж. Погоре, над зглавјето, има една цреша. Кога ќе ја здогледате, ќе почнете да верувате во чуда, оти „Цреша“ беше најдрагата песна на Тоше. Нејзиното веќе поминало, стара е и не многу привлечна. Но, напролет, кога ќе ја обвиткаат лисја и ќе залута понекое цветче, повторно ќе биде жива, таа цреша. „Кога морав да одам, им реков, се'
што имам и куќа и нива, нека земе што му треба секој, но црешата да ја најдам жива“, ете така пееше Тоше за црешата. Тука, на гробиштата, Тоше никогаш не е сам. Постојано, дење-ноќе доаѓаат и си одат луѓето - палат свеќи, се поклонуваат, се прекрстуваат, остават цвеќе, солзи, понекоја песна испишана на хамер, и го уриваат недоверието дека навистина го нема. Со тек на време, болката станува сојузник, се навикнува на неа. Кога го посетивме гробот на Тоше, на клупата до него седеа неговите најблиски - мајката, таткото, сестрата, зетот, братучедот, тетката... Два пати дневно, во 11 и во 15 часот, тие се на Гумење, гледаат во купишта цвеќе со кои е прекриен гробот и со солзи си ја потопуваат тагата.
Господ и сознанието дека нивното чедо, веќе утре, на 40 дена, ќе одлета таму
каде што ќе му биде подобро и потопло им е единствена утеха . Видливо се ослабени и Доминика и Никола. Кога ќе ги видите, инстинктивно добивате желба да ги гушнете, оти на момент се соочувате со вистината дека болката и од планини прави сенки. Не толку одамна беа најсреќните луѓе на светот. Не толку одамна Доминика со радост потпевнуваше покрај шпоретот, подготвувајќи сармички со винова лоза, омиленото јадење на Тоше. Генетиката или, ако сакате, Господ биле дарежливи кон него. Талентот, љубовта кон песната тој си ги наследил од својата мајка, а преданоста кон религијата од својот татко.
Семејната куќа на Проески денеска изгледа тажно. Како душата да и' исчезнала, како да патува некаде откаде нема да се врати и покрај тоа што е бела и тазе фарбана. Минатата година е доградувана за Тоше... „Секогаш го зборуваше тоа, сакаше височини, да е поблиску до небото“, се сеќава сестра му Дора, која не' прими на горниот кат, што Тоше си го правеше за него. „Велеше, ајде тато, куќата да биде повисока, да го гледаме целиот град...“ Мајка му и татко му постојано се затворени во соба. Не ја делат тагата со никого. Сеќавањата за братот и' се болни на Дора. Вели, тешко е дење, а уште потешко ноќе. Пострашно. „Еден дел од мене не сака да се помири со фактот дека го нема Тошке. Се' мислам, еве го, ќе тропне на врата и со онаа убава, широка насмевка ќе ме дочека и ќе ми каже: ’Што е, цеце, ти мислеше нема да дојдам‘?“ Катот на Тоше има 70-ина квадрати и е наместен по негов вкус.
Првото чувство, откако ќе ги совладате интерните немири, е дека доаѓате кај роднини, толку позитивно влијае се' околу. Дрвената кујна од даб е замисла на младиот домаќин. Во отворениот простор, зад големиот прозорец, од кој се гледа Крушево, е сместена кожена гарнитура во драп боја, а до неа има регалче со многу фотографии и дреболии на Тоше. Таткото Никола, инаку пензионер, работеше во стакларницата и своевремено беше горд на својата работа - рачно изработени кристални вазни, една за Тоше и една за Дора, и чашки за ракија што фиданчето во семејството си ги обожаваше имаат почесно место. Кога ќе го замислите Тоше во овој простор, добивате целосна слика со рамка. Истата мисла гласно ја кажува Дора, обидувајќи се да најде смисла во секојдневјето. И ако во еден момент помислите дека со право е лута што нема правда, што е заробена од болка, и дека ја загубила вербата кон Господ, нејзината кроткост го кажува токму спротивното - никогаш не била поголем верник. „Пред неколку вечери го сонував брат ми како излегува од под една голема плоча. Беше некако далечен и се обидуваше да ја тргне плочата без да ја оштети. Кога му успеа, небото одеднаш светна. Беше светло како да е ден“. Сепак, ако верата е кислородот, тагата е непресушно море во нивната куќа. Одвреме-навреме, постариот син Кристијан, убаво десетгодишно момче, ќе ги врати во реалноста, раскажувајќи понекоја случка од училиште. Тоше ги обожаваше своите внуци - за помалиот Никола (4) велеше дека ќе стане манекен, а Кристијан пејач. „Кики многу беше поврзан со вујка си. Свиреа, пееја заедно, Тоше со децата беше големо дете, а со возрасните уште повозрасен. Кога доаѓаше во Крушево, ќе ми поѕвонеше за да ги види:
’Цеце, доаѓам. Носи ми ги децата‘, ќе речеше. Последната ноќ Кристијан спиеше со него. Разговараа за нови видеоигри, за тоа како мора да ги совладаат авионите, зашто мажиштата не треба да се плашат од ништо… Кристијан, детски чисто и наивно, гледајќи не' натажени и гледајќи ги сликите на Тоше од детството, си направи кркми. Да не' потсеќа на него. Многу му недостига и постојано прашува за него“. Домашните гледаат на работите на Тоше како на реликвии. Се' уште се неотворени ранецот и гитарата на Тоше што им пристигнаа од Нова Градишка. Тоа, веројатно, ќе се случи утре, на 40 дена од смртта. Но, Дора се' уште нема сила да се соочи со гласот на својот брат . „Не, не ја слушнав спортската химна, не можам да го чујам како пее, а да знам дека веќе нема да запее. Ќе ми пукне срцето. Знам и дека никогаш нема да појдам во куќата во Злокуќани. Ќе ми се пристори неговиот лик покрај фрижидерот, зашто постојано јадеше од нога, како да се борам со тоа? Кога Тошка ни доаѓаше на гости во Крушево, внимавав да не недостига нешто, ќе изнакупев најразлични сокови. Џабе - Тоше постојано пиеше вода. ’Цеце, секаде има сокови, ама ваква вода - никаде‘, ми кажуваше тој како
да е старец. И кога инсистирав што да му направам, како поубаво да го нагостам, порачуваше гравче со суви пиперки“. Раскажувањето за братот, барем за момент, ја враќа Дора во едно посреќно време. И тогаш неверојатно потсеќа на Тоше. Очите на кратко ќе и' светнат, а размислувањата за минливоста на среќата и' се постојано присутни во мислите. „Не поминаа ни два месеца од концертот на стадион, кога се враќавме од Скопје за Крушево. Бевме многу среќни - на цел глас во колата пееја брат ми, мајка ми и татко ми. Звучеа како ангели, ми поминуваа морници кога ги слушав, најубавата музика за моето срце. Сега им се придружувам и јас, само сега плачеме - ќе седнеме во колата, ние тројцата, и одиме на гробишта“. Олтар на тага во центарот на Крушево Поради карактерот, кроткоста и мирнотијата, Дора никогаш немала чувство дека има помал брат. Шест години можеби и не се некаква разлика, но Тоше со таква сталоженост знаел да ја примирува секогаш, што имала чувство дека тој е постариот. Оној што чува и заштитува. Се сеќава на 25 јануари, пред 26 години, кога со баба и' дознале дека мајка им се породила во Прилеп. Никој не бил порадосен од неа! И неколку дена подоцна, кога од мало купче пелени ѕиркало главчето на брат и', таа и' кажала на мајка си дека го имаат најубавото бебе на светот. Тоше растеше во мирно и срамежливо момченце. „Сите забележаа дека преубаво пее, ама навикнати на неговиот глас, ние и не обрнувавме многу внимание. Кога имаше 12 години, на ’Златно славејче‘ ја пееше ’Мојот дедо‘. Толку се бореше со тремата што сите пет дена додека траеше фестивалот повраќаше и имаше силни главоболки. Тремата го следеше цел живот, само што со текот на времето исчезнуваше брзо, уште на првата песна“. Кога на неговиот прв „Скопски фестивал ’98“ ја пееше „Остани до крај“, Тоше облече костум. Подарок од спонзорот, малку подолг во ракавите. Пееше како ангел, а Дора се сеќава дека песната ептен му се бендисувала и дека повторно се борел со треперењето. Ракавите не сакал да му се скратат, зашто се' уште растел... Тоше уживаше кога беа сите заедно. Целото семејство на куп. Тогаш се слушала само песна, смеење, нивните шеговити задевања... Дора, како да било вчера, раскажува за прекланскиот годишен одмор во „Десарет“, кога семејството минало неколку дена покрај охридскиот брег. „Кога ќе влезеше Тоше во вода, а беше одличен пливач, ќе се оддалечеше толку од брегот што главата му личеше на зрнце од афион. Срцето ќе ми се собереше како орев и со мајка ми постојано му зборувавме да не оди толку далеку. Џабе, секогаш слатко ќе се искикотеше на нашите забелешки“. На концертите, низ мини-турнеите првите години постојано го придружувал братучед му, кој му бил лично обезбедување, а го возеше зетот Славен. „Кога порасна, се осамостои, кога сфативме дека владее со ситуации и имаше менаџер, се повлековме“, раскажува зетот Славен. „На концертот на 5 октомври бевме сите до него, блиску до сцената. Видов дека внимава на секој можен детаљ, дури и на една штица што стрчеше од бината. Само ми даде ишарет со очите дека забележал и дека нема да му се случи да се сопне од неа.
Потоа, кога мајка му Доминика го молеше да не и' ја дава наградата ’Мајка Тереза‘, дека не знае што да каже и дека има трема, направи компромис, отиде тој до
неа и го направи тоа перфектно. Многу беше внимателен Тоше. Татко му Никола во почетокот на кариерата, кога одеше на свирки, ја позајмуваше колата за да не мора да оди со автобус. Тоше вети дека еден ден ќе му купи автомобил.
Тоа што го вети и го исполни. Никој не беше погорд од нас“, се сеќава зетот. Внукот Кристијан многу тагува по својот вујко „За се' што правеше, за сите песни, Тоше се консултираше со домашните, а татко ми беше главен во целата работа...“, се надоврзува Дора. „Беше пресреќен кога беа готови песните за последниот албум. А јас, кога ја слушнав ’Несоница‘, нешто ме пресече во градите. Ја пуштав толку гласно да не ме слушнат децата за да можам да се исплачам. Се' беше убаво, ја чувствувавме среќата, ама таа песна ми крадеше солзи. Тоше, пак, беше вљубен во ’Цреша‘ и во ’Игри без граници‘. Со уште поголема радост, нетрпение го исчекуваше албумот што го снимаше на англиски јазик. Многу се радуваше на
тоа, рече: ’Сега е време за работа‘. Не планираше да се жени, барем не во следните пет години. Целиот свет му беше музиката. Брат ми многу беше врзан за семејството. Колку и да е далеку од нас, постојано се јавуваше. Кога пред две години беше во Австралија, од неидентификуван мобилен телефон добил порака дека татко ми починал. Се јави растреперен, велејќи: ’Тато, жити мене, жив ли си?‘ Потоа сите моравме да му потврдуваме дека некој невкусно се пошегувал со него“. Ова лето, како никогаш порано, Тоше секој слободен ден го минуваше во Крушево. Ја активира одбојката, се дружеше со другарите од детството, уживаше со внуците, семејните ручеци... „Брат ми се' стави на свое место и си замина“, ни кажа Дора на заминување. Совладувајќи ја тагата, кротејќи ја во себе, оваа млада жена ни порача: „Никогаш да не го заборавите“, звучеше сестринската молба како аманет. „Така, зборувајќи за него, тој не престанува да живее“. Кога ни рече повторно да дојдеме, од аголот на очите како да ѕирна Тоше.
Утрински / 23.11.2007