„Бате, многу сум разочаран од некои луѓе“, му се доверил Тоше Проески на својот близок пријател диџеј Ерик Фокс непосредно пред смртта.
„Не сакаше да ми каже за кого точно станува збор... Едноставно беше тажен. Пробав да го расположам, а тој само се поднасмеа и ми рече: ’Знам дека се' ќе се среди, ама сега ми е тешко, ќе треба да помине извесно време…‘“
Ерик Фокс (Кирил Зарлинов) вели дека често го сонува Тоше, ама во целата тага наоѓа утеха кога ќе го изгушка на сон…
„Последниот пат го прашав: ’Зошто, батенце, замина?‘ А тој ми одговори: ’Така требаше да биде... Не жалете ме, бидејќи мене ми е убаво овде и тажен сум кога ве гледам како плачете за мене…“
Кога беше вашата прва средба, запознавање со Тоше?
Првите наши контакти беа за време на снимањето на песната „Излажи ме“, кога Копров ме викна да преслушам некои песни и да пробам да направам некој ремикс од нив, бидејќи многу му се допадна ремиксот на „Не зори зоро“ од Владо Јаневски. Тогаш знаев за Тоше, меѓутоа немав некакво посебно мислење за него, бидејќи не го познавав доволно. Уште со првиот контакт ме плени со неговата насмевка и харизма, а посебно со добрината што зрачеше од него…
Со оглед на вашата блискост, што е она што го загрижуваше, а и го радуваше во последните месеци од неговиот живот?
Последната недела кога се видовме беше вторник. Ми се јави и ме викна на гости да се видиме, некаде околу 23 часот. Работеше на една песна која многу му се допаѓаше, го правевме заедно аранжманот, па ме викна да го слушнам новото демо што го направил. Тогаш видов дека беше многу разочаран, никогаш го немав видено таков, како цел свет да му тежеше на глава. Го прашав: „Тоше, што се случува со тебе?“, а тој онака замислено ми рече: „Бате, многу сум разочаран од некои луѓе…“ Никогаш не сакаше да ми каже за кого точно станува збор... Едноставно беше тажен. Пробав да го расположам и му велев дека не треба да се нервира, дека се' ќе се среди и не треба да се разочарува. Тогаш тој се поднасмеа и ми рече: „Знам, ама сега ми е тешко, ќе треба да помине извесно време…“
На последната ТВ-снимка во емисијата „Вртелешка“ Тоше изгледаше многу изморено, исцрпено, иако беше штотуку вратен од двомесечен летен одмор. Која беше причината за неговата исцрпеност?
Да, на „Вртелешка“ сите забележаа дека беше изморен, имаше преголеми обврски што не сакаше да ги запостави, бидејќи многу му беше битен англискиот албум, а тој беше професионалец докрај, даваше се' од себе кога стануваше збор за музиката.
Се однесуваше ли како ѕвезда, особено ако се има предвид неговата огромна популарност?
Никогаш во животот не се однесуваше како ѕвезда, затоа сите и го сакавме, за разлика од некои други наши „ѕвездички“ кои глумат лудило на македонската естрада и мислат дека да се биде пејач е начин да се заведе некоја девојка повеќе и да се биде во шема, а не да се живее со музиката и за неа како што живееше Тоше.
Дали си ги слушнал песните од англискиот албум? Какво е твоето мислење за она што допрва го очекуваше Тоше во однос на светската кариера?
Имав можност да слушнам неколку песни од англискиот албум што тој ми ги пушташе во автомобил и секогаш бараше мислење од мене. Според она што сум го слушнал, можам да кажам дека сигурно ќе има многу хитови на албумот и дека нема земја што не би посакала да има пејач, а, пред се', човек како него… Сигурен сум дека ако беше жив, ќе ги фрлеше во сенка сите најголеми музички имиња од светот кои не се ни близу до неговите музички квалитети.
Имате многу заеднички спомени, случки, одмор. Што е она што најмногу те фасцинираше кај Тоше? Можеш ли да се сетиш на некоја интересна анегдота?
Секако, како најубав спомен ми остана одморот во Грција во Фурка – Калитеја. Тоше сакаше да одиме некаде блиску, ама каде што ќе може да се релаксира и одмори. Еднаш кога одевме на плажа тој остана последен и рече дека доаѓа за две минути, ама не дојде. Се вратив по него, а таму имаше што да видам… Над 20 дечиња стоеја пред врата и му бараа автограми. Тие беа од Грција и никако не можеа да го разберат, но тој на сите им даде автограми и се сликаше со нив… Највпечатлив момент беше додека бевме на плажа и на радио свиреше песната од Блу - „Sorry seems to be the hardest word“. Кога ја слушна, почна и тој да ја пее онака спонтано… За миг цела плажа застана да го слуша, сите беа занемени од неговиот глас, иако таму никој не го познаваше, а на крајот доби и аплауз.
Неодамна твоето име молскавично го заобиколи Балканот, благодарение на интервјуто за еден хрватски весник во кое, на изненадување на многумина, откриваш дека Благица, всушност, е вистинската љубов на Тоше, а не Андријана. Имаше многу реакции по излегувањето на текстот, а со демант се јави и ти самиот. Всушност, што се случуваше за време на интервјуто?
Навистина никогаш не би сакал да коментирам нешто за приватниот живот на Тоше, тоа е многу неблагодарно спрема него и не знам до кога луѓето ќе трачарат која била неговата љубов, дали оваа или онаа или некоја трета... Вистината со која беше до последниот ден ја знаат најдобро неговите најблиски пријатели од Крушево, а како што велеше, барем во љубовта тогаш беше среќен... Ми се згади од лагите во „24 часа“, бидејќи ниеден збор таму не е кажан од мене, комплетно се' е измислено од новинарката, најверојатно, заради поголем тираж. Жално е тоа што во весниците се изнапишаа толку лаги и глупости во кои беа навредени и Андријана и Благица што понекогаш се прашувам дали некои новинари воопшто имаат малку совест… Барем трошка од тоа што Тоше го имаше во себе. Или борбата за голем тираж е поголема од се'!?
Во какви односи си со Будимир? Вистина ли е дека по објавувањето на текстот за Благица во „24 часа“ ти се налутила?
Со Андријана Будимир сум во одлични односи и среќен сум што познавам толку прекрасна личност, бидејќи таа премногу го сакаше Тоше, а и тој неа. Едноставно, можеби си одговараа во карактерот, и двајцата беа темпераментни, нескротливи авантуристи полни со љубов кои сакаа да им помагаат на сите луѓе...
Во моментот кога стивна целата работа околу интервјуто во „24 часа“, одново ја изненади јавноста со тоа што јавно ја пушти демо-снимката на песната „Без тебе“ на Тоше, која веќе ја има и на Интернет...
Зошто Ерик пушти необјавена песна во етерот?
Песната ја најдов сосем случајно на цеде дома и е една од неколкуте песни што ги снимавме заедно кај мене. Тоа беше песна што ја снимавме пред две години и бидејќи на Тоше му беше роденден, сакав да пуштам дел од песната како изненадување за слушателите, зашто сум сигурен дека тој нема да ми се налути иако не е меѓу нас… Она што беше кажано некаде дека сум сакал да го подигнам рејтингот на емисијата е чиста глупост од некои новопечени новинарчиња… Мојата емисија „Love Songs“ на Антена 5 постои десет години, за неа имам добиено и награда, со неа се раѓала и растела една цела генерација... Му се извинив на семејството, затоа што можеби бев премногу потиснат од емоции и најискрено не се срамам… Плачев додека свиреше на радио. Тоа можеби и го почувствуваа слушателите, но не ми беше важно. Се видов и со авторот на песната „Без тебе“, Александар Ѓорѓевиќ, кој е одличен композитор и кој целосно ме сфати зошто го направив тоа.
Во една пригода ми кажа дека често го сонуваш Тоше...
Да, не знам зошто, ама во целата тага наоѓам утеха кога ќе го сонувам и кога ќе го изгушкам на сон… Последниот пат го прашав: „Зошто, батенце, замина?“ А тој ми одговори: „Така требаше да биде... Не жалете ме, бидејќи мене ми е убаво овде и тажен сум кога ве гледам како плачете за мене…“ Дали навистина постои нешто повеќе од овој живот? Честопати се прашувам и се надевам дека има нешто што ние не го разбираме, ама сепак постои… Се надевам дека сите луѓе ја сфатија неговата порака и дека никогаш нема да го заборават.
Можеш ли да ни откриеш барем една од желбите на Тоше кои, за жал, останаа нереализирани? За што сонуваше тој?
Мислам дека најголема желба на Тоше беше да излезе англискиот албум и да го изгради манастирот во Крушево. Толку многу зборуваше за тоа и често го посетуваше… Би сакал сите да најдеме сили и барем сега да му ја оствариме желбата, тоа е една мала работа со која ќе покажеме колку го сакавме сите. Тој направи толку многу за нас и уште ќе правеше… Жално е тоа што знаеме за малку хуманитарни концерти и работи, има многу за кои никогаш нема ни да дознаеме, а тој ги направил сакајќи да подари среќа и љубов некому... Тој не го правеше тоа за да пишуваат весниците и да се слика за слава како што прават сега некои наши „хуманитарчиња“… Се' уште ми доаѓаат солзи кога слушам негови песни, којзнае - можеби цел живот ќе биде така, a јас секој ден „го молам небото да ми те врати...“
Почивај во мир и пеј заедно со ангелите небесни... Никогаш нема да те заборавам...
Утрински / 03.04.2008