Тоше присуствуваше на заедничката забава на Србија и Црна Гора и Украина. Веднаш по неговото доаѓање, го опкружија многу девојки што го бакнуваа, сакаа да се фотографираат со него, го "нападнаа" новинари, фоторепортери и камермани... Дел од неговото слободно време го искористивме за краток разговор со него.
l Како се чувствуваше петте минути на сцената во полуфиналето?
- Бев во "благ шок". Се концентрирав само на настапот.
l Очекуваше ли дека ќе се пласираш во финалето?
- Ништо не можете да очекувате со 100-процентна сигурност, колку и да верувате дека ќе успеете во се. Секогаш се случуваат непредвидени нешта. Навистина не сум оптоварувам со пласманот, но бев сигурен повеќе од 99 отсто дека ќе влезам во финалето.
l Како ги доживеа миговите кога се соопштуваа финалистите?
- Мирно и сталожено. Не бев нервозен како што беа некои од моите колеги од земјите-учеснички што беа во моја близина.
l Која беше првата реакција кога слушна дека ќе пееш во финалето?
- Бев пресреќен. Но, од друга страна, ми беше тешко што не претставија како ФИРОМ.
l Македонија е пресреќна и го слави твојот успех.
- Слушнав за тоа, а добив и многу честитки од Македонија. Навистина сум пресреќен што на мојот народ таа вечер му донесов многу радост. Ги поздравувам сите и им се заблагодарувам на поддршката.
l Што мислиш, дали ќе влеземе во првите десет земји со најголем број бодови, што значи директен пласман на идниот Евросонг?
- Јас ќе дадам се од себе за да ја прикажам Македонија во најубаво издание. Не се оптоварувам со пласманот и не калкулирам со прогнозите. Тоа го реков и пред да дојдам во Истанбул.
Дневник / 15.05.2004