По повод двегодишнината од трагичната смрт на Тоше Проески, продукцијата Дел Рио Филмс реши да ги отстапи сите комерцијални, издавачки и авторски права од проектите кои ги имаа со легендарниот музичар, на неговото семејство и на Фондацијата.
Еве за што станува збор...
Дел Рио Филмс и големиот уметник Тоше Проески соработуваа и беа идејни творци на неколку заеднички проекти, од кои како најзначајни се спотот за песната Ако ме погледнеш во очи, идејата за заштитно лице на Синалко, како и Супер Тоше - стрипот со што беше единствената ѕвезда во светот која во 2005-та година покрај Роналдињо и Нелсон Мендела имаше свој стрип.
Од овие соработки со Тоше носиме прекрасни спомени за извонредно меѓусебно разбирање и заедничка работа – велат од Дел Рио Филмс.
Оттаму, Дел Рио Филмс одлучи сите комерцијални, издавачки и авторски права на стрипот Супер Тоше (чии мастери како уметнички дела се чуваат во сеф од моментот на тажниот настан на 16-ти октомври 2007 година), да ги подарат на семејството на Проески и на Фондацијата, која се грижи за неговиот лик и дело. Со овој чин ќе му оддадеме почит на големото дело на Проески, но и на незаборавните мигови поминати заедно.
Исто така, за да може семејството и Фондацијата на Проески да продолжат да му даруваат на светот нови песни и со нив Тоше да биде присутен во нашите срца, неговите соработници Бранко Попчевски и Оливер Ромевски, како автори на етно-поп нумерата Angel’s Face, одлучија истата да ја подарат на семејството и Фондацијата на Тоше Проески.
Оваа песна е создадена во 2003-та година како насловна нумера за филмскиот проект Ловец на души. Музиката и аранжманот се на Бранко Попчевски, а текстот на англиски јазик е на Оливер Ромевски.
Темата е снимена во студиото на Бранко Попчевски и беше испеана на задоволство на Тоше, кој уште во тоа време заедно со својот менаџерски тим размислуваше за англиски албум. Песната ќе биде предадена на семејството и на Фондацијата, со сите издавачки и комерцијални права, и тие ќе одлучуваат за нејзина евентуална доработка и издавање.
Со овие дејанија сакаме да допринесеме ликот и делото на Тоше да останат вечно во колективната меморија на Македонците, но и на Балканот и светот. Исто така, тоа е и наша обврска како на луѓе кои поминуваа прекрасни моменти со обичната личност на Тодор Проески, големиот другар, пријател и соработник – подвлекува Оливер Ромевски, во името на Дел Рио Филмс.
**** 16.10.2009.