Армија деца, тинејџери, студенти..., подадени раце, големи, треперливи насмевки - се една од асоцијациите поврзани за Тоше Проески. Тој не ги бираше обожавателите, туку тие него, а заеднички именител, знак на препознавање, им беше љубовта. И апсолутно најубавата работа во целата приказна е тоа што нашиот Тоше, тоа едноставно и домаќински воспитано момче, на сите еднакво им се даваше - не беа пресудни ни социјалниот статус, ни религијата, ни бојата.
Го бакнуваа и мали и големи, и декадентни и практични, и сонувачи и отсонувани, оние што ги испратиле и оние што допрва ги чекаат своите возови на вера, надеж и љубов. Здрави и болни, сите тие за Тоше беа друго име за љубовта.
Да си фан на една толку голема ѕвезда, а да го имаш чувството дека си му центар на светот е приказна на оние што ја сакале близината на Тоше. Каде и да го пресретнеа, каде и да го бомбардираа со цвеќе и бакнежи, сеедно дали е промоција, концерт или случајна, ама среќна средба. Бакнежи, заеднички фотографии, насмевки. Нема ароганција, поглед - одвисоко, напудрени фрази и недостапност.
„Многу ги сакам тие средби“, знаеше да каже Тоше. „Мојата публика, тоа сум јас, тие ми даваат живот, сила, и затоа не чудете се на мојата енергија. Затоа сум среќен“, изјави Тоше во едно интервју за „Утрински весник“. Така и започна неговата приврзаност и специјалниот однос со публиката. Кога во 1998 година, Тоше како 17-годишно уште голобрадо момче настапи на „Охридски трубадури“ пеејќи ја „Усни на усни“ на Григор Копров и Огнен Неделковски, во фоајето на „Палас“, каде што беа сместени учесниците, го чекаа возбудени тинејџерки. Средбата со миленикот не е мала работа - насмевките попримаат монтеверски димензии, а автограмите се чуваат долго. Неколкуте новинари ја следеа сцената - Тоше седна со нив, им раскажуваше вицови, се смееше на нивните реакции, им се потпиша и запеа. „Дали постои надеж љубов јас да те наречам, долго срце ми крадеш...“, пееше тој со затворени очи предавајќи се целосно на моментот. Девојчињата беа воодушевени од песната и не ги штедеа дланките. Во меѓувреме, се нижеа и песни и настапи. Во меѓувреме, и популарноста на Тоше растеше, ама не и егото. Тој, верувале или не, остана ист. Едноставен и насмеан. Не се крена нависоко, остана расположен за „свои луѓе“. На промоцијата на третиот албум „Ако ме погледнеш во очи“ во „Хилтон“, Софија, во 2002 година, редот на обожавателите беше голем. Особено ако ти кркорат цревата, бидејќи не си појадуван. Промоцијата се случуваше напладне, а неколку часа подоцна Тоше уредно се потпишуваше и потпишуваше. Кој да се занимава со цревата? Таква слика поврзана за него е врежана со сеќавањата на неговите обожаватели. Се менуваше квантитетот, не квалитетот.
А желбите на обожавателите беа најразлични. На неколкуте концерти во Белорусија, како што пишуваше тамошниот печат, Тоше буквално беше опседнат од толпа огнени обожавателки. Го влечеа за ракави, сакаа да му се доближат.
По желба на Тоше, обезбедувањето беше тргнато. „Тоа се луѓе на кои им се допаѓа мојата песна, не ми треба обезбедување“, го цитираше печатот. Канада, Америка, Австралија..., секаде луѓето му ја препознаваа искреноста и се' поголем стануваше бројот на „негови луѓе“. Тие му беа императив во кариерата, а особено интересни беа фановите од бившите ЈУ-републики. Не толку одамна „Слободна Далмација“ пишуваше дека по Тоше апсолутно лудуваат сплиќанките. Долгоногите морски убавици беа опседнати со него, а во своите најскришни мечтаења сонуваа за г-ѓа Проеска... „Чудата се случуваат, а јас чувам бурма под перница“, осамна лајф-сторијата поврзана за Тоше, во која се исповедаше една обожавателка по концертот во Хрватско народно казалиште во Сплит.
„Ама конкуренцијата ми е голема“, продолжуваше амбициозната девојка.
„За време на концертот го фаќаа за раце и нозе, скокаа по него. Кој да излезе на крај со сите тие жени...“ За време на новогодишниот пречек во 2006, на плоштадот во Риека, бината од која пленеше Тоше беше претрупана со кадифени мечиња и зајачиња.
Желбата да му подаруваат играчки ја наполни собата на Тоше. Кога собра 600 разни играчки, ги подари на Домот на деца без родители. Веројатно жителите на улицата
„Елисие Поповски“ се' уште се сеќаваат на толпи деца кои постојано ѕвонеа на домофонот
со името на Тоше.
Слика, потпис, не е важно. Кога стана пренапорно, Тоше го одмонтира ѕвончето,
а подоцна се пресели во Злокуќани. Нашата поп-икона по бројност ја надмина цифрата на обожавателките на Здравко Чолиќ. Тоа беше констатација на белградскиот „Блиц“, кој во анкетата што им подаруваат фановите, од Тоше Проески доби ваков одговор: „Девојките сешто ми фрлаат на бина. Мечиња, разни подарочиња, иако најмногу ме засипуваат со градници. Всушност, дома имам цела колекција градници во сите големини и бои. Во секој од нив има и порака - земи ме за жена и телефонски број. Многу ме насмеа духовитиот подарок на девојки од белградска гимназија - тие на сцена ми фрлија огромен градник на кој сите се потпишале“. На минатогодишниот концерт во Будва, Тоше се сретна со обожавателка која прво се обиде да му земе перче коса, потоа синџирчето со крстот. Кога не доби дозвола, се согласи да добие што било. Тоше не ја заборави.
По концертот ја препозна и во целиот метеж и' подари - маичка. Средбите со обожавателите му беа јаготка на шлагот.
Сепак, само убавите нешта се случуваат во бајките. Кога се обидов да дознам која е лошата страна на популарноста, пред неколку месеци Тоше низ смеење ги раскажуваше нештата поврзани за ѕвонењето на телефонот во глува доба. „Никогаш не можам да им се налутам на луѓето што ме одбрале мене. Кога е прегласно“, го игнорирам ѕвонењето. Сепак, најдраги му беа децата. За нив Тоше имаше километарско трпение и уште подолги насмевки. „Децата се дар од Бога. Не можам да не им се радувам“, знаеше да каже. „Кога и да се до мене, знам дека ме чуваат“, изјави тој на последниот скопски концерт на стадион.
Утрински / 16.11.2007 /ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА