Тоше е крал пред своите фанови. Дали пее или ги кани да запејат со него, им зборува, им се насмевнува или намигнува, како одговор добива врескање. Некои му замерија што премногу коментира и одолговлечува меѓу песните. Но, Тоше е Тоше. Што и да направи, пак сите ќе го сакаат. Плански и паметно сторено, баладите со непрестајна придружба од публиката, ги испеја на почетокот. За секој случај, да не го издаде кондицијата подоцна. Сепак, Тоше, "Блу фанки", придружните вокали и гудачите на Џорлев ја држеа динамиката до самиот крај. Новите песни ги чувме во првото полувреме, а по "Синтезис" како гости, на ред дојдоа најголемите хитови од мајсторите Копров и Костов. Имаше и стомачен танц дополнет со ритамот на тарабуките. Најголемо изненадување и најголем аплауз добија "шесте ангели". Малиот двојник на Тоше, и малите двојници на придружните вокали фантастично ја изведоа кореографијата на "Лајф". Вистинската евровизиска придружна екипа на сцената дојде подоцна. Тоше, облечен ала Сакис Рувас, остана без белото палто, како замена за влечење на лентите.
Преставник од "БК" саунд од Белград на Тоше му додели награда за најпродаван албум во Србија и Црна гора за 2002, од изданија на "БК". Во интермецата, како водителка се појавуваше Весна Бејби Петрушевска.
Огномет за крај, како роденденски подарок на "Космофон" и бис како повод за уште малку лудило. Тоше си го оствари најголемиот сон. Неговиот и на публиката.