Ова е пораката на документарниот филм за легендата Тоше Проески кој вечерва ја доживеа својата промоција.
Во филмот е приказната за момчето кое благодарение на својот глас и харизма, стигна до ѕвездите. Прикажано е како се создадени песните на последниот албум на Тоше, снимани на Јамајка и во Британија.
За режисерот на филмот Бостјан Слатеншек да се работи на филм за музичар како Тоше било задоволство, но и голема одговорност.
„Филмот за Тоше беше всушност идеја на самиот Тоше. Тие го снимија филмот додека се снимаше албумот. Јас влегов во тој филм подоцна и таа идеја толку ми се допадна затоа што Тоше е толкава ѕвезда, толку познат и бев задоволен и пресреќен што можев да го работам филмот“, изјави Бостјан Слатеншек, режисер на документарниот филм за Тоше Проески.
Промоција доживеа и англискиот албум на Тоше. 10 песни со светски звук. Продуцентот кој заедно со Тоше го создавал албумот вели дека „The Hardest Thing“ ќе доживее огромна слава. За него Тоше беше ѕвезда од светски размери.
„Тажно беше што работевме без Тоше. Јас и Тоше почнавме заедно да снимаме најпрво во моето студио во Лондон, а потоа на Јамајка. По трагичната несреќа на Тоше морав да го довршам албумот без него“, рече Енди Рајт, продуцент на „The Hardest Thing“.
„Се обидов да ги зачувам во моите мисли, сите оние работи кои тој ги сакаше. Се уште ми се враќаат многу мисли за времето и местата каде бевме заедно“, додаде Рајт.
Албумот веќе е во продажба во Македонија. Наскоро ќе се продава во сите земји од екс Југославија. Документарниот филм ќе почне да се прикажува во кино салите од 12. февруари.
На промоцијата на албумот и филмот покрај многубројната публика, беа и членови на семејството на Тоше, кој денеска требаше да го прослави 28-иот роденден.