Починатата ѕвезда повеќепати имаше изјавено дека никогаш во животот нема да се осмели да напише текст, но непосредно пред смртта напишал стихови за три досега непознати песни
Тоше во себе ја носеше музика. Таа беше негов здив, негова душа, негов начин
на размислување. Секој инструмент под неговите прсти знаеше да биде послушен и да допре до срцето на тие што го слушаа. Сепак, тој повеќепати имаше изјавено дека „никогаш во животот нема да се осмели да напише текст“. Мислеше дека е доволно да зборува преку својата музика и дека стиховите се непознати играчки со кои треба да си играат други луѓе. Тие други луѓе, неговите текстописци, постојано се обидуваа да допрат до неговите емоции и да и' ги пренесат на публиката. Понекогаш тоа беше лесно, а некогаш тешко,
„како да отвораш железна врата“. Сепак, непосредно пред осамнувањето на
црниот октомвриски ден, тој се решил да напише и три текста на
македонски јазик. Ѕирнал во најтајните одаи на својата душа и чувствата
ги срочил во следната строфа: „Газев по непознат пат, патот до Рајот“.
Блиските пријатели велат дека во нив се препознава неговото претчувство, оти чекори кон Рајот. Дека трнливиот овоземски пат се ближи кон крајот. Во една строфа од друг текст, Проески запишал: „В грло горчина, само тага познавам, сакам моја да биде“.
Во нив се наѕира тагата, која можеби понекогаш светнуваше од Неговите очи, но секогаш беше прикриена од Неговата широка насмевка. Тоше секој слободен миг го користеше да седне на синтисајзерот, да свири и да создава песни. Но да
пишува текстови на македонски јазик е нов момент и никој од нас не го
знаеше тоа. Два комплетно напишани текста со негов ракопис најдовме во
неговото студио. Третиот текст случајно го најдовме во неговиот
автомобил „буба“ - ни откри Славен Ристески, зетот на починатата
мегаѕвезда. Неговите блиски соработници велат дека Тоше понекогаш
знаеше да биде затворен, да не покажува што чувствува. Беше како ребус
што треба вешто да се одгатне. Но кога ќе се препознаеше себеси во
некој стих, не се срамеше да пушти солза или да се присети на некоја
негова случка.