Тажно, трогателно и свечено - ќе ги чуеме песните што му беа преокупација, опсесија и несоница во последниот период на Тоше . И, којзнае, можеби ќе бидеме поблиску до него... Следејќи ги судбинските патешествија, „The hardest thing“ е исполнување на последниот сон на Тоше. Во тоа име вреди да му се пркоси на „напишаното“.
Менаџерката на Тоше, Лилјана Петровиќ, и неговата продуцентска куќа „Аворд“ неодамна се откажаа од сите права врзани за продажбата на неговите албуми и сите права се пренесени на семејството Проески. Така, се' си дојде таму од каде што потекнува. Од почетокот.
Во 2006 година, во периодот кога го потпиша договорот со англиската продуцентска куќа „Пипл ин моушн“, Тоше се запозна и со британскиот композитор и продуцент Енди Рајт .
По работата и дружењето во Лондон, подоцна и на Јамајка, договорот беше следната станица на Тоше, на неговата менаџерка Лилјана и на Енди да биде Дубровник. Поради убавината, сонцето, Јадранот... Летово беа во Дубровник, без Тоше, зашто ветување си е ветување. Средбата на менаџерката и англискиот продуцент беше многу тажна, и во прекрасниот Дубровник Тоше постојано беше присутен во мислите. Така се случи договорот за доработката на песните за англискиот албум. Енди наполно и целосно се посвети на работата... Тоа беше неговиот долг кон чесното момче од Балканот.
Потпишувањето на неколкугодишниот договор со англиските продуценти значеше соработка со признати музичари, снимање во најдобри студија и три албуми со кои и светот би слушнал за македонскиот славеј. Странците беа презадоволни кога го слушнаа Тоше. Покрај тоа, првиот човек на „Пипл ин моушн“, Брајан Тејлор, „падна“ на природноста на нашето момче, на неговата детска љубопитност и чистота и веднаш заклучи дека македонската поп-икона е нетипична ѕвезда. Чист и искрен. Непорочен. Далеку од она што го има на Запад.
„Многу сум среќен поради се' што ми се случува“, кажуваше Тоше. „Знам дека е многу тешко да се направи интернационална кариера и дека, покрај квалитетот, се важни и други нешта. Сега, кога имам сигурност од мојата матична куќа, ќе го дадам најдоброто“.
Тие ќе се грижат за кариерата надвор од Балканот, а првиот човек Брајан Тејлор е многу задоволен и од мојот глас и од материјалот што го подготвуваме за англискиот пазар. Преку оваа работа видов како е да се работи со врвни професионалци и затоа - со Господ напред! Не сакам многу да зборувам предвреме, подобро е да почекаме да излезе албумот, па потоа да коментираме. Композициите се феноменални и сите се направени по моја мерка. Тоа е резултат на работата на извонреден тим. Посебно сум среќен со мојата песна што ја снимивме во Шведска со Норт Јенсен. Се вика ’ Тhe Hardest Thing“ и звучи прекрасно“.
Тоше беше голем уметник, а неговата особеност значеше тоа што го носи во себе, тоа нешто по што публиката го препозна и одбра. Искреноста е прашање на срцето. Ја имаш или ја немаш.
Албумот за почеток ќе биде отпечатен во 150 илјади примероци и тоа низ пазарите во Хрватска, Србија, Босна и во Словенија. Понатаму нештата самите ќе се кажат. За нас е важно што се исполни големиот сон на Тоше.
23 јануари 2009 .