АКЦИЈА ЗА ПОМОШ НА СТАРИТЕ ЛИЦА
Тоше Проески, Кристина Арнаудова, Дарио, Александар Митевски, Бени Шаќири, Тамара Тодевска, Маја Гроздановска - Панчева и Биба Додева се sвездите кои ја пеат песната како дел од акцијата "Сите сме нивни деца - да им помогнеме на старите лица". Акцијата која е во организација на Црвениот крст на град Скопје и Космофон има за цел да се соберат пари за обнова на домовите за стари лица во Македонија. "Тие луѓе се толку скромни што кога отидовме во Домот за стари лица во Злокуќани и кога ги прашавме што им треба најмногу, тие ни рекоа: 'Не треба ништо, доволно ни е што дојдовте да не видите и да ни правите друштво'. Такви луѓе заслужуваат многу внимание", рече Дарио на вчерашната прес-конференција во "Александар палас" на која се промовираше акцијата. Граѓаните кои сакаат да им помогнат на старите лица можат тоа да го направат на повеќе начини. Да се јават или да испратат СМС порака на бројот 075 140 100 со што донираат по 50 денари. Црвениот крст на град Скопје отворил жиро-сметка во Еуростандард банка со број 370011200059341 на која можат да се донираат средства директно или преку ваучери кои ќе ги дистрибуира Црвениот крст. На 29 мај ќе се организира и хуманитарен концерт во Универзалната сала на кој ќе настапат сите sвезди, изведувачи на песната.
Сите сме нивни деца!
Мирна старост е една од најубавите работи што може да се случи во животот. Но, за оние на кои староста им е повеќе осаменичка во старски домови, дел од македонските музички ѕвезди посветија преубава песна. Мајсторот за химни, докажаниот Александар Митевски, е потписник на музиката, текст и аранжман, а во песната освен него пеат и: Тоше Проески, Дарио, Бени Шаќири, Тамара Тодевска, Биба Додевска, Маја Гроздановска - Панчева и Кристина Арнаудова. Миди оркестрацијата е на Далибор Грубачевиќ, мастерингот е на "Масив мастеринг"- Америка. Сето ова перфектно го визуелизира продукцијата на режисерот Чедо Поповски, "Аксон", преку спот снимен во Драмскиот театар, во кој главни ѕвезди се чичко Аце и тетка Лепа, од старскиот дом. Вчера, во "Александар палас", сето ова беше промовирано пред новинарите. Оваа песна е дел од хуманата акција на "Космофон" и Црвениот крст на Град Скопје во соработка со "Космофон", која се одвива под мотото- "Да им помогнеме на старите лица". Акцијата ќе биде проследена со голема медиумска кампања со цел граѓаните активно да се вклучат и да донираат средства, наменети за домовите за стари лица во Македонија. Акцијата предвидува повеќе начини за донирање - за своите корисници, "Космофон" го отвори специјалниот број за донации 075 140 100 на кој со повик или испраќање СМС се донираат 50 денари. Со купувањето на цедето се донираат 80 денари. Црвениот крст на Град Скопје ја отвори жиро-сметката 370011200059341, депонент "Еуростандард банка", на која сите хуманитарни граѓани имаат можност да донираат средства, директно на сметката или преку специјалните вредносни ваучери кои ќе ги дистрибуираат активистите на Црвениот крст. Музичкото ЦД со песната "Сите сме нивни деца" ќе биде во продажба во сите продавници на "Космофон" низ републикава по симболична цена од 80 дена. Како дел од кампањата, на 29 мај 2005 година, во Универзалната сала ќе биде одржан голем хуманитарен концерт на кој во живо ќе настапат сите пејачи-изведувачи на песната со дел од својот репертоар. Цената на влезниците не е утврдена, но ќе изнесува од 200 до 300 денари. Средствата ќе бидат наменети за подобрување на условите во домовите за стари лица во Македонија.