Концерт Над 19 илјади посетители на тричасовниот спектакл Од нашиот известувач Катерина Шекеровска Белград Над 19 илјади посетители беа дел од тричасовниот спектакл што го приреди нашата најголема пејачка ѕвезда Тоше Проески во „Арена“, една од најатрактивните сали на балканските простори. Дочекан како вистинска ѕвезда, со овации и врескања, по шестгодишна пауза Тоше повторно им се обрати на своите белградски фанови - за почеток се прекрсти, се помоли, а по првото појавување на сцената падна на колена пред публиката која реши Денот на вљубените, Св. Валентин, и Денот на лозарите, Св. Трифун, да ги прослави со најголемите хитови на својот миленик. „Првпат ми се случува концертот уште да не е почнат, а веќе да се плашам дека ќе заврши!“, рече Проески, кој уште по првите акорди на хитот „По тебе“ („Пратим те“) навести вечер во која уживаа сите. Разигран, елегантен, облечен во бела кошула дополнета со марама, трегери и панталони во линии, Проески продолжи во исто темпо и глас со публиката. Се редеа „Љубена“, „Лејди“ (во соло-изведба на гитара), „Кој ли ти гризе образи“..., сите во придружба на македонскиот симфониски оркестар под водство на Саша Николовски-Ѓумар и „Блу фанки индивидуалс“.
Со извежбани чекори, Проески на белграѓанки им ја подари и „Тајно моја“, песна која на македонски јазик грмна низ цела „Арена“. Изненадување беше дуетот со Александра Милутиновиќ (и двајцата ги видовме на гитари) - познатата тема „1.200 милји“, а публиката не се штедеше во аплаузите и овациите ниту кога на сцената се појави специјалната гостинка Билја Крстиќ, со која ја испеаја „Јовано, Јованке“. Српската публика уште еднаш докажа дека е „слаба“ на македонски изворни песни и дека, покрај на „Јовано, Јованке“, тешко кој може да и' одолее и на „Море сокол пие“. Двете изворни песни беа одлична најава за уште еден гостин, овој пат ансамблот за народни игри и ора „Танец“, а малку потоа се случи и специјалното изненадување (јавна понуда на брак) подготвено од организаторите на емисијата „Се' за љубовта“. Интересно беше да се види Проески со блех-оркестар (на Срѓан Азиревиќ) и изведба на „Несаница“ (тема од филмот „Ивкова слава“), а уште поинтересно - да се доживее искрена публика и море на емоции, вплетени во заедничка изведба на познатата филмска тема. Една од работите по кои ќе остане запаметен концертот на Тоше во белградска „Арена“ е гостувањето на италијанската пејачка Џана Нанини, со која Проески премиерно го отпеа заедничкиот дует. Морници и трепет додека ја слушавме заедничката композиција „Арија“, нешто што претставува влез на Проески на странскиот музички пазар. Нанини, која допатува специјално од Милано, отпеа уште една своја нумера, а двете ги диригираше композиторот и автор на „Арија“ - Вил Малоу. Понатаму се редеа хитови на Тоше, се пееше „Ледена“, „Ако ме погледнеш во очи“, „Лагала нас мала“, „Срце није камен“, „Чија си“, „Fragile“, се собираше колекција на кадифени мечиња... Уште еден рефрен од „Чија си“ беше доволен барем на момент да се задоволи жедната публика која и по три часа не се откажуваше од својот миленик. Како шлаг на вечерта и официјален крај се случи со „Nothing Else Matters“... И навистина ништо не беше важно вечерта во која Тоше Проески оствари уште еден голем успех и по којзнае кој пат направи да се чувствуваме горди на тоа што сме Македонци. Понуда за брак Понуда за брак завчера „падна“ на концертот на Тоше. Во договор со организаторите на популарната емисија „Се' за љубовта“, која се емитува на ТВ Пинк, Тоше му помогна на младиот Ненад од Неготин, Србија, да ја побара за жена својата девојка Ивана. Одговорот, секако, беше потврден, а прв им честиташе Тоше пеејќи ја „Несаница“ во придружба на блех-оркестар. Гости Меѓу гостите на концертот на Тоше го видовме и амбасадорот на РМ во Србија, Виктор Димовски, Жељко Самарџиќ му посака успешен концерт уште во гардеробата, Дејан Миличевиќ, Бојан Бјелиќ, а меѓу присутните во ВИП-ложите на „Арена“ се зборуваше и за присуство на премиерот на Србија, Воислав Коштуница, кое остана непотврдено. Џана експресно се врати За жал, за време на концертот почина татко и' на италијанската пејачка Џана Нанини и таа утредента експресно замина за Милано. Сепак, не ги штедеше убавите зборови за Тоше. „Не сум слушнала глас како Тоше. И Павароти треба да оди на часови кај него. Чувството да се пее заедно со него е како да летате“. Следната станица Сан Ремо - Концертот беше совршен, публиката, исто така. Уживав во секој момент, изјави Тоше на прес-конференција веднаш по завршувањето на спектаклот. По три часа пеење, Тоше едвај имаше глас да зборува, но спомна дека наредна станица му е фестивалот „Сан Ремо“. „Тоа ми е една од најголемите желби во животот и се надевам дека наскоро ќе се оствари“, дополни Тоше, кој по пресот замина на вечера на еден од сплавовите на Ада Циганлија.
Тоше ја покори и Арена
Вечер / 16.02.2007
Тоше Проески го проголта најголемиот музички залак во својата кариера. Испитот наречен белградска Арена е положен со чиста десетка, па оттука сосема логично е да се заклучи дека заслужено го носи епитетот број еден и не тоа не само кај нас, во Македонија. Докажа дека е само еден од ретките кои во своето портфолио ќе ја запишат победата нанижана во огромната белградска хала, која досега ја наполниле само имиња од калибарот на Чолиќ, Фил Колинс, Бајага... Преполна сала, многу емоции, одлична повеќе од тричасовна журка во која миленикот на, пред се, женската публика бриљираше во својот досега невиден настап. Придружуван од Блу фанки индивидуалс, Танец, Симфонискиот оркестар под водство на Саша Николовски - Ѓумар, Тоше покажа како тоа го прават најдобрите. Уште со првите тактови на "Пратим те" и паѓањето на коленици беше јасно дека е подготвен комплетно да и' се предаде на публиката, која збудале по него, и емоциите, кои овојпат ја имаа својата кулминација. Стокмен по теркот на Дејан Милиќевиќ во тесни припипиени панталони, бела кошула, трегери и впечатлив прстен на десната рака, продолжи во ритамот на подзаборавените хитови. Прва на репертоарот се најде дуетска песна "1.200 милји", потоа низата српски теми и делириум со една од неговите најубави балади "Тајно моја". Следуваше отворање на блокот посветен на традиционалната македонска песна и дуетската "Јовано, Јованке" со Билја Крстиќ, која се појави како изненадување на концертот. Тоше и Биља пееја во придружба на оркестарот под раководство на Милан Завков. Следуваше "Море сокол пие" и куса пауза за време на која публиката имаше можност да ужива во мајсториите на виртуозите од КУД "Танец". Освен покрај и на сцената за време на паузата, кога повеќето од девојките се обидуваа да дојдат до Тоше, се случи и еден прилично неочекуван и мошне интересен гест - благодарение на екипата на популарната српска емисија "Се за љубовта" еден вљубен Ненад од Неготин си ја побара за жена својата девојка. Поромантична подлога од онаа со Тоше во позадина и токму на Денот на вљубените и не би можело ниту да се посака. Свое место во репертоарот на Тоше најде и неговата омилена тема или насловната од филмот "Ивкова слава"- "Несаница" овојпат во придружба на блех оркестарот на Срѓан Азировиќ. Својата премиера, секако, со дозвола на англискиот менаџерски тим, на концертот ја доживеа и дуетската "Арија" со Џана Нанини. Прекрасна тема што е само одлична најава за она што ќе следува со новиот албум наменет за светскиот музички пазар. Спектакуларен почеток за уште поспектакуларен крај - Леб и сол, Металика... еден бис и крај на нешто повеќе од тричасовниот спектакл кој собра огромен број негови фанови кои освен од цела Србија ги имаше и од родната му Македонија. Бројката која ги надмина сите очекувања (над 17 илјади посетители!), па дури и оние на Тоше, затоа што како што изјави на пресот по концертот, тој не се надевал на толкава посетеност, ги разубеди сите неверни Томовци кои се надеваа дека атрактивниот кошаркарски натпревар или концертот на еден негов хрватски колега ќе привлечат повеќе внимание. Очигледно само ретките и вистинските професионалци се подготвени за големи чекори. Тоше, дефинитивно, своето го направи. Жешко и во ВИП ЛОЖАТА Освен на сцената каде Тоше потпалуваше со заводливите мешања со колковите, жешко беше и во ВИП ложата. Освен Жељко Самарџиќ, кој му дал поддршка пред почетокот на концертот, го забележавме Бојан Бјелиќ, тука беше македонскиот амбасадор во Белград Виктор Димовски, а проструи веста дека од страна во настапот уживале и српскиот премиер Воислав Коштуница и турбофолк дивата Јелена Карлеуша.
Александра Тимковска