Време / 15.09.2007
ПРОМОВИРАНО СЕДМОТО ЦЕДЕ НА ТОШЕ
Во друштво на семејството, голем број пријатели, соработници, колеги од естрадата и претставници од медиумите поп-ѕвездата Тоше Проески го претстави својот најнов, седми албум, насловен „Игри без граници“, завчеравечер во хотелот „Александар палас“. - Ова е мојот најдобар албум досега. Максимално сум задоволен - изјави Тоше пред присутните. Промоцијата ја отвори со изведбата на насловната песна, а потоа во живо испеа уште неколку нови песни. Им се заблагодари на семејството и на менаџерката Љиљана Петровиќ за безрезервната поддршка. Расположен за дружење, Тоше беше достапен за сите присутни. „Игри без граници“ содржи 9 песни, од кои барем половината веќе се хит во радиоетерот. Меѓу седумте бонус-песни, освен мегахитовите „Волим осмех твој“, „Вежи ме за себе“ и
„Срце није камен“, се наоѓаат и адаптацијата од филмот „Ивкова слава“ - „Несаница“, преработката на „Остала си увјек иста“ на Ѓорѓе Новковиќ, која своевремено ја испеа Мишо Ковач... Албумот се снимаше и се миксаше во студијата „НБ“ и „Кроација рекордс“.
За македонскиот пазар го објави продукцијата „Аворд ентертејнмент“, а во улога на извршен продуцент се јавува Никша Братош. Авторскиот тим го сочинуваат познати музички имиња од земјите на поранешна Југославија - Миро Буљан, Антонија Шола, Срѓан Симиќ-Камба, Мирослав Рус, Зоран Лековиќ, Нена Лековиќ, Никша Братош... Поголемиот дел песни на македонски ги препеа Весна Малинова, додека Владо Јаневски се потпишува на препевот за песната „Среќна ли си ти“. Тоше концертно ќе го промовира албумот на Градскиот стадион во Скопје на 5 октомври. Концертот, во организација на „Аворд ентертејнмент“ и на УСАИД, ќе има хуманитарен карактер, а средствата ќе бидат наменети за реновирање неколку основни училишта низ Македонија, меѓу кои и училиштето во Крушево, во кое своевремено учеше поп-ѕвездата.
Во новото цеде вложив многу енергија и љубов
Дневник / 15.09.2007
За Андријана Будимир, која на настанот се дружеше и со родителите на Тоше, „Игри без граници“ е најдобриот албум на Проески Во убава интимна атмосфера, со одличен настап во живо, нашата мегаѕвезда Тоше Проески го промовира седмиот албум, „Игри без граници“, завчеравечер во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Големо внимание привлече девојката на Тоше, ракометарката Андријана Будимир, а од познатите личности присуствуваа Кристина Арнаудова, Марко Новески, Влатко Илиевски, Ламбе Алабаковска, Елена Ристеска, Дарко Димитров и Калиопи. Бидејќи обезбедување на вратата пушташе само со покани, во салата немаше турканици, па Тоше слободно се движеше, дружеше и се фотографираше со гостите. Со бендот „Блу фанки индивидуалс“, кој го следи на секој негов настап, изведе во живо нумери од новиот материјал. Расположен како и секогаш, со многу позитивна енергија, ги поздрави присутните и своите родители, кои исто така беа на промоцијата. - Многу брзо ми дојдоа промоциите на двата албума и се' уште ми се мешаат текстовите на српската и македонската верзија, но ќе се снајдам. „Игри без граници“ не е само мој проект, тој е и на мојот бенд, на мојата менаџерка Лилјана, на сите луѓе од „Аворд продукција“ и на авторите што ги создадоа песните. Презадоволен сум оти вложивме многу енергија и љубов. Го продуцира еден од најдобрите продуценти во регионов, Никша Братош. Го работеше речиси истиот тим од минатиот албум, но, според мене, ова е најдоброто од нас - изјави Тоше. На „Игри без граници“ има девет нови песни, како автори се потпишуваат Миро Буљан, Антонија Шола, Никша Братош и Мирослав Рус. Препевите на македонски јазик ги направи Весна Малинова, а Владо Јаневски го направи препевот за нумерата „Среќна ли си ти“. Како бонус-композиции се добро познатите „Вежи ме за себе“, „Срце није камен“, дуетот со Антонија Шола „Волим осмјех твој“ и преработките на „Несаница“, „Остала си увјек иста“ и „Feeling Good“. Издавач на албумот е „Аворд продукција“. Андријана Будимир и Тоше веројатно се' уште не се подготвени и официјално да се појават како љубовна двојка бидејќи воопшто не застанаа еден до друг, а дојдоа и заминаа одвоено. Атрактивната ракометарка освен со своите пријатели, беше во друштво и со родителите на Тоше. Вешто ги избегнуваше медиумите и не сакаше да зборува за нашата ѕвезда тврдејќи дека е дојдена како негова пријателка. Сепак, призна дека „Игри без граници“ е нејзиниот омилен албум. Будимир изјави дека ќе одмара од ракометот бидејќи имала две сериозни повреди на рамото и на ногата. - Немам веќе 21 година, па се' да е лесно. Иако ништо не се знае, засега нема да продолжам со ракометот. Ќе работам во една хуманитарна организација, а ќе бидам почесто во Македонија бидејќи се запишав на Универзитетот ФОН - на економскиот факултет. За Тоше не ме прашувајте ништо, можам да зборувам само за неговата музика. Ова е дефинитивно најдобриот негов албум, но српската верзија повеќе ми се допаѓа. Омилена песна ми е „Игри без граници“, бидејќи е многу емотивна, текстот и музиката се прекрасни - вели Андријана. На крајот на промоцијата, Тоше ја потсети публиката за својот хуманитарен концерт, кој на 5 октомври ќе се одржи на Градскиот стадион во Скопје. Како гости ќе се појават Адријан Гаџа, хрватската пејачка и актерка Антонија Шола, која ги пишува и текстовите за песните на Тоше, црногорскиот пејач Бојан Маровиќ, како и годинашните евровизиски претставнички на Словенија и на Босна и Херцеговина, Аленка Готар, односно Марија Шестиќ. Тоше стана одбојкар на „Нико Доага“ Новина кај Тоше Проески е тоа што од неодамна е регистриран во екипата на крушевскиот одбојкарски второлигаш „Нико Доага“. Тимот завчера гостуваше на пријателска средба во Прилеп со прволигашот „11 Октомври“. Проески не настапи поради замор од турнејата во Хрватска, а дуелот го проследи од трибината. - Сериозно сметаме на Тоше. Очекуваме негов придонес кон остварување на амбициите за пласман во Првата лига. Универзалец е, може да игра на повеќе позиции, а има висина од 185 сантиметри, доволна за одбојкар -сметаат во стручниот штаб на „Нико Доага“. (З.И.)
Тоше го промовираше албумот со жива свирка
Утрински / 15.09.2007
ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ
Еден месец по пуштањето во продажба, најновиот седми албум на Тоше Проески „Игри без граници“ завчеравечер во хотелот „Александар палас“ го доживеа и своето официјално претставување. На промоцијата, на која за разлика од минатите можеше да се влезе само со покани (со што се избегна вообичаениот метеж), Тоше ги поздрави присутните пеејќи во живо дел од композициите, сместени на новиот носач на звук, во придружба на бендот
„Блу фанки индивидуалс“. „Презадоволен сум од проектот особено зашто го продуцираше најдобриот аранжер и продуцент Никша Братош. Многу сум задоволен како звучи и сметам дека ова е најдоброто нешто што досега сме го направиле“, рече Тоше, притоа не заборавајќи да и' се заблагодари на својата менаџерка, спонзорите, бендот, професорите по пеење и на родителите. Покрај Тоше, ѕвезда на вечерта завчера во „Александар палас“, дефинитивно, беше и ракометарката Андријана Будимир, со кого нашиот пејач е во љубовна врска. Таа беше една од најфотографираните фаци на чија сметка одеа и безброј коментари врзани за атрактивниот изглед. „Тие се одличен пар“, коментираа присутните додека Будимир ги одбегнуваше прашањата врзани за нејзината љубов Тоше. Дојде, се поздрави со неговите родители, кои беа во друштво на повеќе свои блиски роднини, и остана од страна да го следи неговиот настап. Впечатлив беше погледот и сјајот во нејзините очи. Патем, на коктел-промоцијата на Тоше видовме и повеќе познати личност кои дојдоа лично да му го честитаат излегувањето на новото цеде. Меѓу нив беа и Калиопи, Ламбе Алабаковски, Роберт Билбилов, Елена Ристеска, Марко од „Дај побрзај“, Влатко од „Морал“, Бане од „Томато“, Кристина Арнаудова, Дарко Димитров, Франц, Џаро, пулмологот Дејан Докиќ... (К.Ш.)