Во гласањето, кое заврши денеска попладне и кое се одвиваше на интернетпорталот „Опен билдингс“, меморијалната спомен-куќа за Проески освои 15.078 гласови од целиот свет, а освои и најмногу гласови од меѓународното жири.
На второ место е Музејот на сеќавањата и толеранцијата во Мексико Сити и проектот Атмосфера во Калкута.
Годинава прв пат беше воспоставена награда за која може да се гласа од цел свет, со што за своите фаворити гласаа не само архитекти, туку и луѓето од различни професии.
Беа пријавени повеќе од 1.000 проекти, а право на учество добија 704. Објектите можеа да бидат од разни категории, а главен критериум да влезат во гласањето беше да се завршени оваа година. Спомен куќата на Тоше влезе меѓу фаворитите од почетокот на гласањето во август годинава.
Спомен-куќата на Тоше беше отворена на 25 април. Лоцирана е на Гумење во Крушево на површина од 870 метри квадратни. Има форма на крст, изградена од бетон и стакло. Идејниот проект е на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, а во соработка со Илија Божиновски.
04.11.2011