По сите подготовки, најави и зборувања, конечно сум во Истанбул, градот во кој ќе се случува големото евровизиско финале на кое сите се надеваме и го очекуваме. Од она малку време што успеав да го украдам и да се прошетам, дефинитивно се уверив дека Истанбул е град кој никогаш не спие, мошне е динамичен и преполн со луѓе и автомобили... А во сиот овој хаос, организацијата функционира беспрекорно - претставниците на организаторот - Турската национална телевизија, нў пречекаа уште на аеродромот од каде што веднаш бевме сместени во хотел. Атмосферата овде е многу бучна и динамична, постојано пристигнуваат евровизиски делегации од сите земји-учеснички, а најинтересно е тоа што секоја од нив, па и нашата, има обезбедување од шест лица! Да, токму така, каде и да "мрднеме" по нас одат шестмина "батки", кои не дозволуваат никој "накриво" да нў погледне, а камоли да се обиде да направи некаков инцидент...
Уште кога стасавме во вторникот попладне, веднаш по сместувањето, додека другите членовите од нашата екипа излегоа да го разгледуваат Истанбул, јас и Лилја останавме и дадовме неколку интервјуа за турските медиуми, кои ни ги договори нашиот конзул во Турција, господинот Јордан Панов, кој патем ни откри и многу тајни за овој особен град... Интересно е тоа што новинарите се информирани за нашата земја, познаваат дел од пејачите и ми поставуваат многу прашања, меѓу кои, секако, доминираат оние што се врзани за нашиот настап и песна на "Евровизија", очекувања, прогнози, мои фаворити... Инаку, критиките што ги добив досега се позитивни, но повторно ќе кажам дека не сакам да давам никакви прогнози, сў ќе се знае на 12 мај за кога е закажана и полуфиналната вечер...
Вчера претпладне ја одржавме и првата наша проба во "Абди Ипекчи", местото каде што ќе се одржи "Евросонг". Сцената е огромна, има многу светилки, модерен дизајн - очигледно организаторите се потрудиле да остават добар впечаток, посебно ако се има предвид дека ова е првпат да бидат домаќини на "Евровизија", нешто што очигледно многу им значи. Убаво е да се биде во Истанбул...
Во овие пребукирани моменти сфаќам колку значи одморот, доброто полнење на батериите кои треба да издржат уште долго... Во изминатиов период имав толку многу активности што мислам дека ако не заминев неколку дена во Крушево да се одморам, навистина не знам како ќе издржев... И навистина се одморив добро пред да заминам за Турција, уживав во моето Крушево, се возев со моторот, среќавав весели и насмеани лица, добивав топли зборови на поддршка, а и времето беше навистина прекрасно... Всушност, најмногу уживав во друштвото на моите внуци Кристијан и Никола. Неодамна по вторпат станав вујко, а Кристијан си доби братче кое го крстивме по татко ми Никола, кој, според мене, е најсреќен од сите нас...
Она што ме прави дополнително среќен на ова патување е и благословот што го добив од дедо Стефан, непосредно пред да заминам за Истанбул, а многу ми значи и поддршката од фановите кои секојдневно, па дури и овде наоѓаат начин да ме исконтактираат и да ми ја искажат својата поддршка. Не смеам да заборавам да го спомнам приемот што го организираше турскиот амбасадор, Мехмед Ташет, во наша чест, еден ден пред заминувањето. Се дружевме во една релаксирана атмосфера, а приемот беше шанса да дадам и неколку интервјуа во кои новинарите претежно ме прашуваа како се чувствувам пред заминувањето. И тогаш и сега ќе кажам дека ќе го дадам максимумот од себе за да ја претставам нашата држава онака како што и доликува, ќе се обидам да ги запознаам Турците и другите делегации со нашата историја и знаменитости... Се надевам дека на 10 мај ќе имаме и една убава македонска вечер во Истанбул, ќе се забавуваме и заедно со "Синтезис" ќе им покажеме на гостите што значи да си Македонец. А сў друго што ќе дојде - е добредојдено!
Ве сакам