Наскоро Тоше повторно заминува во Лондон каде на 14 ноември има закажано снимање на дуетската тема со италијанската пејачка Џана Нанини. Темата со наслов "Арија" е на италијански и досега, како што дознаваме, е
направена демо снимка. Ден по снимањето ќе се работи и на спотот за чија
реализација ќе биде задолжена тамошната екипа на Тоше и, најверојатно,
со оглед на тоа што во приказната ќе биде вклучен и стринг-оркестар
кадрите ќе се снимаат во студио. Во проектот ќе биде вклучен и Вил
Малон, кој е задолжен за оркестрацијата, а инаку се споменува како
соработник на многу познати имиња меѓу кои се и Масив атак. Уште една
новина поврзана со името на Џана Нанини е нејзината покана упатена на
сметка на Тоше да учествува како гостин во мјузиклот што таа го планира
за следната година. Во тимот на Проески расположение има и најверојатно
поканата ќе биде прифатена.
Освен новата тема и мјузиклот наголемо се подготвува и најавениот
англиски албум со кој ќе се атакува на светскиот музички пазар. Досега
се избрани осум теми, а со уште околу две-три би требало да се
комплетира целиот материјал. Инаку, три од досега избраните нумери се на
Енди Рајт, една е италијанската со Нанини, а четири, односно побрзите
теми од албумот се на Вејн Хектор. Следната дестинација е Њујорк каде со
уште не е дефинирано со кого точно ќе се работи. Продукцијата на
материјалот ќе се прави во Шведска, Англија и Америка, што претставува
стратешки испланиран потег со кој ќе се освојува пазарот. Најважно од со
можеби е тоа што и покрај големите планови за светска кариера Тоше не
оди никаде и на светот ќе атакува од Македонија.
30 октомври 2006