Специјално за "Вест" од Хвар Зоран Василевски
Мегаsвездата Тоше Проески со хитот "Вежи ме за себе" е апсолутен победник на престижниот хрватски "Радиски фестивал", кој викендов се одржа на островот Хвар. Тоше лапна пет награди- "Гранд при", за најдобар поп-рок изведувач од весникот "24 сата", наградите од слушателите на три музички радија во Босна Црна Гора и Србија. Неговата победа беше поздравена со огромен десетминутен огномет.
"Втор пат сум на овој фестивал и, искрено, не очекував дека ќе победам.Ова е голем ден за мене и би сакал посебно да им се заблагодарам на мојата менаџерка Лилја, како и на новинарите од Македонија кои поминаа 1.200 километри за да ме бодрат вечерва", рече Тоше на прес-конференцијата по победата во елитниот хотел "Адријана вал Марина".
Второто место на Фестивалот го доби натурализираниот хрват Аки Рахимовски со песната" Ти и ја", а третото место им припадна на сестрите Ивана и Марија Хусар.
Веднаш по победата, Тоше Проески славеше со голем концерт на плоштадот во Хвар каде што огромен број негови фанови можеа во живо да ги слушнат неговите големи хитови "Волим осмјех твој" - дует со популарната хрватска пејачка Антонија Шола, "Лагала нас мала", " Кој ли ти гризе образи" и други. Беше облечен во палто на "Долче & Габана", фармерки "енерџи" и патики "биочели".
Тоше на Хвар допатува директно од Загреб каде што сними спот со неговата атрактивна колешка од Хрватска Антонија Шола со која се дружеше за време на престојот на Хвар. Каде и да се појавеше, над стотина негови фанови се туркаа за автограми и сакаа да се фотографираат со него.
Ова е прв пат на "Радиски фестивал" еден учесник да земе дури пет награди. Директорот на Фестивалот, Јурај Хрвачич рече дека е навистина пријатно изненаден од популарноста на Тоше и му посака светска кариера.
На покана на директорот на Фестивалот, на островот Хвар допатува и Владо Јаневски кој, заедно со Северина, требаше да пее во ревијалниот дел на Фестивалот, но Севе во последен момент го откажала настапот, па затоа Владо му беше само гостин на Тоше.