„Не се надевав на награда зашто моја најголема награда е реакцијата на публиката. Втор пат сум на Радиски и задоволство ми е што настапив на овој фестивал“, рече Тоше на победничката прес-конференција што се одржа во ексклузивниот хотел „Адријано“.
Победата на Тоше, кој важеше за голем фаворит на фестивалот (пет недели едноподруго се наоѓа на првото место на официјалната хрватска топ-листа), беше прославена со огромен огномет, преполн плоШтад, овации кои траеја до доцна во ноќта. Уште при пристигнувањето на Хвар, Тоше беше дочекан како голема ѕвезда. Тошеманијата почна на траектот кој вози на релација Сплит-Хвар, каде што нашиот пејач се најде под опсада на многубројните обожаватели- се фотографираа, се делеа автограми на раце, на маици... Ако денот по утрото се познава, тогаш поројниот дожд што го дочека Тоше, неговата менаџерка Лилјана Петровиќ и македонската екипа новинари на Хвар, навистина значеше бериќет. Покрај максималниот број освоени награди и „малиот милион” на дадени интервјуа, Тоше во саботата вечер одржа и фантастичен солистички концерт пред преполн плоштад на Хвар. Се пееше, играше, скокаше, репертоарот беше разновиден - од „Пратим те“, „Лагала нас мала“, Једина, па се' до „Остала си увијек иста“ (во чест на Ѓорѓе Новковиќ), „Трешња“ (Мирослав Рус), дуетот со Антонија Шола - „Волим осмијех твој“, „Фил“ (Роби Вилијамс), слушнавме и дел од „Зајди, зајди…“
Огромното интересирање за Тоше не стивнуваше ниту во бекстејџот каде што од него се бараше интервју и фотографија повеќе. Иако со болки во коленото, Тоше мајсторски одговараше на сите прашања, позираше, а на сцената не дозволи никој да ја забележи неговата болка. Тој и Антонија Шола беа меѓу најфотографираните, а можеа да се видат повеќе ѕвезди од домашната естрада - младиот и популарен пејач Лука Нижетиќ се појави со невеста во венчаница, Вајта парадираше во работничка облека, Ивана Банфиќ не го штедеше Тоше со прашања за новиот албум во Лондон, Маја Шупут дефилираше во секси фустанче, видовме шапки и пердуви, Влатка Покос и Банфиќ имаа иста креаторка - Матија Вуица... Многу од хрватските пејачи останаа разочарани што си заминуваат дома со празни раце од еден од најпрестижните музички случувања во регионот. Нашиот успех, ќе потсетиме, е уште поголем ако се има предвид дека Тоше е првиот пејач-странец што победил на Хрватскиот радиски фестивал. Браво, Тоше!
НАГРАДИ
Покрај Тоше, на Радискиот фестивал со награди се закитија и Аки Рахимовски - најдобар изведувач според музичките уредници, Шорти најпејач во категоријата на урбана музика, Ивана и Марија Хусар доминираа во урбаната музичка сфера според вкусот на музичките уредници, додека Дражен Зечиќ освои Гран-при во првата финална вечер посветена на забавната и на народната музика.
ХУМАНОСТ
Тоше Проески уште еднаш ја покажа својата хуманост - тој беше дел од хуманитарната акција во која заедно со дел од хрватските колеги понуди на продажба парчиња од својата гардероба. Маичката „версаче“ ја продаде за околу 15 евра, а добра цена постигнаа и едни негови постари фармерки.
Платинесто цеде за Тоше и Антонија
Тоше и Антонија беа наградени со платинесто цеде благодарение на рекордниот број продадени синглови „Волим осмијех твој“, кој е дел од кампањата за грижа за забите на децата на хрватското Министерство за здравство. За малку повеќе од еден месец синглот е продаден во над 20.000 копии.
Непосредно пред почетокот на фестивалот, Тоше Проески и Антонија Шола го завршија снимањето на спотот за заедничката тема „Волим осмијех твој“. Спотот се снимаше во режија на Дарко Дриновац во Загреб и во околината на Задар, во Пакоштен. Неговата промоција ќе се случи кон крај на месецов.