...
Солзи, свеќи и цвеќе. Вчера, од рано изутрина река народ се слеваше на
градскиот плоштад. Со длабока тага и неизмерна болка скопјани се
збогуваа со најголемата македонска поп-ѕвезда, трагично загинатиот Тоше
Проески. Својата почит ја искажуваа со молк и искрените зборови за
жалење за загубата на современиот херој, за идолот, за хуманитарецот, за
големиот човек.
- Се разбудив утринава мислејќи дека вчерашниот ден беше само лош сон
кој требаше да не потсети дека Бог ни пратил богатство кое треба
љубоморно да го чуваме. Но, не било така. Изгубивме ангел со прекрасен
глас и позитивна енергија што го омекнуваше секое срце. Неговата песна
ќе го остави вечно споменот на неговата насмевка - низ солзи рече една
повозрасна скопјанка која на плоштадот дојде да му одаде почит на
големиот Тоше.
Во книгите на жалоста беа испишани илјадници пораки. Се чекаше во ред
само да се напише неизмерната тага небаре така помалку ќе боли.
"Господ или нема или крај себе ги зема само ангелите"; "Сега
привилегијата да ти доаѓаат на концертите ќе ја имаат само ангелите";
"Зошто Тоше? Зарем таа млада праведна душа?"; Вакви и уште многу
потресни зборови беа напишани и на интернет страниците каде беа отворени
книги на жалост за Тоше. На една веб-страница имаше можност да се запали
и свеќа.
Училиштата работеа со скратени часови, а учениците спонтано се собираа
на плоштадот. Носеа слики, кадифени мечиња со пораки до нивниот идол.
И таксистите на свој начин му оддадоа почит на Тоше. Од 13 часот низ
скопските улици во организирана колона возила со фотографии од Тоше и со
трубење на сирените, тргнаа од Аеродром и во чест на македонската
музичка ѕвезда минаа низ повеќе скопски улици. Во времето кога беше
закажана погребната церемонија, целиот сообраќај беше запрен.
Скопје се прости од својот Тошка.
17 октомври 2007