потрага по вистинската љубов
*ЈАСМИНКА ПАВЛОВСКА*
Митот за Ахил и неговиот избор меѓу долгиот безначаен живот и кусото
постоење, но исполнето со слава... Или приказната за Малиот принц, кој
од својата мала планета со три изгаснати вулкани и една нежна роза под
стаклено ѕвоно доаѓа на Земјата да ги подари добрината, љубовта,
пријателството... Или повеќе ви се допаѓа митот за Орфеј, кој со својата
музика и љубов ги смилостиви силите на подземјето? А можеби и онаа за
Силјан Штркот, со мотивот за вечното враќање кон својот дом, нуди
поголема утеха?! Каде мислите дека најлесно можете да го пронајдете Тоше
Проески? Која приказна најмногу му прилега? А зошто воопшто приказна?
Зашто можеби приказните се тие што во некаква форма го продолжуваат
животот, па макар и преку сеќавање. И затоа што приказните ја имаат
моќта со секое ново прекажување повторно да ги раѓаат своите ликови. И
уште - приказните секогаш можете да ги прекинете пред да се случи
тажниот крај!
За животот на едно 26-годишно момче е грев да се помисли дека успеал да
ги раскаже сите свои приказни, дека ги отпеал сите свои песни, па макар
и да живеел со интензитетот на Тоше Проески, да имал волшебен глас, да
имал седум хит-албуми во својата биографија, да си возвраќале насмевки
со славата, да освојувал врвови со неподнослива леснотија... Соништата
со отворени очи, кои често сувопарно ги нарекуваме - планови, се тоа што
го исполнува и го движи духот на секое младо суштество. Наместо да
одбираме приказна која најдобро му прилега, Тоше Проески планираше
наскоро на светот да му го претстави својот албум на англиски јазик, да
се фати во костец со (не)законитостите и среќата во светската музичка
индустрија. Дуетот со италијанската пејачка Џана Нанини беше само најава
за проектот што требаше да се промовира наредниот месец, а прогнозите на
менаџерите од Британија беа крајно оптимистички.
„Привилегирани сме што ќе работиме со Тоше. На скала од еден до десет на
Тоше му даваме сто проценти шанси дека ќе успее да стане европска и
светска ѕвезда. Среќни сте што имате таков талент во вашата земја. Во
Англија имаме само тројца-четворица како него“, истакнуваа англиските
менаџери на Тоше кои лани ја посетија Македонија.
Композиторот Ендрју Рајт (заштитно име за „Симпли ред“ и дел од
авторскиот тандем на „Јуритмикс“, Ени Ленокс, Лучијано Павароти...) и
менаџерот Ричард Енглер, во името на компанијата „Пипл ин моушн“,
требаше да ја креираат кариерата на нашиот пејач во наредните неколку
години, период во кој Тоше требаше да издаде три албуми. „Верувам во
своите квалитети и во квалитетите на луѓето околу мене. Чувствувам
капацитет што треба да излезе од сегашните рамки. Пред нас е напорна
работа“, изјавуваше Тоше.
Тоше со насмевка, ентузијазам и добра волја чекореше кон иднината, како
што со леснотија и природен шарм ги прифаќаше и им се даваше на луѓето.
Во тој чекор кон иднината имаше цврста намера и амбиција наскоро да си
го дооформи и музичкото образование и иако никој не му ги оспоруваше
талентот и музичката умешност, тој сакаше да си има диплома од
Факултетот за музичка уметност. Во својот четвртина век „истргнат“ од
животот, Тоше како да ја одложуваше својата голема љубов. Или можеби ја
живееше својата „лав стори“, но како вистински џентлмен, за тоа не
сакаше да зборува, иако сите го прогонуваа на таа тема. Кобниот миг на
смртта го пресретна токму на пат кон остварување на некои актуелни
планови: снимање два спота во Хрватска, договори со авторите за нови
песни... Меѓу „скинатите страници“ на неговиот живот останува и
неснимениот (а планиран) заеднички дует со Наум Петрески, кој можеше да
го има предзнакот на „два македонски славеи“... Проектот, осмислен од
Лаза Ристовски за собир на еминентните музички имиња од екс ЈУ, се чини,
дефинитивно, останува само „скица за портрет“, зашто за две седмици
заминаа од овој свет двајцата главни актери - Лаза и Тоше...
Која е вистинската приказна за Тоше?
Всушност, кој се осмелува да и' противречи на судбината, кога таа својот
последен збор за Тоше Проески го искажа на 16 октомври 2007 година, и да
претпоставува каков ќе беше патот на Тоше по ѕвездената патека?
Судбината е таа што ги замолчува најголемите оратори и најголемите
пророци, а никој не успеал да и' ги открие правилата. Судбината е она
што животот го нуди како игра, а Тоше ја сакаше „играта без граници“.
Нам ни останува за утеха да му ја пронајдеме приказната што најмногу му
прилега!
18.10.2007