„Во вторникот наутро, кога одев на работа, со такси поминав покрај Католичката црква и малку подолу како глас да ми довикна, како некое претчувство да ме тераше да се завртам кон канцеларијата на ’Аворд продукција‘, продукцијата на Тоше Проески. Се завртев, во канцеларијата имаше некој и во мислите се потсетив дека деновиве треба да се видам со
Тоше и со Лилјана. Договорот беше веднаш по гостувањето во Австралија и концертот на Градски стадион да се видиме и да го договориме дуетот меѓу Тоше Проески и Чарлс Марвин-Тафи (Афроамериканец од Норвешка), како и промоција на Тоше во Норвешка преку пријателите на Фондацијата ’Марита‘.
Видео и аудиоцедињата од Тоше ми ги даде Лилјана следниот ден по промоцијата на ’Игри без граници‘. На повидок беше нов дует меѓу вокали од светски рамки - Тоше и Тафи. Нивното запознавање како да беше вчера.
Седевме на иста маса и заедно се молевме на Молитвената вечера
организирана од Фондацијата ’Борис Трајковски‘.
По вечерата клекнав до Тоше и му реков: Бог бара срце кое е целосно посветено на него.
Бог ги создава луѓето за одредени цели и мисии. Бог те љуби, Тоше, преку Исус. Бог те даде да бидеш светлина. А светлината не се става под капак, светлината се става на видно место да им свети на луѓето. Тоше ми го даде бројот од својот мобилен и сакаше да ја продолжиме темата. Тоше го сакаше Бог со сето свое срце, сета своја душа и со сиот свој разум. Тоше ги сакаше и сите други како самиот себеси.Тоа се двете најголеми заповеди според Библијата. Тоше ги практикуваше.
На Молитвената вечера, на разделување, му реков: Тоше, правиш хумани дела и големи дела. Допираш до многу луѓе. Бог има прекрасен план за тебе. Мислам дека е време да формираме Фондација ’Тоше Проески‘ преку која твоите дела ќе се дуплираат. На Тоше му се допадна идејата.
Ден по промоцијата на „Игри без граници“ идејата ја презентирав и во ’Аворд‘ и пред Лилјана.
Договорот беше да се видиме по концертот на Градски стадион.
Токму пред два дена идејата ја доби својата форма и завршната верзија.
Со голем фан на Тоше од Хрватска - Лена дури се договоривме дека е добро да има и музеј на фановите на Тоше. Лена ја отстапи и својата куќа во Задар за оваа идеја. Трета идеја како составен дел на фондацијата беше и академија што ќе го носи неговото име и ќе им помага на младите таленти.
Се' беше подготвено. Идејата беше Тоше да биде претседател на фондацијата. Деновиве требаше да се случи и состанок. Деновиве. Но,Тоше, деновиве ти веќе не си со нас. А беше договорот за деновиве.
Почивај во мир, Тоше. Бог ги сака ангелите во своето царство“, вели Дечев.