"Престана да пее славејот од Крушево", "Македонија се прости од
нејзиниот ангел на земјата", "Ѕвезда со срце на дете", "Плаче цела бивша
Југославија"... ова се само дел од насловите во весниците и на
интернет-сајтовите. Веста за смртта и збогувањето со Тоше Проески ја
пренесоа речиси сите светски медиуми и новински агенции, меѓу кои Франс
Прес, Ројтерс, Асошејтед Прес, Би-Би-Си, Си-Ен-Ен, Дејли телеграф и
многу други.
Сите го нарекуваат најголема поп-ѕвезда на Балканот, која уште долги
години нема да добие замена. Дека Тоше беше вистинска ѕвезда на
балканскиот простор, сведочат и бројните изрази на сочувство на неговите
обожаватели на форумите. Многу од нив не можат да веруваат дека повеќе
нема да одат не концерт кај нивниот сакан Тоше. Не се ретки ниту оние
кои иако не ги слушале постојано неговите песни, ги фалат неговите
квалитети како пејач и како медумски експонирана личност која насловните
страници не ги добиваше поради скандалите, туку поради вредната работа и
музичките квалитети.
Сите се согласни дека Тоше беше идолот на младите, вистинска музичка
икона, амбасадорот на Македонија, славејот со ангелски глас и хуманист
со широко срце. И сите жалат. Така "малиот принц" никогаш повеќе нема да
запее "Срце не е камен", "Чија си", "Тајно моја", "Игри без граници",
"Полско цвеќе" како ни својата најдрага македонска традиционална песна:
"Зајди, зајди ...".
Тоше Проески беше легенда и претходно. И ќе остане легенда од светски
калибар.
18 октомври 2007