Прексиноќа, во саботата на 10 ноември „Метрополис арената“ на Скопскиот саем се исполни со едногласен екот кој ја потврди еднодушната спонтана одлука на луѓето, последната песна што ја испеа Тоше Проески од авторот Александар Митевски – „Македонија навива за вас“ да биде националната навивачка химна, што ќе ги бодри и води македонските спортисти во нивните битки за „повисоко, посилно, похрабро“.
Финалето на изборот на националната навивачка химна, во организација на Агенцијата за млади и спорт, на своевиден начин беше и искажување почит спрема прерано заминатата македонска поп-легенда од неговите колеги, кои го прифатија „предвремениот“ избор на химната и ги изведоа своите химни во чест на Тоше. Во тричасовниот музичко-навивачки хепенинг во „Метрополис арената“, своите химни ги изведоа: Соња Тарчуловска – „Смело Македонијо“, Јован Јованов, Елвир Мекиќ и Иван Јованов – „Одиме на победа“, Нокаут – „Деца на сонцето“, Кристина Арнаудова и Ѓоко Таневски – „Македонска армија“, Тамара Тодевска и Тони Зен – „За Македонија“, „Дени те чува“ – „Навивачка“, „Куку леле“ – „Удри јако“, Дани – „Најјаки од се'“, Каролина Гочева – „Напред Македонија“, Суперхикс – „За нас“, Морал – „Ова е Македонија“.
Изборот на националната навивачка химна се одвиваше со гласање преку СМС-пораки, а во преполната „Метрополис арена“, „декорирана“ со навивачки реквизити од македонското знаме и постери на Тоше Проески, сите песни еднакво се пееја, но вистинскиот искрен изблик на емотивен набој се покажа кога требаше да се слушне песната на Тоше, кога гласното скандирање на неговото име се мешаше со постојаниот аплауз. Едноставно, изборот на „Македонија навива за вас“ за национална навивачка химна е избор на срцето на Македонија! (Ј.П.)
Александар Митевски
Горд сум што се сплотивме за Тоше
„Оваа беше една од најемотивните ноќи во мојот живот, вистински емотивен тобоган. Им честитам на сите учесници, автори, пејачи и организатори за уделот во ова случување што високо го подигна националниот дух, за нивната хуманост и енергија со која се вклучија во овој проект. Како автор на победничката песна сум посебно горд што нацијата беше толку сплотена околу песната на Тоше Проески, што ме прави да верувам дека судбински беше предодредено Македонија да добие ваков последен подарок од човекот кој најмногу го сакаше. Како што реков и вечерта, со тој мал гест што се направи со донацијата, само ја подвлеков со црвено онаа негова хумана идеја и добродетелска мисија која тој ја правеше неуморно. Таа не смее никогаш да се заборави, туку секој во рамките на своите можности треба да ја продолжи. Ми беше чест да напишам една ваква спортска химна која ќе им влева надеж, енергија и ќе им носи среќа на македонските спортисти, а гласот на Тоше секогаш ќе им ги топли нивните срца“.
11.11.2007