Со силни вресоци, скандирања на неговото име и првите тактови на „По тебе“ почна двочасовната забава со песна и музика што Тоше Проески завчера, од името на хуманоста, ја приреди во Универзалната сала во Скопје.
Концертниот простор беше претесен за да ги собере сите што сакаа да уживаат во песните на големата ѕвезда и да пеат заедно со него.
Меѓу публиката беа и неговите верни обожаватели, лицата со посебни потреби,
за кои Тоше отсекогаш беше и денес е најголема ѕвезда. За тоа сведочеа и неколкуте транспаренти на кои пишуваше „Тоше те сакаме“ и „Тоше, ти си нашата најголема ѕвезда“!
Одлично подготвен и со беспрекорна професионална поддршка од својот бенд,
Проески во живо ги отпеа своите нови, потсети на старите хитови,
но и изведе неколку странски композиции, кои, како што рече, му се едни од најомилените.
И овој пат, неговата харизматичност, милост и, пред се', убави стихови,
направија публиката да падне во делириум и постојано да го наградува со громогласни аплаузи и силни вресоци.
И самиот Тоше не можеше да остане рамнодушен на изјавите на љубов и силните емоции
што можеа да се почувствуваат во салата и неколкупати кажа дека најубаво му е кога пее дома, за својата публика и дека, едноставно, се чувствува прекрасно меѓу своите обожаватели.