За жал, тоа се' уште не е случај дури ниту во такви еклатантни примери како што беше националната трагедија со загинувањето на македонскиот пејач на сите времиња и патриот - нашиот Тоше Проески. Имено, минатата недела при службениот пат во Република Српска, минував на автопатот Окучани -Градишка, Република Хрватска, на потегот каде што Тоше несреќно го загуби животот. Тука застанавме со мојот пријател за да оддадеме почест на местото на загинувањето и да оставиме еден цвет со посветата на нашите ќерки на лист хартија на кој пишуваше: „Почивај во мир, ти си ни во срцата“. И што се случи? Започнавме пеш да го бараме местото во должина од неколку километри, каде што, според кажувањата на хрватските полицајци, се случи несреќата. А таму ниту трага ниту белег или, пак, некоја спомен-плоча што би била определница за местото на загинувањето на Тоше!?
По неколкуте безуспешни обиди да ја одредиме локацијата, го оставивме цветот и се поклонивме на место за кое приближно мислевме дека е местото што го пренесоа медиумите. Заминувајќи посрамени од фактот дека сме содржавјани на големиот Македонец, се потсетувавме на топлите зборови за Тоше во Бања Лука, Прњавор, Белград, па и дури на припадникот на хрватската гранична полиција, кој, гледајќи ни ги патните исправи, изрази отворено сочувство до нас за загинувањето на Тоше. И сега си мислам до кога ќе не' почитуваат во светот повеќе отколку што ние го правиме тоа за нас самите? Требаше ли Владата да формира тело за заштита на името и делото на Тоше и потоа во неа да се натопорат политичари, на кои Тоше им беше близок само доколку учествуваше во нивните изборни кампањи? Што работи, всушност, таа комисија во моментов? Дали има некаков резултат од тоа што таа беше формирана ад хок?
Судејќи по она што го видов, ниту комисијата ниту Министерството за надворешни работи, преку својот амбасадор во Загреб, нема мрднато со прст за одбележувањето на локацијата на трагедијата која во Македонија имаше национални размери. Зарем е прескапо поставувањето спомен- плоча на безбедно место, покрај автопатот Окучани - Градишка, за да може да се оддаде почит на големиот Македонец што живее во срцата на сите граѓани на Република Македонија и пошироко.
Зоран Богатинов, Скопје
Утрински / 21.11.2007