Белиот кожен комплет ќе се најде меѓу експонатите во спомен-куќата во Крушево, која забрзано се гради
Во тек е потрагата по евровизискиот комплет на Тоше Проески. Белиот кожен костум во кој нашата ѕвезда настапи на изборот за Песна на Евровизија во 2004 година, се очекува да биде вратен во сопственост на семејството Проески, со цел да биде изложен меѓу најбитните парчиња гардероба во спомен-куќата на македонската ѕвезда, која забрзано се гради на Гумење во Крушево. Македонскиот пејач го донираше комплетот како дел од хуманитарната акција „Македонија за настраданите од цунами“ што се одржа во 2005 година, а беше продаден по цена од 50.000 денари. Неофицијално, портмонето за него го отвори домашен бизнисмен чии ќерки биле големи обожавателки на Проески.
Заедно со евровизискиот аутфит во спомен-куќата во Крушево недостасува и зелениот џемпер што Тоше го носеше на снимањето на обвивката на албумот „Ако ме погледнеш во очи“, потоа уште еден џемпер и бел комплет, познати на јавноста од настапите на Тоше, кои беа продадени во рамките на истата хуманитарна акција. За потсетување, џемперите достигнаа цена од 5.000 односно 10.000 денари, белиот комплет беше продаден за 12.500 ден, а на аукција Тоше го понуди и ременот што во тој момент го имаше на себе, кој стигна цифра од 13.000 денари.
Засега останува неизвесно дали купувачите доброволно ќе ги отстапат парчињата гардероба кои ја одбележаа кариерата на Тоше или, пак, меѓународната фондација „Тоше Проески“ ќе мора да ги откупи од актуелните сопственици.
Договарање на деталите околу ентериерот и воопшто финалниот внатрешен изглед на спомен-куќата во Крушево е она со што моментално се занимава фондацијата „Тоше Проески“ и семејството Проески. Во Крушево, родниот град на македонската музичка легенда, во тек е изградбата на спомен-домот со кој ќе се втемели бесмртноста на неговиот лик и дело. Изградбата на објектот се одвива според предвидениот план и динамика, согласно со временските услови, според проектот на Дејан Секуловски и на Дејан Спасеновски во соработка со Илија Божиновски, додека градежните работи ги изведува „Конструктор инженеринг” ДД Сплит.
„Во моментот се затвора карабината на објектот, во тек е постапката на подготовка на музејската поставка која ќе ги содржи предметите кои го отсликуваа ликот и делото на Тоше Проески. Се врши евиденција и прибирање на предметите кои на навистина суштински начин се врзани за Тоше, а сето тоа оди во соработка со семејството на македонската музичка легенда. Тоа е првата фаза за изработката на проектот за музејска поставка, кој, пак, е основа за доработка на проектот за ентериер и опремување на куќата, по што ќе следува фаза за избор на фирма која ќе го изврши ентериерното опремување и уредување на објектот. Куќата се очекува да биде завршена во текот на 2010 година“, ни изјавија од Министерството за култура, кое стои зад изградбата на овој објект.
Сепак, најоптимистичките прогнози неофицијално се дека спомен-домот ќе биде отворен оваа пролет. „Објектот ќе биде на две нивоа со вкупна површина од 1.200 квадратни метри. Целокупната композиција и опкружувањето на спомен-домот со својата материјализација ќе ги изразува личноста и делото на Тоше. Објектот ќе има форма на крст - симбол на неговата искрена вера во Бога, цврстината и долговечноста на бетонот ќе бидат симбол на неговиот лик и дело, стаклото ќе опоменува на човековата минливост и ранливост, а водата која ќе биде дел од пејзажот, ќе потсетува на чистината и животот со кој зрачеше Тоше“, велат во Министерството за култура.
Според објаснувањето на идејното решение на архитектите, целта на предложеното решение е со помош на современи материјали и форми да се искаже почит кон една од клучните фигури во поновата историја на Македонија. Просторот на кој е предвиден спомен-домот е јавен урбан простор кој има една и единствена улога да ги социјализира, да ги анимира жителите на овој град, а тие да се идентификуваат со него. Главен мотив на проектот е со воведувањето нови програмски содржини да се привлече вниманието на луѓето, да разбудат извесни асоцијации, сентименталност или носталгија.
За потсетување, изградбата на спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево официјално започна со ставање камен-темелник и со благослов од поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, еден ден пред неговиот роденден, 25 јануари 2009 година, во присуство на членовите од најтесното семејство на Проески. Станува збор за локација на Гумење, која Тоше во последните години од својот живот ја меркал за сопствено музичко студио.
Катерина Шекеровска
15.12.2009