11 август 2006 - 00:00
Речиси три часа завчеравечер Антички ечеше од музиката на нашата
најголема поп-ѕвезда Тоше Проески. Одличниот охридски концерт мина, како
што и се очекуваше, во прекрасна атмосфера - со многу музика, подароци
за миленикот, бакнежи, солзи и негодувања и бисови за крајот на
настапот. Проески по завршувањето на концертот едвај спаси глава од
обожавателките, кои буквално го грабаа за да се фотографираат, да го
бакнат или барем да му кажат колку многу го сакаат. Кутриот мораше и да
бега и наместо во охридскиот "Десарет, каде што беше сместен, да замине
за родното Крушево. А пееше се. И старо - и ново. Имаше и гостин,
Украинецот Виталиј Козловскиј. 21-годишното момче, новата ѕвезда зад
која стои доскорешната менаџерка на Руслана, Јана, на сцената отпеа две
нумери, сосема доволно зад неа да дојде до тепачка за згодниот Украинец.
Можеби најинтересен момент, кој особено ги "поткрена" обожавателките на
домаќинот Проески, беше "стриптизот" на сцената. Тоше првично се појави
облечен во џинс во комбинација со палто, за по извесно време кога
атмосферата се вжешти, да го фрли палтото и да го покаже своето
сексапилно мускулесто тело. Нормата и очекувањата беа исполнети. Имаше
за сите по нешто - празник и за очи и за уши. Тоше по Охрид вечерва
гостува во Хрватска, односно во дискотеката "Аурора" во Примоштен, каде
ќе го промовира првиот сингл на англиски наменет за светскиот музички
пазар. Од таму патува за Лондон, па повторно следува Хрватска и
гостувањето во Ровињ, на 19. (А.Т.)
Деца го сардисаа Тоше
Дневник / 11.08.2006
Меѓу триилјадната публика најмногубројни беа децата, кои кинеа и рекламни паноа само за да можат да го видат својот идол Античкиот театар во Охрид завчера беше претесен за да ги прими сите обожаватели на Тоше Проески. Најмногубројни, секако, беа неговите најверни слушатели - децата. Дури и дворовите од блиските куќи беа преполни со публика. Од налетот на децата што дојдоа да го видат својот идол не останаа здрави ни рекламните паноа околу Античкиот театар. Со самото појавување на Тоше, целата публика се крена на нозе и почна со него да ги пее неговите стари, но и нови хитови. За цело време додека Тоше пееше, од сите страни на бината доаѓаа негови фанови, кои му подаруваа цветови и мечиња, а многу од нив и запеаја со него. Гостин на концертот на Тоше во Охрид беше пејачот Виталиј Козловскиј, кој беше најавен како најголема украинска ѕвезда и голем кршач на женските срца. Распеаната публика го врати Тоше неколку пати на бис, а тој вети дека следната година повторно ќе одржи концерт во Охрид. Инаку Тоше денеска ќе одржи концерт во клубот „Аурора“ во Примоштен, место на хрватскиот брег. На овој свој прв концерт во Хрватска Тоше премиерно ќе испее песна од својот албум на англиски јазик, која е специјално направена за „Ем-ти-ви“ и е снимена во Лондон. (Љ.Т.)