Дневник / 05.12.2005
ПРОМОЦИЈА НА НОВИОТ АЛБУМ НА ТОШЕ проески ВО БЕЛГРАД
Со промоцијата на албумот "Пратим те", што завчера се одржа во клубот "Елингтон" во белградскиот елитен хотел "Хајат", Тоше Проески уште еднаш потврди дека е навистина голема ѕвезда и во Србија и Црна Гора. Интересот за промоцијата беше огромен па така, наместо планираните 150 гости, во клубот се појавија околу 250 луѓе, поради што се направи мал метеж, а голем број негови обожаватели останаа пред вратите на клубот. Меѓу присутните, најмногубројни беа новинарите од српските медиуми, кои коментираа дека Проески е квалитетен пејач и со право го заслужува статусот на голема ѕвезда. Тие исто така дадоа и позитивни оценки за неговиот најнов албум. Владо Марковиќ, директор на најстарата музичка продуцентска куќа во Србија, ПГП-РТС, под чија етикета излезе албумот "Пратим те", пред присутните на Тоше му додели признание за најдобар пејач и најдобар албум за 2005 на оваа куќа. Поздравувајќи ги присутните, Тоше изјави дека е многу среќан, а посебно што оваа промоција се случува на роденденот на неговата мајка Доминика. Потоа со својот бенд одржа мини-концерт, ги отпеа најновите композиции во живо, потсети и на мегахитот "Чија си", а свирката ја заврши со македонската народна песна "Зајди, зајди", за која доби громогласни аплаузи и овации. Видно расположен од целата атмосфера, Тоше ни изјави: - Навистина немам зборови со кои можам да ја опишам среќата што во овој момент ме обзема. Морам да кажам дека озвучувањето беше одлично, а и мојот бенд, како и секогаш, отсвири фантастично. Гостите ме испочитуваа и многу ми е драго што и во Србија ме примија како и моите обожаватели во Македонија. Честитки за успехот што го постигнува во Србија, лично му искажа и македонскиот амбасадор во Србија и Црна Гора, Виктор Димовски, кој на промоцијата присуствуваше со сопругата Вера и со ќерките Елена и Марија. - Ова се ретки моменти на успешна презентација на македонската култура во Белград. Во минатиот месец имавме и две ликовни изложби и премиера на филмот "Балканкан". Популарноста на Тоше во Белград е рамна на таа што ја има во нашата земја - изјави амбасадорот Димовски. Меѓу познатите личности што беа присутни во "Елингтон", беа текстописецот Марина Туцаковиќ, пејачите Огнен Радивоевиќ, Леонтина, Билјана Крстиќ, стилист Дејан Милиќевиќ, како и нашинките Тијана Тодевска-Дапчевиќ и Маја Оџаклиевска. Големо внимание на промоцијата предизвика и атрактивната турбо-фолк ѕвезда Јелена Карлеуша, која со своето провокативно однесување го привлече вниманието на многубројните фоторепортери. Промоцијата на Тоше во Белград ја проследија и голем број претставници на седмата сила од земјава, како и познатиот пејач Владо Јаневски, кој беше во друштво со својата девојка Вера. Во текот на четиридневниот престој во Белград, работната агенда наТоше, според менаџерката Лилјана Петровиќ, била пребукирана со настапи по медиумите. Од Белград, вчера Тоше замина за Загреб, каде што беше гостин на една од хрватските телевизии. Промоцијата на "Пратим те" во "Хајат" ја организираше менаџерката на Тоше, Лилјана Петровиќ, од "Фајнал кат продукција".
Балади и длабоки деколтеа
Вест / 05.12.2005
ВЕСТ НА ПРОМОЦИЈАТА НА НОВИОТ АЛБУМ НА ТОШЕ ВО БЕЛГРАД (Специјално Од Белград: Лејла Сабит)
Мегазвездата Тоше Проески со својот глас и со новите балади им ги кршеше срцата на згодните и атрактивни Белграганки завчеравечер во елитниот клуб "Елингтон" во белградскиот хотел "Хајат". Вип-гостинките вриштеа, го љубеа, се сликаа со Тоше додека настапуваше, машките гости уживаа во длабоките деколтеа на поканетите гостинки од српските музички кругови и обожавателките. Тоше правеше промоција на новиот, петти албум во неговата кариера "По тебе", кој за српскиот пазар е насловен "Пратим те". Албумот му ја донесе и престижната награда од издавачката кука ПГП РТС за највокал и најалбум на годината, што завчеравечер во "Хајат" му ја врачи првиот човек на оваа кука. Наместо испланираните три песни во живо, Тоше на барање на гостите испеа уште четири и ги частеше со своевиден мини концерт. Беше добро расположен и видливо среќен. Неговиот настап во клубот "Елингтон" достигна кулминација кога ја испеа македонската "Зајди, зајди". Промоцијата ја следеа речиси сите српски медиуми. Новинарите беа главните фаци, во помал број беа неговите колеги од Србија. Во исчекување на српската фолк-звезда Цеца, чест му укажа друга српска мега звезда Јелена Карлеуша. Изгледаше феноменално и не толку пластично со тесниот корсет, фармерки и бунда наспроти Тоше кој во овие прилики елегантен, завчеравечер се одлучи за спортска гардероба. Во ВИП сепарето седеа и Маја Оцаклиевска, поубава од кога и да е, и познатиот текстописец од екс Југославија, а и сега, Марина Туцаковиќ. Единствен пејач од Македонија кој дојде на промоцијата на Тоше во Белград беше Владо Јаневски заедно со девојката Вера. Нешто подоцна во клубот се појавија пејачката Тијана, во друштво со нашата водителка Весна Петрушевска и стилистот Дејан Миличевиќ.Тоше кој вчера замина за Загреб да гостува во Неделното попладне на Хрватската телевизија го оставивме да дава интервјуа за српските но и македонските новинари кои допатуваа во Белград да му дадат поддршка. (Фото: В. Тануровски)
Тоше ги здрма српските медиуми
Вечер / 05.12.2005
Саботната промоција на Тоше Проески во ексклузивниот клуб Елингтон, во белградскиот хотел Хајат, убаво ги затресе српските медиуми. Пред рекорден број претставници на седмата сила, меѓу кои и педесетина дојдени од Македонија, пред видни личности, свои колеги и мал број фанови кои успеаја да влезат, мега звездата официјално за публиката во Србија и Црна Гора го промовираше својот најнов албум "Пратим те", чија, пак, промоција на македонската верзија "По тебе" се случи пред пет месеци во Скопје и Охрид. Со бендот "Блу фанки индивидуалс" со голем жар испеа неколку од новите песни, а не ја заборави ни македонската традиционална "Зајди, зајди", што дополнително ја разгоре атмосферата во ионака, до последен сантиметар, исполнетиот простор. Од српските ѕвезди чест му укажаа Јелена Карлеуша (обезбедувана од тројца телохранители), Раде Радивојевиќ, Оги Радивојевиќ, Дејан Миличевиќ, текстописецот Марина Туцаковиќ, Леонтина, Маја Николиќ, потоа и нашите ѕвезди Владо Јаневски, чии текстови исто така се најдоа на албумот, Тијана, Маја Оџаклиевска (посебно расположена кон Тоше), Весна Петрушевска-Тренкоски, Монси, Петар Ѓошев... Оправдано отсуствуваа само родителите на Тоше, славејќи го роденденот на мајка му во Крушево. Македонскиот амбасадор во Белград изјави дека Тоше е единствениот кој и дава широка популарност на македонската музика и култура надвор од земјава, и чија вредност и критериум се на исто рамниште со европските, и дека е посебно среќен и задоволен со еуфоријата која во Белград владее по Тоше. Но, она што посебно ја обележе гламурозната ноќ на Тоше, беше доделувањето на награда од страна на директорот на ПГП РТВ, под чија етикета е издаден албумот "Пратим те". Иако уште е "врел", според параметрите на продажба, тој го понесе епитетот албум на годината, а Тоше пејач на годината. Фото:А. Ивановски