Рекордни цени на завчерашната ТВ-аукција на облека и на предмети од естрадните личности постигнаа сликата од Мерсад Бербер, која се продаде за 6.000 евра, портретот на Есма Реџепова, за кој наддавачот Живко Здравковски понуди извонредни 5.000 австралиски долари, како и евровизискиот костум од бела кожа на Тоше Проески, кој се продаде за 50.000 денари. Според „купувачот“ Никола Димовски, приватен стопанственик, костумот во иднина ќе биде изложен во салон од 300 квадратни метри. Најголем интерес граѓаните покажаа за парчињата облека на Тоше Проески. Зелениот џемпер што го носи на фотографиите од обвивката на минатиот албум се продаде за 5.000 денари, а белиот џемпер за 10.000 денари. Граѓаните бараа да купат уште нешто од својот музички идол, но бидејќи се беше распродадено Проески го извади ременот што го носеше на себе и го понуди на лицитација со почетна цена од 1.000 денари. Ваквиот гест предизвика еуфорија во телевизиското студио, а неговите колеги веднаш почнаа да се наддаваат. Со лицитацијата продолжија гледачите што за ременот марка „дизел“ понудија дури 13.000 денари. Најупорниот наддавач беше момче од Штип. Организаторите велат дека најголемо изненадување за нив било наддавањето за цедето на Симон Трпчевски чија почетна цена беше 500 денари, а се продаде за 28.000 денари. Во долгото и вжештено наддавање Даниел Мојсов ја понуди највисоката цена и го доби цедето на кое се сместени популарни дела на руски автори, а во изведба на Симон Трпчевски. Цедето кај нас го нема во продажба. - Луѓето што се наддаваа не го правеа тоа за да ги купат производите. Тие сакаа да донираат пари, а аукцијата беше можност да го сторат тоа и притоа да им остане нешто за спомен. Оние со кои разговарав ми рекоа дека сакаат да донираат 10.000 денари, а јас да наддавам до таа сума и тие ќе го купат производот - вели Камелија Левенска од „Мобимак“. Организаторите очекуваат дека од аукцијата ќе се соберат околу три милиони денари. Две слики на Калиопи, насликани од нејзината мајка со мотив „македонските мажи и македонската жена“, за 500 евра ги купи Олга Костовска. Љупчо Николовски - Фуфо за 3.800 денари купи бело волнено капче од Тамара Тодевска, како подарок за неговата ќерка. Сашко Станинов го купи комплетот од 20 компакт-диска на групата „Синтезис“ за 20.000 денари. За потпишаниот дрес на нашиот фудбалер Николче Новевски, кој игра за фудбалскиот клуб „Мајнц“, а кој го понуди Игор Филевски-Филе, имаше експресно наддавање и тој достигна цена од 10.000 денари.
Време / 17.01.2005
НА ХУМАНИТАРНА АУКЦИЈА ЗА ЕВРОВИЗИСКИОТ КОМПЛЕТ НА ТОШЕ - 50.000 ДЕНАРИ!
Вечер / 17.01.2005
Хуманитарната аукција, што се одржа во МРТВ во рамките на ТВ-каналот на солидарностра, а целиот приход беше наменет за жртвите во Азија, наиде на огромен интерес кај гледачите и нивен масовен одѕив. На продажба беа понудени делови од гардероба на нашите најголеми ѕвезди, ЦД-а, слики, накит, украсни предмети. Најпрво беа лицитирани евровизискиот костум на Тоше Проески, кој беше продаден за 50.000 денари, два негови џемпери, купени за 5.000 и 10.000 денари, бел комплет 12.500 денари и по барање на гледачите неговиот ремен, што го носеше, кој верувале или не, достигна цена од 13.000 денари. Рекорден износ на аукцијата постигна портретот на Есма Реџепова, кој беше купен од еден Македонец од Австралија, за 5.000 австралиски долари, како и трите цедиња на Симон Трпчески, од кое едното отиде кај Сашо Станинов, секое продадени за 30.000 денари. И комплетот од 20 ЦД на "Синтезис" за 20.000 денари, а сликите што ги понуди Калиопи ги купи Олга Костовска. Филе го продаде дресот со потпис на фудбалот Новица Јовановски, а Фуфо за својата ќерка Теодора за 10.000 денари го купи белото капче на Тамара, а првата техно плоча на Горан Kан издадена во Лондон беше продадена за 12.000 д. Меѓу оние што понудија предмети на аукцијата беа и Виолета Томовска, Цветанка Ласкова, Весна Бејби Петрушевска, Мартина, Александра Пилева, Елена Ристевска. Голем број лица, организации и институции донираа пари без ништо да купат, а меѓу нив беа и анонимни граѓани, како и "Мобимак" , "Космофон", "Авалон", ...
Евровизискиот костум на Тоше на аукција
Време / 14.01.2005
„МАКЕДОНИЈА ЗА НАСТРАДАНИТЕ ОД ЦУНАМИ“ Евровизискиот костум од бела кожа на Тоше Проески ќе биде дел од неговата гардероба што ќе се најде на лицитацијата в сабота, во студиото на МРТВ. Тој ќе ги понуди и црвениот кожен костум од спотот за песната „Ангел си ти“ и гардеробата што ја носи на фотографиите од обвивката на последниот албум. Парите од лицитацијата ќе бидат наменети како помош за Азија, а како дел од големата акција „Македонија за настраданите од цунами“. Пејачката Цветанка Ласкова ќе понуди уникатни модели што ги носела на некои од фестивалите на кои учествувала. Таа ќе го изложи фустанот што го носела на фестивалот во Опатија во 1986 година, кога ја пеела песната „Момчето со мандолина“. На лицитација ќе ја даде и белата тоалета што ја носела на нејзиниот прв настап на Валандово фолк-фест, а по која, како што вели, публиката најмногу ја препознава. - Идејата за лицитирање облека е моја и на Тоше Проески. Решивме да лицитираме уникатни костуми бидејќи со тоа ќе го привлечеме вниманието на народот. Директната програма, според првичните најави, треба да биде од 16 до 20 часот на МРТВ, оваа сабота - вели пејачката Цветанка Ласкова. За да се соберат повеќе пари за настраданите во Азија, своја облека треба да лицитираат и Адријан Гаџа и Калиопи. А. Џ.