Трајко Симоновски, Драган Ѓуровски и Сашко Николовски се дел од екипата која во изминативе речиси шест години реагираше на името-Бендот на Тоше. Дел од луѓето кои го следеа на настапите, патувањата. Луѓето кои за легендата и соработката имаат само комплименти. "Дури сега кога размислуваме, зборуваме, се сеќаваме сфаќаме всушност колку тој бил голем, популарен", велат тие. За Тоше, велат, дека бил човек кој знаел да се снајде буквално во секоја ситуација. Човек, кој сакал да се шегува. "Туѓите грешки, лапсуси ги запишуваше во телефон и потоа се шегуваше. Тоа му беше главна фора. Со месеци се шегуваше на тие некои ситници. На пример, уживаше да се шегува со Љиља, која Таци долго време го викаше Даци. За грешката кога Љиља, која патем му била особено инспиративна за шегување поради својот говор, жена му на Брајан Тејлор место Реинбоу ја нарекла Рамбо се шегувал едно два-три месеци. Или во периодот кога имавме проблем со името тој го прекрсти бендот, нормално, на шега во Лилјаци. Љиља воопшто не знаеше за што станува збор и што се тоа лилјаци. Беше многу горда на името затоа што мислеше дека тоа доаѓа од Љиља, она како - Тоше на Љиља, Љиља на Тоше, бендот на Тоше - Лилјаци.
Случајно после две години на една бензинска пумпа некој од нас, не знам за што точно зборувавме и што правевме, рече: Еве "шишмишица" ќе донесе. Тогаш таа сфати што всушност значи лилјак".
Каков беше Тоше за соработка?
Таци: Фантастичен. Најдобриот пејач со кој што можеш да посакаш да пееш. Навистина не можеш да посакаш. Музички беше најталентираната особа со која сум работел. Човекот едноставно беше музика, кој годе инструмент да го фатеше што годе да направеше едноставно немаше грешка. Кога ќе дојдеше од некаде или ако се најдевме после некое негово патување прво што ќе ни речеше беше: "Леле, шо убаи луѓе". После тоа не можеш да останеш рамнодушен. Соработката ни беше кристална, имаше многу доверба во нас и никогаш ништо не ни забележи.
Чинам, и покрај сиот тој период што го минавте заедно, не успеавте да снимите нешто заедничко!?
Таци: Не. Последните муабети што ги правевме беше дека ќе правиме заедничко студио.
Се договаравме заедно да го работиме и англискиот албум, како и турнеите по светот.
Претпоставувам дека вие бевте најсвесни за неговата популарност бидејќи бевте директни учесници и постојано крај него. Кај нас, за жал, работите излегоа на виделина сега?!
Роки: Да не бидеме негативни, но некако нашите медиуми секогаш нешто друго ги интересираше. Како изгледал, седел, стилистот, фризурата, го занемаруваа фактот дека среде Сараево имавме 10.000 луѓе и уште 3.000 кои чекаа надвор на ладно да влезат. Дека сите се откажавме од хонорарите за реновирање на тамошниот Дом на млади. Имавме неверојатно успешни концерти како оној во Љубљана кога ја пееше, чинам, "Тајно моја" и Словенците од "а" до "ш" ја отпеаја на македонски. Магични моменти.
Сале: Во контекст на муабетот за Сараево, бев неодамна таму и не можете да претпоставите какви траги остави. Го реновирале комплетно Домот на младите и направиле една мала концертна сала. Тоше е на централната позиција во однос на фотографиите меѓу кои ги има и Бело дугме.
Како всушност вие го доживувавте Тоше?
Таци: Фантастичен фраер. Неверојатен. Кога го гледав последниот концерт на телевизија бев навистина импресиониран. Не од технички аспект, туку поради моќта што тој човек ја покажа. Беше толку спремен за сето тоа. Толку успешно се справуваше со публиката, ги водеше луѓето. Емоциите им ги носеше горе-долу.
Симона: После концерт можеше два часа да се потпишува, дели автограми, но забава или вечера не доаѓаше предвид. Тогаш на сцена стапуваше Љиља, која мораше да го оправдува. Го интересираше само сцената, музиката и фановите. Се друго му беше досадно и заморно. Беше единствен пејач кој не сакаше да пее концерт по концерт. Ако се случеше тоа тогаш му беа потребни едно десетина дена одмор.
Сале: Тоа е природно за уметник. Тој даваше многу. Тоа го правеше исто како и што ја молеше Љиља: "Ај, уште две песни".
Роки: Не сакаше многу да се шета, иако сите мислеа дека му брани менаџерката. Мислите му беа во Крушево, постојано мислеше на тоа и никогаш не остануваше. Сакаше дома да си дојде и можеби заради тоа и не врзувавме концерти. Тоше беше свесен за својата работа и сето она што му се случува, но луѓето не беа. Беше свесен каков напор го чека, но рече дека ако не проба ќе му биде криво цел живот. Беше во точните години кога можеше да постигне многу, беше зрел како пејач, веќе огромна ѕвезда на Балканот. Извонреден талент во вистинските години кој можеше да направи многу. Сакам да кажам дека Тоше беше свесен, знаеше добро што прави и беше подготвен да ја поднесе цената на славата. Колку што вие бевте дел од неговата кариера толку беше и тој од вашата.
Какви се идните планови и како ќе го зачувате она што го правевте заедно?
Сале: Ќе видиме кои се желбите на Љиља, семејството. Во исчекување на она што ќе го понудат и она што ќе се договориме. Не знаеме што понатаму ќе се случува. Што е до нас, не е никаков проблем.
Таци: Период во кој многу време минавме заедно, спомени за целиот живот. Емотивни подеми и падови. Неверојатно после се, после тоа неверојатно искуство, се што би кажале би било нескромно. Многу емоции, многу длабоки. Искуство за какво што другите би платиле да го имаат. Ние го изживеавме и сега се што би дошло е минорно. Не дека нема други музичари, пејачи, туку самото искуство и целата работа околу Тоше Проески е нешто незаменливо.
Тежок ли е товарот што сега останува со името - Бендот на Тоше?
Роки: Како не?! Свесни сме дека тој ќе биде легенда, тој беше единствен пејач кој живееше со бендот. Помини-замини пиевме кафиња, се дружевме, затоа и така фунциониравме. Таци: Приказните, идеализирањата бидејќи момчето тогаш беше до нас го доживувавме како нормална работа. Тоа ни беше секојдневие, ништо не останува освен да мислиш дека тоа искуство ти било награда во животот. Да работиш со тој човек, да те сака, да ти се јавува, да ти кажува интимни работи, да ти се смее е неверојатно.
Споменувате дека сте дружеле, сте зборувале буквално се и сешто, ете навистина ли беше во толку сериозна врска и пред брак?
Таци: Па мене ете ми има кажувано доста работи, а колку што знам не му беше на памет такво нешто. Колку што знам беше на голема двојба што со себе. Постојано беше на пат, наваму-натаму. Сепак на крајот мислам дека одлуката си ја донесе и свесно влезе во она што требаше да се случи - ќе правиме светска кариера. Таа одлука, да не грешам душа, ама мислам дека ја донесе летово. Летово беше во голема двојба, меѓутоа после тој муабет видов дека тргна со работа и јасно беше што избра.
Се жалеше ли некогаш дека не може да има нормална врска?
Таци: Се плашеше дека девојките се со него поради популарноста и тоа му беше најголемата тага. Кон него сите искажуваа љубов и му беше тешко да знае која искрено го сака Тоше, момчето од Крушево. Во таа борба, нормално, е да имаше некоја ограда. Таков беше не само кон девојките, туку и кон музичарите. Во еден наш разговор ми го рече истото, дека никогаш нема да знае дали некоја девојка е со него заради него самиот или заради славата, сега после се што се кажа и случи се прашувам колку и каква всушност беше неговата врска.
Каков е вашиот впечаток?
Роки: Правевме муабет главно за музика. Не сакавме да зборуваме за девојки, за тоа што нему му недостасуваше таа приватност и заради тоа, барем јас лично, никогаш не сакав да го чепкам на таа тема.
Таци: Ние зборувавме. Тоше беше момче на 26 години, јас на таа возраст секој ден се вљубував и одљубував, што е сосема нормално. Со кого вистински се врзал можам да претпоставувам врз основа на она што тој ми го кажа, но тоа никогаш нема да го кажам јавно бидејќи никогаш нема да сум толку сигурен. Она во што сум сигурен е дека не се сеќавам тој некоја своја поранешна девојка да ја плука. А со кого вистински се врза, со музиката. Тој беше во длабока врска со музиката, таму одеше неговата комплетна љубов. (продолжува)
Александра Тимковска
Вечер / 27.12.2007