Дневник / 27.12.2005
Не стекнуваме пријатели со тоа што примаме добродетелства, туку зашто ги правиме.
Тоше Проески завчеравечер, на хуманитарниот концерт, којзнае по кој пат покажа дека хуманоста нема граници. Парите собрани од концертот се наменети за реновирање на Институтот за белодробни заболувања во Козле. Со ова Тоше стекна многу нови пријателчиња, кои искрено и од срце знаат да се израдуваат. Кога нешто им е посветено на децата, не може да не помине убаво и да нема емоции во изобилство. Целиот концерт беше во знакот на децата. Тие беа во најголем број во преполната Универзална сала, каде што присуствуваа и децата од Детското село С.О.С, специјалните гости - 50-те балерини од Балетското музичко студио, младите виолинисти на Зоран Џорлев, "Златните славејчиња" и малата Мартина Силјановска. Тоше не можеше да го скрие заморот на своето лице, бидејќи само неколку часа пред концертот се врати од Сараево, каде што имаше настап и промоција на новиот албум "Пратим те". Искрен и природен, тој рече: - Пред три часа се вратив од Сараево, не можев ниту да одам ниту да зборувам. Сега ќе ви ги дадам моите "последни" капацитети. Батериите ги полнам тука, на сцената, со вас. Вие ми давате енергија. Огромниот број гости во оваа вечер докажува дека сме хумани и дека нашиот пат е заеднички. Првите неколку песни Тоше ги испеа на плејбек. Публиката го почувствува тоа, па немаше многу овации, но Тоше брзо се врати во форма. Атмосферата во секунда се промени по "грмнувањето" во живо, на првите акорди од "Рани на усните". Придружуван од "Блу фанки индивидуалс", Тоше и се даде на публиката максимално. Ниту оваа вечер не беше премногу изморен за да го бакне и гушне секое дете што ќе се појави на сцената. Следеа песните од новиот албум, "Лошо ти стои", "Кој ли ти гризе образи", "Громови на душа". "По тебе" буквално сите ги крена на нозе. Во воздухот лебдеше чудна еуфорија, сплотеност и едногласност на публиката, која истовремено пееше, ракоплескаше, играше и врескаше. Следуваше "Љубена" и омилената на Тоше *"Тиме то саѕ гоодбуе" од италијанскиот пејач Андреа Бочели. Одличен настап имаа и децата од хорот "Златно славејче". Тоше, потпевнувајќи ја својата песна со која пред многу години настапи на овој фестивал, ги најави славејчињата. Малата Мартина Силјановска, новата ексклузивка на "Фајнал кат продукција", исполни две нумери од својот нов албум и докажа дека е родена за сцената и дека и претстои успешна кариера. Публиката се уште најемотивно реагира на песните со кои Тоше ја почна својата кариера и без кои не може да помине ниту еден негов концерт. На овие песни никој не седеше, сите беа на нозе и наизуст ги пееја сите стихови. Младите виолинисти на Зоран Џорлев и Тоше на сите дечиња им ја честитаа Новата година исполнувајќи ја "Џингл белс". Крајот се насети кога Лилјана Петровиќ на сцената и подари букет цвеќе на мајката на Тоше. Нашата мегазвезда силно ја гушна мајка си и и се заблагодари што го родила. Следуваше громогласен аплауз. Салата "врескаше" од емоции. За крај, Тоше ја испеа англиската верзија на песната "За овој свет", што им ја посвети на сите деца. Концертот беше под силно обезбедување кое дури ни на родителите на Тоше Проески не им дозволи да влезат без карти. Својата хуманост овој пат не ја покажаа политичарите, бидејќи никој од нив не присустуваше на концертот.
Тоше инспириран легна на сцена
Утрински / 27.12.2005
"Со музика за живот" четврт хуманитарен концерт на Проески
Неколку пати одложуваниот концерт на Тоше Проески на Градски стадион ќе се одржи
во мај или најдоцна во јуни 2006 година во придружба на Симфонискиот оркестар.
"Сакам да застанам пред оркестарот и да ви ги покажам сите мои емоции", рече Проески, потврдувајќи го терминот и најавувајќи дека е во план со оркестарот да се поминат и другите градови низ бивша Југославија.
Со зарипнат глас, забележливо изморен од патот (од Босна пристигна неколку часа пред концертот) и со лошо искуство со организацијата (мораше да му се закани на обезбедувањето за да ги пушти неговите родители), Тоше Проески приреди одличен вечерен хуманитарен концерт, насловен како “Со музика за живот". - На врат и на нос, вечерва стигнав, каков таков, рече Тоше во почетокот, отворајќи го концертот со детската химна за УНИЦЕФ, “За овој свет". Најавата ја имаше Весна Бејби (беше дојдена заедно со ќеркичката Мина), бендот на сцената беше “Блу фанки индивидуалс", а репертоарот - најразличен, почнувајќи од “Ако ме погледнеш во очи", “Кој ли ти гризе образи", “Громови на душа", “Чија си", “Љубена"... Задолжителна глетка: деца со подароци го опсипуваа Тоше на сцената, додека безброј раце се подаваа од централниот долен дел (партерот беше изваден), се пееше во еден глас... Концертот на Проески во Универзална го одбележаа и неговите гости (изборот беше лично негов) - малите балеринчиња под водство на Сања Шутевска, дечињата од “Златно славејче", Мартина Силјановска со придружниот бенд “Ентерпрајз" и виолинистите од школата на Зоран Џорлев. Малку по почетокот зарипнатиот глас на Проески стана историја - Тоше во свој елемент, а публиката во занес. Се редеа “По тебе", “Излажи ме уште еднаш", “Ледена", “Во коси да ти спијам", “Тајно моја"..., се пееше и на англиски, италијански јазик... Тоше е еден и единствен, тоа е непобитен факт, за кого, како што рече неговата менаџерка Лилја, секако, најзаслужни се неговите родители. - Мамо, фала ти што ме роди. Тато, фала ти што се потруди, им се обрати Проески на своите родители кои седеа во првите редови заедно со неговата сестра, зетот и внучињата. Мајката на Тоше, Доминика, доби букет цвеќе од Лилја, Тоше легна на сцена, а аплаузите не запираа. Следуваа “Ис тхис Лове" и “Хере И Го Он Мѕ Оњн Агаин", уште една изведба на “За овој свет", овој пат на англиски и смут-верзија на “Ангел си ти" - некаде околу 23 часот, како завршница на концертот на кој, секако, најмногу му се радуваа децата од Домот “11 Октомври", од детското СОС-село од Скопје и лицата со хендикеп, кои беа специјални гости во публиката. Собраните средства од концертот на Проески и од отворената линија на “Космофон", на која можеа да се донираат по 50 денари, ќе бидат донирани на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле.
Хуманиот Тоше
Вест / 27.12.2005
- Имав пеколно темпо, но на вас ќе ви дадам моите последни капацитети, беше искрен Тоше Проески со својата публика на концертот завчера во Универзалната сала. Тазе слетан од Сараево, на четвртиот по ред, традиционален хуманитарен концерт, на Тоше видливо му се читаше заморот на лицето. Последните капацитети, во првиот дел од концертот ги трошеше на муабет со обожавателите, сликање и гушкање... Зарипнатиот глас си го поштеди, па првата половина од концертот помина на плеј бек, со четврочлениот бенд и два придружни вокали како за украс на сцената. Тоа не им пречеше на децата да бидат погласни од Тоше, а тој за возврат не им глумеше sвезда, туку се симна меѓу нив за поблиска средба. - Бацете дур има, да не отидам јабано", мубатеше амбасадорот на Уницеф со своите фанови. Додека се одмараше, на сцената го заменија педесетте мали балерини од Балетското учлиште и учениците на Зоран Џорлев од Музичкото учлиште. Како специјална гостинка се појави малата Мартина Силјановска со својот бенд. Уводна најава даде Весна Бејби. Вториот дел од концертот беше во живо, што придонесе уште повеќе да живнат и обожавателите. Колку и да не го држеше гласот, Тоше ја испочитува својата публика. Во моментите кога не можеше да допее, ги замоли нив за помош, а зборот на Тоше за фановите е закон. При крајот на настанот вети голем концерт на Градскиот стадион во мај или јуни. "Кога ќе заврши тој концерт, јас дома ќе се вратам испразнет како буре, а полн со енергија", рече Просеки. Собраните средства од концертот одат за клиниката за белодбробни заболувања во Козле. Го организираа "Фајнал кат", "Аворд" и "Космофон".