Катерина Милчевска
Македонската естрадна гордост Тоше Проески, по неколкудневниот престој во Босна и Херцеговина, се врати со приватен авион за големиот традиционален хуманитарен концерт во Скопје. Тој во петокот во Сараево одржал концерт во „Са клуб“, исполнувајќи го просторот до последното место, иако цената од 10 евра за влезен билет била доста висока за тамошниот стандард. Тоше го пречекавме на скопскиот аеродром, каде што ни ги пренесе најсвежите импресии од престојот во босанската престолнина.
- Од самиот почеток на концертот атмосферата беше совршена. Босанците се неверојатна публика. Албумот се појави пред само три недели, а сите песни ги знаеја на памет. Со тоа ни изразија големо почитување и мене и на мојата држава, Република Македонија. Ги пееја со невидена жар дури и македонските песни. Го џвакаа текстот со грешки, ама сето тоа беше
симпатично, бидејќи навистина се трудеа.
Пленет од реакциите на босанската публика, Проески решил да го продолжи својот престој во Сараево и во саботата вечер да се појави во шоуто „Мултиталент“ на телевизискиот канал ОБН. Иако се брзал да се врати во Скопје за традиционалниот хуманитарен концерт, добил понуда што не можел да ја одбие - лет со приватен авион.
- Сметав дека босанската публика заслужи посебно внимание од моја страна и решив да ги оставам обврските настрана, да останам уште еден ден и да настапам на шоуто. Директорот на телевизиската станица ОБН и организаторите што ме поканија да присуствувам таму толку многу инсистираа да останам што едноставно не можев да ја одбијам понудата, и покрај обврските со концертот - вели Проески.
Авионот е сопственост на приватна хрватска компанија. Бил изнајмен специјално за да го земе Тоше од Сараево и да го врати во Скопје. Во почетокот нашиот пејач не бил многу воодушевен од идејата за летање со мал авион и попрво би се возел во новото „пунто“, но леталото сепак му послужило за навреме да стигне назад.
- Не ги сакам авионите. Се плашам од нив, особено од вакви мали. Иако патувањето со мали приватни авиони го сметав за луксуз, овојпат беше неопходно и единствен начин за да стигнам тука. Од ова искуство научив дека малите авиони се побезбедна опција, па можеби ќе ги зачестам патувањата - се пошегува тој.
Во Босна Тоше, заедно со својата менаџерка Лилјана Петровиќ, престојувал ни помалку ни повеќе туку во домот на американскиот амбасадор Лоренс Батлер. Дипломатот што до минатата година беше претставник на САД во Македонија сега е на истата функција во Босна и Херцеговина и како голем пријател на Проески го поканил да спие во неговиот дом. - На мое изненадување, а во договор со Лиља, амбасадорот Лоренс Батлер ни понуди да престојуваме кај него. Додека беше во Македонија ние станавме многу добри пријатели. Присуствувавме на многу средби во неговата резиденција и ги задржавме контактите на пријателска основа. При престојот кај господинот Батлер и неговата сопруга, јас и Лиља се чувствувавме крајно семејно. Новогодишната ноќ Проески ќе ја помине на плоштадот „Македонија“.
- Добив понуда со трипати поголем хонорар за настап во новогодишната ноќ во Словенија, но го одбив бидејќи сакав да си бидам дома, во Македонија. Чувствувам како малку внимание да им посветив на моите дома, па веднаш по настапот на плоштадот ќе си заминам за Крушево - дополнува Тоше.
Тоше евакуиран од "Зетра"
Вечер / 26.12.2005
Балканската мегаѕвезда Тоше Проески, сношти, со последни сили и закрепен со витаминска инјекција, одржа хуманитарен концерт во Универзална сала. Неколку часа пред тоа, слета на скопскиот аеродром, со приватниот авион што го донесе од Сараево, каде што изминативе денови доживеа уште една масовна хистерија по него. Тоше-интернационале, во ексклузивниот сараевски "Са клуб” го промовираше новиот албум “Пратим те”, пред околу илјада присутни, каде што билетот досега бил најскап, 10 евра. Салата била навистина претесна да ги прими сите заинтересирани медиуми и обожаватели, но сараевчани си ја искористиле и втората шанса. Неа ја добиле на стадионот "Зетра", на манифестацијата "Мултиталент". Над 15.000 публика ја покренала салата од место со аплаузи, вриштење и невидена еуфорија, а по настапот, поради напливот на претставници на медиуми за кои давал интервјуа, и обожавателите Тоше, под силно обезбедување и полиција буквално бил евакуиран. Неговото непланирано останување од уште еден ден, со цел да биде специјален гостин на "Мултиталент", било овозможено со приватниот авион што го испратила босанската ТВ ОБН и "Синалко", само и само Тоше да остане ден повеќе.
Католичкиот Божик, Тоше и менаџерката Лилјана Петровиќ го пречекале со поранешниот американскиот амбасадор во Македонија, а сега претставник во БиХ, Лоренс Батлер. Во најинтимно друштво, славеле во домот на Батлер, каде што Тоше и Лилја биле гости сите денови на престојот таму, а медиумите освен што биле претрупани со информации за неговите настапи со неговиот бенд "Блу фанки индивидуалс", како главен екслузивитет во информациите го навеле присуството на Батлер на промоцијата. Големи импресии на мегаѕвездата остави гостопримството на Балтер, чија резиденција и канцеларија се облагородени со македонски мотиви, почнувајќи од статуетката на Мајка Тереза, маската на Кралот Филип Втори, макета на авионот на МАТ и традиционални македонски сувенири.
"На крај сум со силите, исцеден од сите овие бурни денови, но вечерва кога ќе застанам пред мојата публика в миг ќе ми се врати цела енергија и ќе ги наполнам батериите”, ни изјави вчера во ВИП-салонот на Скопскиот аеродромот, по пристигнувањето со приватниот авион, што е засега сензација и чест каква што не доживеал ниту еден друг, туку само Тоше, поради неговата уметничка величина и енормна (засега) балканска популарност.