А што сторивме ние?! Многу приказни, сведоштва, познавачи на неговото дело, неговата приватност... Низа таканаречени профитери кои заради лична промоција фрлија темна дамка врз нераскажаните приказни. Неиспишаните страници. Неотпеаните стихови... Вистината можеби е веќе неважна, и онака останува заклучена во спомените на оние среќници кои ја имаа честа да бидат навистина близу до легендата. Ексклузивно за Вечер дел од спомените на неговите најблиски, пријателите, поранешните цимери и луѓето кои го следеа на настапите и му беа второ семејство...
Со поранешните цимери крушевчанецот Јовица Здравкоски - Шапе и охриѓанецот Ѓоко Алоски зборувавме во родното му Крушево.
Го посетивме неговиот вечен дом на Гумење, семејната куќа, омилените места во родниот град... Зборувавме за почетоците, љубовта кон музиката, маните... Каков другар беше Тоше и зошто сакаше да им помага на другите... На Гумење се е исто. И болката, и солзите, и тагата. Можеби единствено побројни се цвеќињата и мечињата кои станаа неодминлив дел од неговите концерти... Не помалку тажни се и крушевските сокаци, особено оние кои водат до домот на семејството Проески. А таму вратата постојано е отворена. По желба на татко му Никола куќата е отворена за сите оние кои сакаат за последен пат да се збогуваат со идолот. Отворена е за сите ко и неизмерно го сакаа нивниот син, нивната гордост. Дојденците, нудејќи ги своите шепи за добредојде, ги пречекува неговиот пес Бас. Едноставно не можете да го одминете без да го помилувате. Зошто онака осамен и во исчекување како во секого да го бара својот Тоше. Во куќата чиниш недостасува само Тоше. Среде сето болно лудило како да се добива чувство дека тој однекаде ќе се врати. По ранецот што го оставил пред последното патување или по омилените бели тренерки, кои обесени како да чекаат да бидат спакувани за следното патување, или дека ќе седне на сајзерот што го има централното место во собата. Само бројните фотографии, слики, цртежи од обожавателите испратени до семејството во знак на почит враќаат во суровата реалност - Дека Тоше веќе го нема.
Душата на дада Дори, вујчето на Кристијан замина кај Ангелите. Куќата на радоста сега е куќа на тагата... - Младоста не згаснува никогаш! Не би сакале смртта да е спокоен чекор во блага, ведра утринска зора. Не, не! Тој ќе живее!!! - Исус рече: Секој што верува во мене ќе живее дури и ако умре! Секој што ќе поверува во мене за време на својот живот никогаш нема да вкуси ВЕЧНА СМРТ! Те сакаме Тоше, прекрасен си. Нема да те заборавиме никогаш зашто оној кој не умира во срцето и мислите живее засекогаш. Почивај во мир наш идолу!, напишаа Александра и Ели... Само дел од пораките кои секојдневно пристигнуваат во куќата на Проески.
Јовица и Ѓоко зборуваа за Тоше : "Лошо е што сега сите кажуваат разно-разни приказни. Навистина боли кога слушаш нешто, а тоа нема никаква врска со реалноста. Пораснавме заедно. Буквално, што се вели, од пелени. Ме боли што речиси се што слушам е лага. Се прашувам зошто е така, зарем некој има ќар од сите овие приказни", вели неговиот поранешен цимер и сограѓанин Јован Здравкоски - Шапе. Солзи и насмевка во истовреме има на неговото лице кога ќе се сети на Козара 29, улицата на првото нивно заедничко живеалиште во далечната 2000 година. "Станавме цимери сосема случајно. Разбрав дека Тоше од Мика и Скале (како што крушевчани ги нарекуваат неговите родители) барал уште еден цимер. Си реков зошто да не, па се знаеме, другарчиња сме од деца. Се слушнавме и се договоривме. Го видов станот и тогаш го запознав и Ѓоко со кого тој живееше и претходната година. Се вклопивме одлично. Ех, што се не беше на таа Козара 29", се сеќава Шапе.
Заедно ги минале првите училишни денови, а со оглед на тоа дека биле и соседи заедно ги имаат изиграно и сите детски игри. -Најмногу сакавме да ги шетаме кучињата. Неговите од фамилијата сите се ловџии, па ќе ги земевме неговите и кучињата на чичко му и одевме да шетаме во планина. Одевме и на езерото. Љубовта кон кучињата ете му остана, раскажува Јован, откривајќи дека Тоше желба за музика покажувал уште од мали нозе. Не знам дали бевме второ или трето одделение, но бевме на часот по ликовно. Седевме заедно и си ги цртавме чантите. Како што си беше потпрен и си црташе нешто почна да потпевнува.
Онака тенко, со детско гласче. Учителката Соња праша кој пее така тенко, мислеше дека е некое од девојчињата. И реков учителке еве го пејачот, Тошки пее. Не можеше да поверува. Не замоли да замолчиме за тој да запее. Тогаш во шега реков - гледате учителке какви способности има, ќе го биди пејач. Навистина, уште од мали нозе се чувствуваше неговата дарба. Потпевнуваше постојано. Кога ќе одевме во диско, еден мој братучед тогаш пушташе музика, Тоше ќе го земеше микрофонот и ќе запееше. Особено откако ја сними првата песна "Пушти ме", вели Шапе. Ѓоко, инаку охриѓанец, и Тоше се запознале кога се запишале во средното музичко училиште во Битола. Тоше свирел кларинет, а Ѓоко труба. Дружбата не траела долго затоа што Ѓоко доаѓа во Скопје, а Тоше се префрла на соло пеење. Се сретнавме случајно во Охрид на еден негов настап. Дотогаш воопшто немавме зборувано да бидеме цимери, па ме изненади кога меѓу пеењето рече - поздрав до мојот цимер Ѓоко.
Така и навистина бидна. Со Ѓоко и Јован зборувавме во родното Крушево на Тоше.
Неговото столче, за жал, остана празно. Полупразна е и приказнава зашто без третиот цимер од Козара и неговата верзија на нештата се е поинаку. И тоа дека славата не го куртулила од домашните обврски, за домашните журки, за свирките на Кеј, за "здодевните" обожавателки кои деноноќно стоеле пред куќата, за испишаните телефонски броеви на ѕидот, оставените пораки... Третиот цимер од Козара веќе го нема, но затоа се тука спомените. Нив никој не може да ги земе, ништо не може да ги уништи. Ниту другарството со човекот кој и покрај сиот успех, сета слава, секогаш наоѓаше време за своите другари. "Така беше и кога живеевме заедно. На славата, токму тогаш почнуваше да зема залет, не се вадеше никогаш. Ако требаше да се чисти тогаш тоа го правевме сите заедно, обврските си ги делевме и се менувавме. Ако му беше нему редот само ќе му кажевме - Тоше, ајде бате, те чекаат чиниите и си миеше", се сеќава Ѓоко. (утре ексклузивни пикантерии од заедничкиот живот на Тоше со Ѓоко и Шапе)
Александра Тимковска
Вечер / 25.12.2007