- Ова беше непрофесионален однос кон пејач од калибарот на Тоше, кого сите го сметавме за најголема македонска музичка ѕвезда. Не требаше да дозволат да патува без барем двајца професионални возачи и уште двајца професионални телохранители - рече братучедот на Тоше. Тој вчера се присети како во почетокот од неговата кариера, заедно со зетот на Тоше, му биле обезбедување, а таткото Никола ги возел секаде каде што требало да патуваат. Така го обезбедувале цели пет години додека работел за „Авалон“. Вели постојано го имале на око и се' било во ред. - Сега сите се обвинуваме зошто го оставивме сам. Но, откако потпиша договор со менаџерката Лилјана Петровиќ, нејзиниот збор беше последен. Таа како менаџерка одлучуваше кој ќе го обезбедува и кој ќе го вози. Тоше не оставаше семејството да му се меша во тоа - раскажува неговиот братучед. Тој негира дека семејството на Тоше не сакало да ја прими менаџерката по смртта на синот. Лилјана Петровиќ и вчера беше присутна на парастосот, кој се одржа на крушевските гробишта, а потоа престојуваше во семејната куќа на Тоше. - Сега ни мајка му ни татко му не се во состојба да размислуваат дали ќе побараат кривична одговорност од некого. Нонстоп се во солзи, двапати во денот одат на гробишта, а понекогаш и ноќе, зашто сега тоа место е осветлено - рече братучедот на Тоше Проески. Тој и неговиот загинат братучед се деца од двајца браќа и биле во многу блиски односи. Токму тој бил првиот роднина што се нашол во близина на мајката и таткото на Тоше во моментот кога разбрале дека починал нивниот сакан син. Раскажува дека некој несреќа им јавил по телефон за трагичната сообраќајка, по што тој ги нашол паднати на земја како во очај плачат. Вчера на крушевските гробишта со семејството на Тоше тагуваше и неговата блиска пријателка Андријана Будимир. Претходните денови таа престојувала во Скопје, а вчера се врати во Крушево. Плачот на мајката на Тоше, Доминика, стана најсилен кога над свежо ископаниот гроб ја прегрна несудената снаа. И по девет дена од погребот на македонската поп-икона Крушево е скршено. Не запираат солзите и не гаснат свеќите. Не поминал ден без посета од десетици негови почитувачи. Свежо цвеќе завчера положи и српската пејачка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. Меѓу сите расплакани лица на гробиштата се смее само едно, тоа е лицето на момчето со ангелски глас. Но, не во живо, туку од неговиот голем застаклен постер поставен над неговиот вечен дом.
Жанета Здравковска Дневник / 25.10.2007