Видеоклипот за темата „Жао ми је“ на Тоше Проески ќе почека подобри времиња. Првите кадри беа снимени во Бугарија пред речиси половина година, но спотот се уште не е доработен. - Во некои делови во спотот е предвидена анимација, но се уште го чекаме вистинскиот човек. Имаме многу ангажмани и навистина е тешко паралелно да се работи и на балканската и на светската турнеја на мојот ексклузивец - објаснува Љиљана Петровиќ. Спотот за кој сценариото е инспирирано од Шекспировите Ромео и Јулија почна да го режира Дејан Миличевиќ, а покрај Тоше, главен лик е и поранешната македонска убавица Сара Леши. Во април годинава, кога паралелно со спотот Тоше и Сара ја снимија и рекламата за „Синалко“, српските таблоиди на големо пишуваа дека соработниците станале и интимни пријатели. Средба со обожавателите во Прилеп, Скопје и во Белград По враќањето од Осиек, Тоше Проески ја продолжува својата актуелна „Синалко-турнеја“ во Прилеп, Скопје и во Белград. Први со македонската поп-ѕвезда ќе се сретнат обожавателите од Прилеп, а промотивното дружење е закажано за 27 септември, со почеток во 20.30 часот. Следниот ден е резервиран за скопјани на плоштадот „Македонија“, а на 30 септември Проески ќе отпатува во Белград.
Време / 22.09.2006