ЈАСМИНКА ПАВЛОВСКА ,Утрински / 21.12.2007
Според теориите на сите верувања, религии, идеологии, убедувања..., сочувството, сомилоста, или „стручно кажано“ - хуманоста е нешто што би требало да се подразбира при градењето на карактерот на сите човечки суштества. Стапицата е токму во „подразбирањето“, зашто најчесто се однесува на хуманоста на другите. Бидејќи нашата хуманост е „подразбирлива“, често забораваме да се провериме самите колку ја практикуваме. Така, си врви животот, се' додека не не' сепне нешто што ја става на „преиспитување“ нашата човечност. Навистина секој ден и секој миг се искушение, но годинава 2007 што полека заминува, не' стави во шокирачка состојба кога требаше да се прашаме - дали нашите „мерки на хуманоста“ се доволни. Трагедијата на македонскиот славеј Тоше Проески, на 16 октомври беше тој сепнувачки момент, што ја остави со запрен здив цела Македонија, но и Балканот. Само десетина дена пред загинувањето, токму Тоше направи хуманитарен концерт, како дел од проектот на УСАИД, а собраните средства беа наменети за реновирање на основните училишта во Македонија. Веројатно, малкумина од трисетилјадната публика на последниот концерт на Тоше запаметија зошто и за каква цел пееше тој на 5 октомври, кога се собраа 150.000 долари. Едноставно, хуманоста на Тоше беше „подразбирлива“ работа, зашто тоа беше дел од неговата природа. Неколку години наназад, тој секогаш на крајот на декември одржуваше хуманитарни концерти... Тоше беше амбасадор на УНИЦЕФ, Тоше беше... - хуман! Покрај сета музичка убавина, Тоше ни ја остави и хуманоста во аманет. Неодамна, т.е на 3 декември, во Универзална сала беше одржан хуманитарен концерт за собирање средства за лекување на тригодишниот Тео Тасев. На различни начини (продадени билети во Универзална сала, јавувања на посебни броеви од сите мобилни оператори, поединечни донации), беа собрани 42.000 евра, кои сепак се скромен прилог во скапото лекување. Она што овој хуманитарен концерт некако го издвои од сите кои се организирале претходно (а се организирале многу), покрај медиумската извиканост е тоа што речиси сите учесници како погласно да ја манифестираа свеста дека хуманоста не треба да се манифестира инцидентно, туку дека таа треба да стане секојдневен природен, составен дел од нашата култура на живеење. Хуманоста е привилегија за оние што ја поседуваат и практикуваат. Но, прашањето што остана да виси во воздухот е дали хуманоста се добива само ако се вика на цел глас? Многу е логично дека на оние што им е потребна помош немаат многу сила, а имаат големи маки и срам тоа самите да го побараат. И затоа хуманоста започнува со прашањето - дали ви е потребна помош? И затоа хуманоста треба да ни се случува секој ден. И затоа кога помагаме, не треба секогаш да викаме на сиот глас. Во предновогодишниве денови во тек е акцијата за собирање средства за Клиниката за детски болести во Скопје. Со купена честитка од „Македонска пошта“, со мотиви „Неоткриена Македонија“ се донираат по 50 денари за оваа акција. На телевизиите веќе се вртат рекламни спотови со познати лица од македонската естрада ( Ламбе Алабаковски, Тони Михајловски, Лила М. Стојановска, Сања Николиќ, Александар Билјановски - Дадар...) кои апелираат за учество во оваа акција, која би требало да заврши со ТВ- шоу на 26 декември. Инаку, оваа хуманитарна акција не се случува првпат. Минатата година беа собрани 700.000 денари. Надежите се дека годинава таа сума ќе биде надмината. Концертите се добра форма на канализирана хуманост, но добрината и сочувството не треба да завршува со нив. Хуманоста не е задолжителна, но секако е привилегија за оние што ја имаат и ја искажуваат!