МЕГА ЅВЕЗДАТА ТОШЕ ПРОЕСКИ НЕКОЛКУ МИНУТИ ПО ПОЛНОЌ НА ПЛОШТАДОТ "МАКЕДОНИЈА" ИМ ПОСАКА НА ПРИСУТНИТЕ ДОБРО ЗДРАВЈЕ, ЉУБОВ И ДА НЕМААТ ЗЛОБНИ И ЗАДНИ МИСЛИ
-Среќна Нова година и добро здравје, тоа е нешто што најмногу ни треба,
но и многу љубов, бидејќи тоа е единственото мото што го движи животот и
светот воопшто, а за жал во последно време е отсутна. Затоа во иднина
дефинитивно повеќе треба да се практикува ти да ме сакаш мене, јас да те
сакам тебе и да немаме задни и злобни мисли, беше празничната порака на
македонската мега ѕвезда Тоше Проевски што неколку минути по полноќ им
ја посака на присутните на Плоштадот "Македонија".
Точно на полноќ, со почетокот на Новата 2006 година светкаво небо,
исполнето со илјадници бои, блескаше над скопскиот плоштад. И годинава
огнометот беше дел од новогодишниот декор, додека музичката забава беше
целосно од домашно потекло, на бината се појавија сите поголеми естрадни
звезди од земјава меѓу кои Тоше, Есма, Синтезис, Бени... На журката беа
застапени повеќе музички стилови, се најде за секого по нешто,
посетеноста беше солидна. Додека течеше богатата пиротехничка забава,
последните мигови од старата и првите од новата година беа одбележани со
оперски арии како во големите светски и европски градови. Барем за миг и
нашиот град заличе на метропола.
Добар дел од скопјани, славеа во домашна атмосфера со најблиските, но се
разбира според вкусот и џебот полни беа и кафулињата, дискотеките,
кафеаните и рестораните. Ноќта скопските улици беа полни со луѓе, имаше
раздвиженост, се пееше и играше. Најлудата ноќ, навистина и беше тоа.
Годинава прв пат се славеше и во новоформираната скопска општина
Аеродром. Нејзиниот градоначалник Кирил Тодоровски беше со своите
сограѓани. Тој им посака да бидат посреќни не само во периодот на
неговиот мандат, туку и потоа. Тодоровски беше задоволен од посетеноста
на новогодишната забава, што Општината ја организираше за аеродромци
пред ТЦ Бисер
1 јануари 2006