- Среќен сум зашто станува збор за голем договор што го подготвуваме аналитично и доста време. Се надевам дека соработката со „Пипл ин моушн“, кои ќе бидат мои претставници во Англија, ќе се одвива одлично. Почнаа со работа и веќе ме известија дека е договорена соработка со повеќе светски композитори и текстописци што треба да ми прават песни за албумот - вели Проески.
Неговата менаџерка Лилјана Петровиќ ќе биде дел од тимот што ќе се грижи за неговата европска кариера. - Откако го освоивме Балканот, наша следна цел е Европа. Ќе ни треба многу среќа да го оствариме нашиот план. Ќе го одржам ветувањето од пред неколку години дека, без разлика дали Тоше ќе направи светска кариера, никогаш нема да ја заборавиме Македонија. Оваа земја и понатаму ќе биде наша база и секогаш во слободното време ќе доаѓаме овде.
Дневник / 20.04.2006
Тоше тргнува кон британските топ листи
Вечер / 20.04.2006
Брилијатната балканска поп ѕвезда Тоше Проески на трети мај треба да биде во Англија, каде е договорено да потпише договор со маркетинг компанијата "Пипл ин моушн", со која, ако се тргне во најдобар ред, ќе биде лансиран како европска ѕвезда. Претпоставките на неговата менаџерка Лилјана Петровиќ се многу оптимистички дека - Тоше како и Кајли Миног (од Австралија) ако прво успее да влезе на официјални британски топ листи, оттаму лесно ќе ја "скрши" и Америка. За се треба време, но кога станува збор за Тоше може слободно да се очекуваат такви успеси. Тој, од вчера, неколку дена е во филмскиот град во Софија, заедно со Сара Леши, режисерот Дејан Миличевиќ и целата екипа, каде го доснимуваат спотот за песната "Жао ми је". Иако во медиумите се пишуваше дека љубоморното момче на Сара и брани да снима со Тоше, самото заминување на Сара укажува дека проблемите од тој тип веќе се надминати.