Според сведочењето на возачот на камионот со италијански регистерски таблици, возачот на автомобилот возел пребрзо и удрил во приколката на камионот, а потоа и во заштитната ограда. Се претпоставува дека до несреќата дошло поради недоволна одалеченост меѓу возилата во текот на возењето. Возилото "Фолксваген Туарег" удрил во приколката на камионот, по што завршил во тревната површина. Хрватските медиуми неофицијално јавија дека возачот заспал, што било причина за несреќата. Во моментот на судирот, во возилото неофицијално спиел и Проески. Според хрватската полицијата, 26-годишниот македонски пејач загинал на лице место. Владата најави дека денешната седница ќе ја започне со едноминутно молчење по повод трагичната смрт на македонскиот поп пејач Тоше Проески. Премиерот Никола Груевски ги задолжи Министерството за надворешни работи и државнот Протокол заедно со семејството на Проески да ги организира сите детали околу преносот на посмртните останки на Тоше. Биографија на Тоше Проески Тоше Проески, кој денеска трагично загина и беше од најпознатите музичари во Македонија и на Балканот е роден на 25, јануари 1981 година во Крушево. Toj пред само десет дена одржа голем хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, што беше негов последен настап пред бројните обожаватели во Македонија.Популарниот
Тоше музичката кариера ја започна во 1997 година на фестивалот за млади таленти "Мелфест" во Скопје. Негови први хитови се песните "Пушти ме" (1997) и "Остани до крај" (1998). Тоше Проески соработуваше со дел од најдобрите македонски композитори Григор Копров, Кире Костов, Кристијан Габроски, Хари Котларовски, и текстописци Огнен Неделковски, Миодраг Врчаковски и други автори. Имаше големи успеси и во соработката со музички автори од регионот, меѓу кои и Жељко Јоксимовиќ, Марина Туцаковиќ, Леонтина и многу други. Проески во Македонија освои бројни награди за албумите "Некаде во ноќта" и "Божји син", а многу пати е прогласуван за личност на годината според гласовите на македонската публика.Проески се здоби со голема популарност и во државите во регионот. Во октомври 2001 година одржа концерт во престижниот "Сава Центар" во Белград, што беше исполнет до последното место. Тоше во 2004 година ја претставуваше Македонија на "Евровизија" во Истанбул, каде го освои 14 место. Во 2004 година беше прогласен за амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја објави и песната "За овој свет" што набрзо стана ултра хит.
Менаџерката на Тоше е полесно повредена, возачот има потрес на мозокот Ѓорѓе Ѓорѓески (32) од Скопје, возач на "Туарегот" во кој загина мега ѕвездата Тоше Проески поради потрес на мозокот неколку дена ќе биде задржан на лекување во Хрватска, јавија хрватските медиуми. Неговата менаџерка Лилјана Петровиќ (49) е полесно повредена и е хоспитализрана во болницата во Нова Градишка.
Несреќата се случи утринава околу 6 часот и 30 минути, на два километри од клучката кај Нова Градишка, при судар на "Фолксваген Туарег" со сребрена боја и камион. На лице место починал Проески откако џипот во кој се возел удрил во приколката на камионот , а потоа се одбил во заштитната ограда. Според ХРТ, сведоци тврдат дека автомобилот со македонски регистарски таблички возел пребрзо. Собранието на Република Македонија денеска нема да има активности поради трагичната смрт на Тоше Проески. Пратениците со едноминутно молчење и оддадоа почит на нашата најголема музичка ѕвезда. Тоше Проески загина утрово во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска.
Нуиќ: Непочитување на сообраќајните прописи причина за сообраќајната несреќа на Тоше
Портпаролката на Бродско-посавската полициска управа на Република Хрватска Ката Нуиќ по завршениот увид на местото несреќата за МИА изјави дека Тоше Проески загинал на самото место на несреќата, а неговите сопатници Лилјана Петровиќи и Ѓорѓе Ѓорѓевски се пренесени во болница во Нова Градишка. "Во оваа сообраќајна несреќа смртно настрада Тодор Проески, додека другите две лица се здобија со телесни повреди и се пренесени во болница во Нова Градишка", рече Нуиќ. "Поради непочитување на сообраќајните прописи, односно неодржувањето на потребното растојание помеѓу возилата, дошло до удар на предниот дел на "туарег-от" со странично левиот дел на полуприколката на товарното возило со италијански регистарски таблички, за потоа да дојде до занесување на "туарег-от" и удар во заштитната средишна ограда", информираше Нуиќ. Несреќата се случила утрово во 6 часот и 25 минути на 170-тиот километар од автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка. Во несреќата 32-годишниот државјанин на Македонија Ѓорѓе Ѓорѓевски управувал со автомобилот марка "туарег" со македонски регистарски таблички, во кое патувале и Проески и Петровиќ. Нуиќ додаде дека увидот е завршен во 9 часот и 45 минитуи и дека сообраќајот на автопатот кој течел со намалена брзина повторно е нормализиран.
Весна Петрушевска - Бејби: Последното интервју Тоше го имаше во "Вртелешка" Веднаш по снимањето на "Вртелешка" (понеделник) Тоше тргна за Ниш, од каде што заедно со Лилјана Петровиќ, неговата менаџерка, замина за Загреб за да ги реализираат обврските поврзани со новите спотови.
Во телефонски разговор неговата пријателка Весна Петрушевска ни кажа: - Во шок сум, веста ја дознав утрото во 8 часот и не можам, не сакам да верувам дека Тоше загинал. Трагедија за Македонија, трагедија за моето семејство, особено што професионално почна и заврши со мене. Ми беше гостин во првата и вчера, за жал, во последната "Вртелешка". Беше убаво расположен, малку кривеше на една нога, се повредил во игра со својот одбојкарски тим, составен од неговите другари од детството. На тоа беше особено горд. Ми кажа дека не верува во новонастанатите пријателства, зашто оние со корен се за цел живот, затоа другарите од Крушево му беа на прво место. Интервјуто помина одлично, беше духовит, а по снимањето се подготвуваше за Загреб - го очекуваше снимање на два спота и гостување во некои емисии. Попатно требаше да ја земат менаџерката Лилја од Ниш и да продолжат за Загреб. Спомна дека има многу доверба во возачот Ѓоле, дека ќе возат наизменично и дека со душа чека да му завршат сите обврски и да си отиде во својата воздушна бања во Крушево. Тоше беше нешто со што се идентификуваше секој Македонец, бев горда што си го имаме муабетот, што му остана прекарот Бајадера. Тоше со своите 26 години живееше турбо - како да има трипати по толку. Човек што не правеше разлика меѓу богатите, сиромашните, модерните, малите, големите... Со цело срце им се даваше на сите. Неверојатна енергија имаше во него. Кога слушна дека ги имам Кики и Мина, ми се јави да ми честита и да не' покани на концерт пред една година во Универзална сала. Тоа е првиот концерт на Кики. Инаку, бев на сите негови концерти, му доделував награди, се радував со него... Пред неколку часа се јавив кај мајка му на Тоше, Доминика, ми вели - не сме ние за гледање, не доаѓај, Весна! Замина ангел, а со него и дел од нас!
Никша Братош: Денеска требаше да работиме заедно
Тоше Проески во моментот на несреќата патувал кон Загреб. Денеска тој требало во студиото на Никша Братош да ја снима англиската верзија на еден од своите хитови. "Пред се, оваа трагедија ми е тотален шок. Се слушнав со него пред неколку дена и денеска тој требаше да дојде кај мене. Некогаш човек се прашува зошто таквите луѓе заминуваат во моментот кога можат уште толку многу да дадат. Беше привилегија да се соработува со него. Беше толку прекрасна, скромна и позитивна личност. Премалку е да се каже дека прерано замина", задржувајќи ги солзите изјави Братош за хрватскиот весник "Вечерњи лист".
Тони Цетински: Имаше добрина за сите
Потресен беше и Тони Цетински кој добро го познаваше Тоше, и имаше дует со него за песната "Лагала нас мала". "Беше човек каков никогаш порано не сум запознал, имаше љубов и добрина за сите. Бевме толку добри што се викавме еден со друг "братко". Без оглед на младоста беше мудар, скромен, драг и добар. Замина прерано. Се слушавме секој пат кога ќе дојдеше во Хрватска. Нашата професионална соработка беше плод на пријателство, а не на интерес. Се уште не можам да поверувам дека го нема. Неговата трагедија само ја покажува онаа страна на нашата работа која луѓето не ја гледаат и не разбираат на какви се ризици се изложуваме секој пат кога одиме на свирка", изјави Тони Цетински.
Утрински / 16.10.2007