Програмата ја проследи и премиерот Бранко Црвенковски со семејството, кои со купените билети беа донатори на манифестацијата На хуманитарниот концерт на најголемата македонска ѕвезда Тоше Проески, наречен "Со музика за живот", кој се одржа завчеравечер, во Универзалната сала во Скопје, беа собрани околу 16.000 евра, а донаторите подарија многу свои производи. Средствата се наменети за реновирање на Клиниката за детски болести - Скопје. Концертната програма, која траеше повеќе од два часа, ја проследија и премиерот на Република Македонија Бранко Црвенковски, неговата сопруга Јасна и двете деца, како и други претставници на политичкиот врв и на дипломатските претставништва во земјава. Со купените билети тие беа донатори на манифестацијата. - Ова е посебна вечер, бидејќи ќе пеам за тие на кои навистина им треба помош. Затоа би сакал да им се заблагодарам на сите хумани луѓе што го поддржаа овој хуманитарен концерт - им се обрати Тоше на присутните во салата. Покровител на настанот беше "Космофон", кој купените билети им ги подари на децата од Домот за деца без родители "11 Октомври". Универзална сала како и секогаш ја ослободи салата без надомест. Донатори на овој хуманитарен концерт беа повеќе македонски фирми и компании, кои со купените влезници по цена од 1.000 денари, дадоа свој придонес. Веројатно сумата на влезницата беше причина што Универзална сала не беше исполнета до последно место, што обично се случува на концертите на нашата најголема ѕвезда. А тие што го проследија настанот (ги имаше повеќе од 1.000) имаа можност да уживаат во одличната интерпретација на познатите хитовски теми на Проески. Уште при првите акорди на композицијата "Немаш ни благодарам", со која Тоше го почна концертот, се почувствува раздвижување во публиката. Тоа што следуваше беше веќе познатата слика од концертите на оваа поп-ѕвезда. Расположение, пеење и неизбежните дечиња, кои се качуваа на сцена за да го бакнат своето милениче и да му подарат некоја играчка. Гостинка на концертот беше Есма Реџепова, која отпеа неколку нумери. Меѓу расположената публика беа и поранешните девојки на Тоше, ракометарката Андријана Будимир и водителката Бојана Тефчева. Харизматичниот Проески и во овој случај ја потврди големата пејачка димензија, но и големата хуманост. Во текот на годината тој настапи и на три хуманитарни концерти надвор од земјава. Истовремено како амбасадор на "Уницеф" за регионов учествуваше на четири хумани манифестации.
0 Comments
Leave a Reply. |
Archives
September 2021
|