Нетпрес / 12.09.2007
Фајнал Кат Продакшн, менаџерската куќа на поп ѕвездата Тоше Проески должи околу 152.000 евра за неплатен данок. Управата за јавни приходи води постапка за присилна наплата за даночен долг во износ од околу 151.713 евра, или поточно 9.330.394 денари на основ на ДДВ, персонален данок по договор за дело, персонален данок и други лични примања. Како управител на Фајнал Кат се јавува менаџерката на Тоше, Љиља Петровиќ, која е единствената пријавена во оваа фирма. Таа иако е даночен обврзник со заснован работен однос во продукциската куќа, според Управата за јавни проходи нема поднесено Годишна даночна пријава за 2006 година. Љиља Петровиќ, како странски државјанин, врз основа на работниот однос во Фајнал Кат има извадено лична карта за странски државјанин кој престојува во Македонија. Но, поради стечајната постапка на продукциската куќа, на Љиља ќе и престане работниот однос и таа ќе биде одјавена. Љиља вчера ни потврди дека Фајнал Кат има долгови кон УЈП, но дека таа лично немала дополнителни приходи, освен платата за да поднесува годишна даночна пријава. Вели таа сума од околу 152 илјади евра е долг со камати. Фајнал Кат и УЈП имале потпишано договор за плаќање на рати. Продукциската куќа, според Љиља има платено две рати. - УЈП ни бараше банкарска гаранција, но ние немавме никаква гаранција. Сметката ни беше блокирана повеќе од една година, заради што ни го раскинаа договорот. Јас не сакав Фајнал Кат да оди во стечај, јас не поднесов барање, но сметките беа блокирани и немаше друг излез - вели Љиља. Менаџерката на поп ѕвездата Тоше вели дека загубите на фирмата започнале по Евровизија 2004, кога Македонија ја претставуваше Тоше. - Јас сама ги сносев трошоците, поточно Фајнал Кат. Само за спотот се дадоа некои пари. Останатото, од патни трошоци до се останато сносевме сами. Загуби имаме и од петте албуми - изјави Љиља, која не знае да објасни зошто се во музичкиот бизнис ако постојано работат со загуба и како двајцата стекнаа стотици квадратни метри недвижен имот и неколку џипови вредни стотици илјади евра! Ќе ја тужам државата поради пиратеријата Менаџерката на Тоше, Љиља Петровиќ, не сакаше да каже дали Фајнал Кат има доволно имот за да го исплати догот кон државата за време стечајната постапка. Вели ќе ја тужела државата, па ќе се видело кој повеќе ќе добие. - Ќе ја тужам државата за дозволената пиратерија. На пет албуми се правеше пиратерија. Ако сите плаќаат ДДВ поинаку ќе биде. Фајнал Кат не опстоја во државата бидејќи во државата не опстануваат продукциските куќи поради пиратеријата. Трошоците за еден албум се 80.000 евра, за се заработуваат 1000 евра и сето тоа поради пиратеријата - вели Љиља, која ЦД-ата на Тоше ги продаваше по 100-тина денари, дистрибуирајќи ги преку дневен весник, токму за да се избегне пиратеријата. Таа е задоволна што конечно во државата се презема нешто со пиратеријата. Но за Фајнал Кат е веќе доцна. Вели пиратеријата дополнително го исцедила буџетот на Фајнал Кат поради што стечајот бил неминовен. Други долгови, според управителот Љиља Петровиќ, Фајнал Кат нема. Ни изјави дека морално тврди дека нема судски спорови против Фајнал Кат, особено не добиени спорови. - И тие што имаа спорови изгубија. Имаше некои спорови за неодржан концерт, но тој спор заврши и Фајнал Кат ништо не должи. Екипите за концертите и турнеите се исти. Има сменето само еден човек, кој не го избркав ја, туку неговиот тим што не е моја работа, но нема добиен спор. Долгови немаме - додава Љиља. Стечајот на Фајнал Кат нема да влијае врз кариерата на Тоше, тврди неговата менаџерка Љиљана Петривиќ. Според неа, Тоше со продукција влегол во нова фирма, односно сите надлежности и обврски ги презема Аворд.
Нетпрес / 12.09.2007
0 Comments
Leave a Reply. |
Archives
September 2021
|