- Каде и да настапувам, се трудам достоинствено да ја претставам мојата земја, ова не е само моја победа, туку и на Македонија - изјави Проески Македонската мегаѕвезда Тоше Проески победи на првото издание на фестивалот "Беовизија", кој се одржа завчера во белградскиот центар "Сава", на кој од идната година ќе се избира претставникот на Србија и Црна Гора за европската музичка манифестација "Избор за песна на Евровизија".
- Ја посакував оваа победа, но не бев воопшто оптоварен со неа. Најважно ми беше да имам добар настап и на публиката да и се допадне песната. Навистина сум среќен, но ова не е само моја победа, туку и на Македонија. Каде и да одам, се трудам достоинствено да ја претставам мојата земја. Од тие мотиви веднаш по победата, кога се искачив на сцената, прво упатив поздрав до мојата публика во Македонија - изјави Тоше во краткиот телефонски разговор. За победата решаваа гласовите на стручното жири составено од познати имиња од музичкиот свет на Србија, публиката во салата и гледачите преку СМС-пораки. Песната "Чија си", на веќе докажаниот авторски тандем Леонтина-Жељко Јоксимовиќ, со која Тоше се претстави во втората натпреварувачка вечер, освои 75 бода и убедливо победи оставајќи ги зад себе второпласираната Теодора Бојовиќ ("Мој свет си ти") и големата југословенска ѕвезда Жељко Самарџиќ ("Јас те сакам повеќе"), на кој му припадна третото место. Проески убедливо ја освои и наградата од гледачите, кои гласаа преку СМС-пораки. Неговата победа на оваа музичка манифестација е од голема важност и поради фактот што тој се натпреваруваше со пејачките ѕвезди: Беби Дол, Марина Перазиќ, Екстра Нена, Маја Николиќ... Ова е вторпат Тоше да освои прво место на интернационален или домашен фестивал. Досега за него беше "резервирано" второто место.