Бисерка Велковска-Блажева
Реки народ се слеваа кон Градскиот стадион во петокот вечер, улиците беа блокирани како во најголемиот шпиц во 15.30 часот, такси ни за лек... Причината - една и единствена - хуманитарниот концерт на нашата мегаѕвезда Тоше Проески! Истата слика можеше да се види и подоцна, по полноќ, кога заврши маратонското, речиси 4-часовно спектакуларно шоу во кое Тоше уште еднаш целосно & се предаде на својата верна публика, не штедејќи ги гласот и емоциите. Браво, мајсторе! Речиси 30.000 обожаватели дојдоа да го видат и да го слушнат својот миленик, кој овојпат пееше под мотото „Образованието е одговорност за сите“, за обнова на основните училишта низ Македонија. Јужна - исполнета до последното седиште, публика имаше дури и на исток и на запад, сцената беше повлечена уште поназад од минатиот пат, а партерот распослан на повеќе од половина од игралиштето. Концертот, во организација на продукциската куќа „Аворд ентертејнмент“ и на УСАИД, беше дел од кампањата на Министерството за образование и на Младинската асоцијација на средните стручни училишта во Македонија. Собраните средства ќе се најдат на транспарентна жиро-сметка за која ќе се грижат претставници на Министерството за образование, чија задача ќе биде парите да стигнат до училиштата на кои им се потребни. Во самиот почеток на присутните им се обратија американската амбасадорка во Македонија, Џилиен Миловановиќ, и министерот за образование Сулејман Рушити. Журката почна со насловната тема на најновиот албум на Тоше - „Игри без граници“, а хитовите се редеа - нови и стари. Пејачот, придружуван од својот бенд „Блу фанки индивидуалс“, заблеска на сцената како што & прилега на голема музичка ѕвезда, а присутните го отпеаја со него буквално секој стих, од почетокот до крајот. Громогласно прозвучија „Душа остана“, „Месечина“, „Среќна ли си ти“, „Громови на душа“, „Кој ли ти гризе образи“, „Рани на усните“... Надвор од сценариото Тоше фантастично ја изведе „Нотхинг Елсе Маттерс“ на „Металика“, а јужна трибина се претвори во ѕвездено небо со блесокот на илјадници мобилни телефони. На сцената му се придружија и повеќе гости од земјите на поранешна Југославија. Заедно со својот текстописец од Хрватска Антонија Шола, Тоше го изведе хитот „Волим осмех твој“, а Шола уште ја отпеа и својата „Зовем да ти чујем глас“. Од Црна Гора допатува Бојан Маровиќ, со кого ја изведе незаборавната „Тајно моја“, по што прозвучи и хитот на Црногорецот насловен „Моја малена“. Годинешната евровизиска претставничка на Босна и Херцеговина Марија Шестиќ ја изведе својата „Река“, а заедно со нашата мегаѕвезда и „Симплѕ тхе Бест“ на Тина Тарнер. Од македонската поп-естрада со хитовите „Сам се лажам“ и „Брилијанти“ како гостин настапи Адријан Гаџа. Кон крајот, некаде пред полноќ, концертот доби и фолк-нишка, со изведбата на „Несаница“ од саундтракот на филмот „Ивкова слава“, а кога одекнаа звуците на „Мајка на Марика думаше“, падна и понекое оро околу сцената. Спектаклот заврши со доделувањето на статуетките со ликот на Мајка Тереза на Тоше и на неговата менаџерка Лилјана Петровиќ, како и на гостите Шола, Маровиќ, Шестиќ и Гаџа. Им ги додели Стојан Тренчевски од Фондацијата на Мајка Тереза, а огнометот за крај беше круна на прекрасната вечер. Се на се, Тоше Национале оствари извонредна комуникација со својата публика и уште еднаш ја покажа сета своја големина, својата хумана страна, докажувајќи дека, како што го стори тоа во Македонија и на Балканот, има моќ да завладее и со светот. Многу наскоро. Дваесет минути од концертот во живо се емитуваа на телевизијата А1 и на сателитскиот канал А1-плус.
Тоше одржа лекција по хуманост
Дневник / 08.10.2007 Милена Атанасоска
Настанот беше поддржан од американската организација УСАИД и Министерството за образование и наука на Македонија , кои очекуваа да се соберат 150.000 долари наменети за училиштата Веројатно никогаш нема точно да знаеме што чувствуваше нашата мегаѕвезда Тоше Проески кога очите на околу 20 илјади луѓе беа насочени кон него, но сигурно е дека адреналинот на публиката на хуманитарниот концерт што се одржа на Градскиот стадион во петокот вечерта беше на највисоко ниво цели три часа. Под мотото „Образованието е одговорност на сите“, Тоше пееше во името на сите ученици од нашата земја кои чекаат училиштата да бидат реновирани и да добијат подобро образование. Концертот беше поддржан од американската организација УСАИД, од каде што претходно најавија дека од концертот очекуваат да се соберат 150.000 долари за поддршка на македонското образование. Тоше, како и на секој свој концерт, публиката ја поздрави клекнувајќи пред неа, но тој емотивен момент овој пат никого не остави рамнодушен. Ни самиот не можеше да верува колку луѓе дојдоа да го поддржат во името на хуманоста. - Како што поминува времето се навикнувам на ова, но кога пеам пред моите луѓе ми е најубаво. Не треба да заборавиме дека за македонското образование сме одговорни сите. Посебно ми е драго што во оваа мисија сум поддржан од земјата што мојата татковина ја нарекува Македонија - изјави мегазвездата што третпат го наполни Градскиот стадион и повторно влезе во македонската музичка историја како единствен македонски пејач што постигнал ваков успех. Пред публиката, за која Тоше изјави дека му е драго што веќе не е составена само од девојки, туку и од многу љубовни парови, говореше и амбасадорката на САД во Македонија, Џилијан Миловановиќ, како и министерот за образование и наука, Сулејман Рушити, кои го поздравија проектот што е многу важен за училиштата. Амбасадорката доби голем аплауз, но министерот Рушити беше исвиркан од сите ученици што беа на настанот. Музичката програма почна со „Игри без граници“, насловната нумера на најновиот албум на Проески, а првиот блок всушност беше премиерна изведба на неколку песни од истиот. Иако е објавен само пред еден месец, публиката наизуст ги пееше сите песни заедно со Тоше, кој беше изненаден од нивната реакција. „Месечина“, „Никој како тебе не бакнува“, „Боже, чувај ја од зло“, „Душа остана“, „Цреша“ во живо звучеа перфектно, а бендот што го следи Тоше на секој негов настап уште еднаш ја докажа својата големина. Првата гостинка на концертот беше неговиот хрватски текстописец Антонија Шола, која изјави дека и' е чест што пишува за ваков човек и заедно го отпеаја нивниот дует „Волим осмјех твој“. Тоше запеа и со Бојан Маровиќ, кој не ги криеше солзите кога ја пееја „Тајно моја“, а со годинашнава евровизиска претставничка на Босна и Херцеговина, Марија Шестиќ, одлично ги исполнија нејзината „Ријека без имена“ и големиот хит на Тина Тарнер, Simply the best. Одличен настап имаше и Адријан Гаџа, кој со своите танцувачки способности добро ја размрда публиката. На концертот не се појавија Марија Шерифовиќ и Аленка Готар, кои беа најавени како гости. Импресивна глетка беше ѕвезденото небо што се појави на Јужната трибина на нумерата Nothing else meatters. Својата големина Тоше ја покажа кога го извади мобилниот телефон и направи уште едно хумано дело, донира пари за лекувањето на малиот Тео Тасев и ги замоли сите што се во можност да го направат истото. Познатата изрека „Никаде не е како дома“ дефинитивно важи за нашата најголема ѕвезда, бидејќи Проески овој пат се даде максимално, црпејќи енергија од својата публика, не дозволувајќи атмосферата да падне во ниту една секунда. Коментарот на задоволната публика што како река го напушташе стадионот беше: „Никогаш не сме го виделе ваков“. Тоше немаше бис, а публиката не ни бараше, можеби бидејќи три часа беа едно во уживањето и пеењето, а прекрасниот огномет беше најубавата завршница што секој можеше да ја посака. Статуетки „Мајка Тереза“ за сите учесници Здружението „Мајка Тереза“ на сите учесници на концертот им додели статуетки со ликот на Мајка Тереза. Нив ги добија менаџерката на Тоше, Лилјана Петровиќ, Адријан Гаџа, Бојан Маровиќ, Марија Шестиќ, Антонија Шола и секако Тоше, кој наградата им ја додели на своите родители, кои го бодреа од првиот ред. - Вие ми ја всадивте хуманоста во мене, наградата е ваша - рече тој.
Тоше го преполни Градски стадион
Утрински / 08.10.2007
Повеќе од три часа 25.000 публика ги пееше со Проески неговите најголеми хитови Еуфоричен на сцена Катерина Шекеровска Реки народ, големо обезбедување, пренасочен сообраќај и долги колони на влезовите беа дел од атмосферата на петочниот концерт на Тоше Проески на Градски стадион. Над 25.000 фанови од целата земја го преполнија стадионот и беа сведоци на една неповторлива вечер чија големина ја дополни и префиксот - хуманост. Тоа беше вечер во која Тоше, Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и Министерството за образование, под мотото „Образованието е одговорност на сите“, организираа настан од кој најголемиот бенефит ќе го има токму нашиот подмладок – имено, средствата од концертот (околу 150.000 долари) ќе се наменат за обновување и реновирање на основните училишта во земјава. „Не можам да верувам во колкав број ве има вечерва! Драго ми е што сте дојдени од цела Македонија и од моето Крушево. На мое огромно задоволство, ова е мој трет концерт овде, а посебно ми е чест што е хуманитарен“, рече Тоше во почетокот на концертот, на кој поздрав до публиката упатија и амбасадорката на САД Џилијан Миловановиќ и министерот за образование и наука Сулејман Рушити. Под ведро небо (дождот се обиде, но не успеа во своите намери да ја расипе вечерта) малку по 20,30 часот се случуваше она за кое сите беа дојдени - големиот концерт на Тоше и неговите пријатели. „Просто е неверојатно колку брзо ги научивте текстовите на новите песни“, рече Проески, кој првиот дел го посвети токму на последниот албум. Стартуваше со „Игри без граници“ и громогласен придружен вокал - 25-илјадната публика, „Никој како тебе не бакнува“, „Боже, чувај ја од зло“, „Месечина“... Следува аплауз за гостинката од Хрватска - Антонија Шола и дуетот „Волим осмијех твој“ и специјален поздрав за американската амбасадорка Миловановиќ. Тоше и' ја посветува „Nothing Else Matters“, а таа, во знак на благодарност, потпевнува и носи маичка со неговото име. Градски изгледа како големо ѕвездено небо, се слушаат скандирања „Тоше, Тоше“! Слушаме уште една од новите песни, „Цреша“ - Тоше признава дека му е автобиографска, се редат „По тебе“, „Рани на усните“... „Најголема трема имам кога треба да пеам дома, но токму ова што се случува вечерва, токму поради вас живеам, работам и ја претставувам Македонија надвор најдобро што знам и умеам“, вели Тоше, не криејќи ги емоциите и задоволството. Момент потоа публиката го поздравува и црногорскиот пејач Бојан Маровиќ (тој и Шола беа најсликани зад сцената) и се случува невообичаен дует - „Тајно моја“ во изведба на Тоше, Бојан и публиката. По настапот на гостинот, се пее „Срце није камен“, „Вежи ме за себе“, ја видовме и гостинката од БиХ, евровизиската претставничка Марија Шестиќ и „Ријека без имена“, а момент потоа заедничка изведба со Тоше на светскиот хит „Simply the Best“ (помага и Ирена)... По „Љубена“, го гледаме Адријан Гаџа, уште еден од гостите - прави мини денс шоу, Тоше признава дека ми недостасуваат постарите песни и пее „Во коси да ти спијам“, „Усни на усни“, „Чија си“... Тоше не ги штедеше бакнежите за колешката од Хрватска, Антонија Шола Нема песна која публиката не ја знае наизуст. Се случуваат ора на „Несаница“, „Мајка на Марика думаше“ завршува со скандирање „Тоше, Тоше“! Во емотивно набиената атмосфера, за крај на спектаклот, се доделуваат статуети „Мајка Тереза“ - првата оди во рацете на менаџерката на Тоше Лилјана Петровиќ, добиваат и гостите, а за Тоше - специјално осветена статуа на Мајка Тереза со благослов на папата Бенедикт 16. „Статуетата им припаѓа на мајка ми и татко ми. Тие ми ја вкоренија хуманоста“, рече Тоше, предавајќи ја статуетата Мајка Тереза во рацете на неговата мајка Доменика. Публиката реагира бурно и по 3 часа и 15 минути се однесува како сега да почнал концертот. Полна со енергија, позитивни мисли и чувство дека со секоја купена влезница им помага на овие и на идните генерации, задоволно го напушта стадионот. Големата вечер завршува со огномет и надеж дека и другите колеги ќе го следат примерот на Тоше и ќе бидат дел од вакви и слични хуманитарни акции.